Култура
Десетто издание на фестивалот Prilep Jazz Weekend

Во организација на здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, на 26,27,28 и 29 август 2021г, во Центарот за култура Марко Цепенков ќе биде одржано десеттото јубилејно издание на Prilep Jazz Weekend фестивалот.
Фестивалот оваа година ќе го отворат Кантон 6, пионерски кросовер музички проект, кој датира од 2000та година и е пред се интелектуален производ на Синиша Евтимов – еден од водечките современи македонски театарски режисери и Мирко Попов – сеприсутен на нашата сцена како композитор/продуцент, диџеј, издавач и музичар воопшто. Постојаната промена и желбата за авантура, го доведоа Кантон6 до големото џез откровение, па последниве неколку години за бендот се исполнети со бројни соработки и лајв импровизации. Таа активност резултираше со третиот по ред, неверојатно интересен албум “Џезус“, во кој на основните членови, во бендот се приклучи и извонредниот џез и класичен тромбонист, лидер на легендарните Сетстат, Владан Дробицки. “Џезус“ носи посве оригинален звук, но и длабоко мистичен призвук. Основната електроника е третирана во македонски етно манир со модерен допир, а вкрстувањето со џезот е храбро, но природно.
Мирко Попов – машина, вокали;Синиша Евтимов – синтисајзери,гитара;Владан Дробицки- тромбон;
Првата вечер од фестивалот ќе ја затворат „Летечки пекинезери“, бенд кој повеќе пати настапувал во Прилеп, со голем број на свои локални обожаватели кои годинава направија „голем притисок“ кај организаторот за нивното учество на овогодинашното јубилејно издание на Prilep Jazz Weekend –от.
„Летечки пекинезери“ е состав кој постои повеќе од петнаесет години на македонската џез сцена. Од првобитната формација трпи многу мали измени, но филозофијата на овој бенд, сепак, останува иста во текот на годините. Самото име им е одбрано со намера да се разниша општото мислење на луѓето дека џезот е премногу интелектуална музика која не секој ја разбира. Затоа главната цел на овој состав е да се придобие секој слушател, без разлика дали се работи за претерано музички едуцирана личност или, пак, лаик во таа област.
Нивниот звук најмногу гравитира кон свинг-звуците од 30-тите и 40-тите години на минатиот век, но ако внимателно слушате или, да речеме дека сте познавач на свинг-музиката, ќе наидете на многу моменти кои и не се толку својствени за составите од тоа време. Тоа се должи најмногу на фактот дека „Летечки пекинезери“ изведуваат исклучиво авторска музика и како состав од Македонија не се плашат понекогаш да се препуштат на влијанието на македонската музика.
Летечки пекинезери се : Бојан Петков (гитара),Иво Солдатовиќ (кларинет), Петар Христов (тенорски саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас), Славчо Коцев (тапани).
Втората вечер ќе ја отворат Taxi Consilium….како што умеат за себе да кажат : ….„ Taxi Consilium е спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите можни други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers…), поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, éminences grises кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ. Како виежот на осамениот кларинет кој што им свири контрапункт на звуците на обљуба кои што доаѓаат од другата соба. Како што Eric Dolphy би звучел кога би бил лик во роман од Thomas Pynchon. Сенки и испарувања, злокобна смеа во далечина. Малициозно стврднување под долгиот мантил во сомнително мрачно сокаче
Благојче Томевски: bass и Bb кларинет, Филип Букршлиев: гитара,Андреа Мирческа: контрабас и Драган Теодосиев: тапани
Вториот дел од вечерта е резервиран за гитаристот Тони Китановски и бендот Панда 5 .
Панда 5 е музичка лабораторија составена од врвни македонски џез артисти која изведува оригинални композиции од Китановски. Белег на овој состав е спонтаната и често колективна импровизација во солистички аранжерски манир. Нивниот прв албум насловен “Big City Scare” го издаде СЏФ во 2018. Во проширена формација насловена Toni Kitanovski Little Big Band повторно настапија на СЏФ минатата година. Во Прилеп ќе изведуваат композиции од двете инкарнации на составот како и нешто ново. Заедно со нив ќе настапи и гостинот од УСА, трубачот Chad McCullough, истакнат интернационален изведувач кој живее во Чикаго, Илиноис. Често соработува со белгискиот пијанист Bram Weijters и има настапувано со Tim Hagans, Dana Hall, Dave Douglas, Steve Coleman и Avishai Cohen. Неговиот последен албум, Forward беше прогласен за еден од најдобрите албуми за 2020 година во Chicago Tribune. Работи на факултет во одделите за џез на DePaul University и UW-Madison .
Третиот ден на фестивалот ни нуди многу интересна програма.На почетокот ќе имаме можност да ги слушнеме „Tribute to Jazz messengers“… еден комбо состав од врвни Македонски џез инструменталисти кој дава омаж на легендарниот бенд „Jazz messengers“.
“Јazz messengers” почнуваат со работа во раните 1950-сти и се активни се до 1990 год. Низ составоот ќе продефилираат повеќе еминентни џез артисти како: Art Blakey( како лидер или ко – лидер на бендот), Kenny Dorham, Hank Mobley, Benny Golson, Lee Morgan, Wayne Shorter, Horace Silver, Freddie Hubbard, Curtis Fuler, Wynton Marsalis, Brentford Marsalis имногу други. Групата секогаш била терен за млади артисти, а со самото челенување во “Messengers” истите добивале легитимитет во џез светот. Во нивната дискографија со огромно значење тие имаат неверојатни: 47 студиски албуми, 21 албуми во живо, 6 компилациски албуми и 2 албуми со наменска музика.
Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Андреа Мирчевска – контрабас,Гордан Спасовски – пијано, Зоран Костадиновски – гитара,Виктор Филиповски – тапани.
Џез викендот ќе го затвори составот на врвни музичари SAYUGÀ QUARTET feat. JURE PUKL…ѕвезда на вечерта е саксафонистот Јуре Пукл, артист кој живее и работи во Њу Јорк а школо завшил во Berklee Colege of music, исто како и познатиот пијано музичар Васил Хаџиманов, чие име веќе многу далеку одекнува во светот на џез, ворлд и импровизираната музика.Васил зад себе има остварено многу значајни дела, одлични концертни настапи и со својот препознатлив виртуозен стил на музицирање значи многу повеќе од само едно обично отсвирување на музиката. Заедно со Оливер Јосифовски, кој пак е музичар слуган војска шо се вели, и Александар Петров, тапанер, перкусионист кој што долго време живееше во Париз, твореше во Њујорк го составуваат квартетот SAYUGÀ.
Ова година Prilep Jazz Weekend фестивалот може да се пофали и со квалитетна OFF програма:
На 29 Август 2021г на локалитетот Врбјанска Чука (кај село Славеј) ќе го проследиме перформансот LJUBOJNA AMBIENCE.
Љубојна ambience е проект посветен на музиката како амбиентален простор што не опкружува и нејзиниот одзвук како постојана звучна состојба.
Прави да се` запрашаме што се` е музика и каде се` музиката може да патува.
Бендот Љубојна веќе 20 години гради широк и слоевит звучен дизајн, менувајќи ги, раздвижувајќи и комбинирајќи ги звучните модели во различни созвучја.
Љубојна ambience е едно од тие созвучја.
Целосната програма со повеќе детали може да се види на следниот линк : www.prilepjazz.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.