Култура
„Детски повреди“ со Слобода Миќаловиќ и Вук Костиќ во Скопје
На 23 ноември, во Македонската опера и балет, скопската публика ќе има ретка можност да ја доживее една од најемотивните и највозбудливи современи драми „Детски повреди“. Делото, кое критичарите го опишуваат како црна и романтична комедија споена со мелодрама, ја открива вечната потрага по блискост и љубов меѓу две души кои, иако животот ги носи по различни патеки, никогаш целосно не се губат една од друга.
Во главната улога публиката ќе ја види Слобода Миќаловиќ, една од најценетите и најпознати актерки на балканската сцена. Нејзините улоги во филмовите и сериите како „Зона Замфирова“, „Рањени орао“, „Мирис кише на Балкану“ и многу други ѝ донесоа статус на вистинска ѕвезда, а нејзината способност да ја пренесе најсуптилната емоција ја прави омилена кај публиката. Миќаловиќ е симбол на силна женска енергија, но и на суптилност и емотивна длабочина, токму тоа што е потребно за оваа предизвикувачка улога.
Не помалку значаен е и нејзиниот партнер на сцената, Вук Костиќ, актер со импресивна филмска и театарска биографија. Регионалната публика најмногу го препознава по улогите во култната серија „Убице мог оца“, како и „Јужни ветар“ и бројни други проекти во кои секогаш ја носи карактеристичната интензивност и автентичност. Костиќ е актер кој со својата појава и игра ја полни сцената, а во „Детски повреди“ ќе ја открие и својата ранлива и кревка страна.
„Детски повреди“ зборува за болката, за љубовта, за осаменоста и за неуништливата нишка што ги поврзува луѓето, дури и кога изгледа дека животот им е разделен.
Она што ја прави оваа драма посебна е нејзината нехронолошка структура: скокајќи од минатото во иднината и назад во сегашноста, публиката ќе биде вовлечена во динамичен вртлог на време и емоции, кој постојано ја одржува напнатоста.
Зад режисерската палка стои Иван Вуковиќ, еден од најинтересните современи режисери во регионот, кој со своето чувство за ритам, визуелна естетика и длабочина на карактерите, му дава нов живот на ова дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина поетесата д-р Славица Свидерска
Друштвото на писателите на Македонија со длабока тага информира дека денеска, на 12.11.2025 година, почина поетесата Славица Свидерска (1984, Битола). Доктор на филолошки науки, лекторка по македонски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за странски јазици во Тирана.
Зад себе остави богато поетско, есеистичко и научно творештво од областа на теорија на книжевноста. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија. Преведувана е на десетина јазици и добитничка е на повеќе поетски награди во земјава и во странство.
Авторка е на поетските книги „Бесконечност“ (2001), „Писма“ (2012), „Политики на љубовта“ (2015), „Тела“ (2016), „Политики на стравот“ (2021), Golgotha Feminarum (2023), „Мистичен си свету“ (2025), научните монографии „Книжевноста и дискурсите на моќта“ (2013), „Книжевноста и политичкото насилство“ (2018), како и книжевно-филозофските есеи „За смислата и за апсурдот“ (2017).
Погребот ќе се одржи утре, 13.11. од 11 до 12 часот на Светонеделските гробишта во Битола.
Култура
Доксијадис и Скопје – изложба што ја враќа приказната за обновата по земјотресот во ’63-та
Вчера, на 11.11.2025 година, во 19 часот по грчко време, пред бројна публика во Галеријата на Школата за архитектура при Аристотеловиот универзитет во Солун, беше отворена архитектонската изложба „Иднината како проект: Доксијадис во Скопје“ (The Future as a Project: Doxiadis in Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година.
Повеќе од шест децении од катастрофалниот земјотрес што го разурна Скопје на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за обновата на Скопје. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, размислувањата…, сето тоа придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје. Станувајќи стратешка алатка за трансформација на Скопје во идна метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи.
Седум години од првото претставување во музејот Бенаки во Атина преку голема изложба, конференција и публикација, и две години по одржувањето изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје, истражувањето „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ беше претставено во Солун.
Авторскиот тим на проектот го сочинуваат Владимир Десков Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, заедно со соработниците Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Кристос Георгиос Критикос.
Изложбената поставка ќе биде отворена за јавноста до 23 декември, 2025 година.
Култура
„Арабеска“ – новата стихозбирка на Милчо Мисоски како современ повик кон убавината и добрината
Со длабока уметничка посветеност и богат духовен набој, збирката „Арабеска“ од Милчо Мисоски го остварува она што многу ретко се случува – преку поетската форма, авторот не само што се враќа кон античките симболи на убавината и добрината, туку ги поставува како основа за визија на подобар свет.
Во овој книжевен труд, идеалот за естетско и етичко, во сите нивни облици, форми, закони, предмети и појави, добива свој пиедестал, а читателот е повикан да се напои од вечните води на филозофските вистини. Збирката има егзистенцијална длабочина и не остава рамнодушен оној што сака да се сретне со смислата и копнежот на духот.
Милчо Мисоски е автор на повеќе поетски збирки, меѓу кои се издвојуваат „Чекајќи го ангелот“, „Записки“, „Изневерено време“, „Песочни капки“ и „Стаклени сенки“. Неговата прва збирка „Чекајќи го ангелот“ беше прогласена за најдобра збирка поезија на Конкурсот на Книжевна Младина на Македонија, што го потврди неговиот талент и поетска зрелост уште од првите чекори.
Посветен на трагањето и на отворањето на нови патеки во македонската поезија, Мисоски на својот читател му нуди простор за медитација и искуство на убавото како ветување, а добрината како темел.
Со „Арабеска“, авторот не само што го објавува своето ново дело-покана, туку ја реафирмира верата во содржината на поетското зборување – вистинската поезија не е само збор, туку живеење.
„Арабеска“ е книга која треба да се чита бавно, со внимание, за да се почувствува не само звукот на стихот, туку и неговата светлина.
Милчо Мисоски е доктор по медицински науки, но и поет кој преку зборот се обидува да ги допре големите прашања на човечкото постоење.

