Култура
Десеттата археолошка кампања на Врбјанска Чука ќе биде крунисана со музички настан

Годинава се изведува десеттата археолошка кампања на локалитетот Врбјанска Чука, а која е резултат на континуираната соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп. Целта на ова мултидисциплинaрно истражување, во кое се вклучени и бројни европски институции, е темелно разбирање на неолитската населба на локалитетот и неговото подоцнежно функционирање во антиката и средниот век.
Во текот на овогодишното истражување кое се реализира во август, проучувањата се насочени кон прецизно дефинирање на една од масивните неолитски градби детектирани при геофизичкото скенирање и преку ископувањето во северниот дел на археолошката сонда. Овој неолитски објект импресионира со своите димензии, но исто така и со архитектонските обележја и материјалната култура откриена во него. Имено, станува збор за комплексна градба која има долготрајно користење, потврдено преку повеќето обновувања во рамки на нејзиниот габарит. Во неа присутни се неколку глинени структури (сандаци), извонредно сочуван компактен под, како и неколку садови сликани со импресивни орнаменти карактеристични за Пелагонија. Интересно е што дел од овие садови имаат сликање досега единствено познато во Источна Македонија и дополнително ја потврдува комуникацијата и трговијата меѓу овие два региони во неолитот. Покрај садовите, во рамки на овој објект, но и во неговата околина, откриени се и бројни остатоци од фигурини, антропоморфни модели на куќи, жртвеници, камени секири, кремени алатки, кугли за праќа итн.
Паралелно со археолошките ископувања, се вршат и археоботанички анализи со стручњаци од Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Белград, а во теренската работа учествуваат и студенти од Универзитетот во Базел, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Кирил и Методиј“. На овој начин се потврдува интересот на странските институции, но и на младите студенти, за континуирани мултидисциплинарни истражувања и едукации кои непрестано се одвиваат во изминатите десетина години. Како резултат на оваа плодна децениска соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и бројни европски универзитети, во септември ќе се реализира јубилејна изложба во Завод и музеј – Прилеп, а во која ќе се претстават досегашните сознанија за археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
Исто така, и оваа година теренските истражувања на Врбјанска Чука традиционално се завршуваат со концерт на тумбата. Оваа година ќе настапи џез составот Next to Silence, кој за првпат ќе изведе дел од својот репертоар во анплагд издание. Концертот е дел од континуираната соработка меѓу Прилепскиот џез викенд, Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Прилеп, кој пак овозможува поинаква перспектива на овој археолошки локалитет. Овој настан придонесува кон поголемо акцентирање на предисториското културно наследство, но и за афирмирање на локaлитетот како можна туристичка одредница која ќе ги истакне културните потенцијали на Врбјанска Чука и Пелагонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Oтворен фестивалот „Македокс“ – во следните денови над 75 филмови на 5 локации

Високо кренати главици кромид во рацете на екипата и волонтерите е традиционалниот поздрав до публиката на отворањето на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Годинава фестивалот беше отворен на 21 август во Куршумли ан.
На отворањето на 16-тото издание на „МакеДокс“ во името на екипата се обратија Сара Ферро и Дарко Набаков, кои прво упатија благодарност до публиката што беше присутна во Куршумли ан на отворањето на „МакеДокс“ под мотото: „Кому му е гајле за реалноста?“
– Во овие осум дена, на пет различни локации, ќе можеме заедно да погледнеме повеќе од 75 филмови, да учествуваме во бројни дискусии со авторите по проекциите, да бидеме дел од два мастер класа, две изложби, пет дискусии под смоквата, три денови со документарнaта индустрија и, секако, да слушнеме многу ноќни приказни – истакна Сара Ферро.
– Живееме во време во кое вистината се менува побрзо отколку што можеме да ја сфатиме. Во време кога границата помеѓу фактите и фикцијата станува сè потенка. Затоа потребата да гледаме на работите внимателно, креативно, критички и со грижа никогаш не била поголема – додаде Дарко Набаков.
Двајцата изразија особена благодарност до две иницијативи што одлучија да берат гајле за сите нас, а не само за себе. Најпрвин, SupportKochani, за сè што направија за повредените од трагедијата во Кочани, и потсетија дека сметките за донација остануваат отворени. Втората благодарност ја упатија на луѓето од „Спас за Дошница“, кои неуморно се грижат за сите нас, за да живееме во здраво и природно опкружување.
На програмата на првата вечер беа краткиот документарен филм „Бардо“ на чешката авторка Вјера Чакањова и долгометражниот документарен филм „Само на земјата“ на Робин Петре. Во музичкиот сегмент „Ноќни приказни“, акустичен концерт одржа гитаристот Мухамед Ибрахими, додека полноќната музичка програма продолжи со диџеј-сет на Шурбе.
Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ се одржува од 21 до 28 август со програма распоредена во Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и „Лабораториум“ во Скопје. Мото на 16. „МакеДокс“ е „Кому му е гајле за реалноста?“. На фестивалот ќе бидат прикажани 75 документарни филмски остварувања, а се очекува присуство на околу 100 гости од странство.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.
Партнери на „МакеДокс“ се ППФП, МКЦ – Младински културен центар, Кинотека на Република Северна Македонија и фестивалската мрежа „Doc Around Europe“.
Шеснаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенција за филм на Република Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Амбасада на Франција, Француски институт, Амбасада на Кралството Холандија, Австриска Амбасада, Казино Австрија, Грчки филмски центар, Гете институт, Скопско смут, Амбасада на Република Чешка, Чешкиот културен центар во Софија, Младинскиот културен центар, Музеј на Македонија, Археолошки музеј, Факултет за ликовни уметности, такси „Глобал“.
Медиумски покровители на 16. „МакеДокс“ се МТВ – Прв програмски сервис, Слободен печат, Нова Македонија, Еспресо.мк, МКД.мк, УМНО.мк, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Инфо, Окно, Офф.нет, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена 5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Поп-ап, Види Вака, Гледај.мк, Кајгана Медиа, Култура Бета, Трн, Блен.мк и Медуза.
Култура
Погребана Габи Новак, на легендарната пејачка ѝ беше исполнета последната желба

Легендарната пејачка Габи Новак, чиј глас ги одбележа животите на генерации од цела поранешна Југославија, почина на 11 август.
Габи Новак беше погребана на Мирогој во семејната гробница. Нејзиниот погреб беше одржан во понеделникот во кругот на семејството, во крематориумот во Загреб, во согласност со нејзините желби, јавуваат денес хрватските медиуми.
Нејзината урна беше поставена во семејната гробница на Мирогој, каде што беа погребани нејзиниот сопруг Арсен Дедиќ, синот Матија Дедиќ и мајката Елизабета Рајман.
Култура
Изложбата „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“ на Лазе Трипков во рамките на Струшките вечери на поезијата

Во рамките на програмата на 64-тите Струшките вечери на поезијата во хотел Дрим беше отворена изложба „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“ – Лазе Трипков, кој е и автор на визуелните материјали, плакатот и изложбениот материјал на ова Фестивалско издание.
На изложбата претставени се 10-тина графички дизајнирани плакати со македонската глаголица.
„Моите дела се одредена рефлексија на тоа што треба да претставува самиот знак. Кога ќе го погледнете плакатот треба да пробате да ја разберете логиката на знакот. Тоа не се хиероглифски форми. Тоа се форми кои метафорички ја пренесуваат суштината на Библијата. Аз буки вједи, добро јест живјети, значи оној кој ги разбира буквите, знае да ги препознае и зборовите и ќе биде поблиску до Бога и ќе живее. Тоа била практично, нашиот живот е толку испревртен, предоминантен со технолошки оптеретувања, а тие едноставно пришле на тоа со голема логика и сенс. Со многу широко разорање направиле еден знаковен систем кој требало да ги образува сите словени“, вели Трипков.
Глаголицата за него, не е само елемент кој што живее во форма на изложба, туку глаголицата од пред три години ја префрлил во виртуелна реалност.
„Сметав дека начинот на кој што таа ќе кореспондира со публиката ќе биде подобро за директно да се доживее да се транскрибира тоа чуство, таа емоција која што таа ја носи до секој поединец што ќе го користи виорот. Со тимот на Галактик Омнивор ја развивме целата таа идеја. Заинтресираните имаа можност преку уред, очила да го доживеат тоа чуство од 9-ти век. Идејата е да се вратиме назад во 9 век со историски контекст, но со современа димензија која ќе може повеќе да го приближи на нашите денешни согледувања. Со виртуелната реалност сакаме да предложеме еден поинтерактивен пристап каде ќе кажеме дека уметноста и културното наследство одат рака под рака со технологиите. Ако не ги пратиме технологиите можеме и назад да останеме“, дециден е авторот.