Култура
Дијана Илкоска: Во светот диригирам со реномирани уметници, а во Макeдонија останав на улица!

По неодамнешните медиумски натписи за случајот со неколкумина работници од НУ Филхармонија на РСМ, кои не добија продолжување на договорите, диригентка Дијана И. Илкоска испрати отворено писмо, во кое соопшти дека останала на улица, а од завчера ѝ бил забранет и пристап во зградата.
Нејзиното отворено писмо го пренесуваме во целост:
„Јас, Дијана И. Илкоска – дипломиран музичар, теоретичар и педагог, хорски диригент и дипломиран и магистриран оркестарски диригент, позната на јавноста исто така како композитор и аранжер на повеќе дела изведувани во земјата и странство, диригент кој е етаблиран на меѓународната сцена, но и во Македонија, диригирајќи и соработувајќи со светски реномирани оркестри и уметници, како Џошуа Бел (добитник на Греми-награда), Брус Лиу (лауреат на познатиот ‘Шопен натпревар’), Лола Астанова, Божо Вреќо, диригентот Џанандреа Носеда (шеф-диригент на националниот симфониски оркестар во Вашингтон, главен гостин диригент на Лондонскиот симфониски оркесар и музички директор на фестивалот ‘Цинандали’ во Грузија), асистент диригент на повеќе светски диригенти, како Клаудио Вандели (шеф-диригент на Wurth Philharmoniker, основач на младинскиот оркестар ‘Пан-Кавказки’ и уметнички директор на светскиот фестивал ‘Вербие’ во Швајцарија), Габриел Бебешелеа, Јерухам Шаровски, Тимоти Редмонд и многу други, наградувана со позитивни критики и препораки од страна на Жига Пирнат од Лос Анџелес (продуцент на ‘Оскарите’, Барбара Стрејсенд, ‘Музички идол’, Андреа Бочели, Ријана и други), Урош Лајовиц (професор и диригент, кој предава на академијата во Виена) и многу други, основач на ID chamber orchestra, со кој концертирам повеќе од 10 години на домашната музичка сцена изведувајќи класична, современа и популарна музика – ОСТАНАВ НА УЛИЦА!
Се вработив во НУ Филхармонија на РСМ во јули 2022 година на местото стручен соработник за музичка архива – нототекар, работна позиција за која се согласувам дека сум преквалификувана во согласност со моето образование и професионално портфолио, како и моето досегашно искуство и кариера како диригент. Но, кога се поништи местото диригент во систематизацијата на Филхармонијата во 2019 година, решив да прифатам вработување на работното место нототекар во оваа институција на местото на пензиониран колега (не специјално отворено работно место за мене) поради мојата желба во таа институција да напредувам и да го дадам својот максимум како работник, но и како музичар и уметник. Изминативе две години (од 2022 до 2024 година) мојот договор се засноваше на определено време и се продолжуваше со анекс кон договорот секоја календарска година. Според Законот за работните односи, член 46, став 3, договорот за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време ако работникот работи повеќе од две години на работното место, кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства доколку работодавецот утврди дека има трајна потреба од работникот. Со оглед на оваа одредба од законот и горенаведените услови, кои ги исполнувам, поднесов писмено барање до Филхармонијата мојот договор да се трансформира на неопределено време, а по истекување на рокот предвиден за одговор на моето барање, откога не добив никаков одговор од институцијата, почната е судска постапка меѓу мене и институцијата, која е сѐ уште во тек и која е некаква гаранција за моето враќање на работното место таму. Филхармонијата, свесна за сето ова, не само што не побарала трансформација на мојот работен однос на неопределено време (со што тужбата би била повлечена веднаш и би се избегнале големите финансиски трошоци за институцијата во случај пресудата да биде во моја корист), туку, наместо тоа, побарала од Министерството за култура и туризам повторно продолжување со анекс-договор на определено време. Истовремено, не го предвидува моето работно место во планот за вработувања за 2025 година.
Замислете, бара јас да продолжам да работам, но не ме планира во годишниот план за работни места. Каква е оваа небулоза? Каков е овој контрадикторен пропуст и како настанал? Филхармонијата не ги прави овие договори и годишни планови сефте. Всушност, токму овој пропуст е причина за одбивањето финансиска согласност од страна на ресорните министерства.
Откога побарав образложение од Филхармонијата зошто е така постапено, првично не добив одговор поради тоа што бил во тек судски спор, а во понатамошен разговор ми беше посочено дека не ги исполнувам критериумите за трансформација на мојот работен однос бидејќи работодавецот немал трајна потреба од работникот. Уште една небулоза! Се бара продолжување, но нема потреба од работното место, а го нема ни во планот! Згора на сѐ, од завчера забранет ми беше и пристапот во зградата (како некој што не работи повеќе во таа институција), освен со специјално одобрение од службено лице задолжено за обезбедување. Внимавајте! Моето име и презиме стоеја бедно напишани на жолто ливче, небаре сум криминалец или, пак, човек од безбедносен ризик кон оваа институција во која до вчера ги услужував сите вработени со нотен материјал и за која се вложив максимално – физички и емотивно. Одеднаш претставувам опасност за безбедноста на институцијата и зградата! Неважно е што во таа зграда, без специјални дозволи, секојдневно слободно влегуваат, излегуваат, циркулираат (дури и паркираат возила) лица што со години не се во работен однос во институцијата или никогаш не ни биле – важно е да се забрани влезот на Дијана.
Го поздравувам тоа – Филхармонијата треба да биде отворена институција во која културно ќе може да се изразат сите уметници бидејќи не е ничија лична сопственост. Затоа барам од надлежните и од Синдикатот на културата (СКРМ) да го разгледа овој случај подетаљно и да побара одговори од институцијата за сторената неправда – нека биде што побргу додека овој однос не се претворил во нормална појава, па утре некој друг работник или уметник да си го прочита името на некое осамнато жолто ливче.
Во меѓувреме, продолжува мојата и егзистенцијалната борба на моето семејство преку сите достапни законски механизми, а продолжува и мојата уметничка работа преку која ја афирмирам македонската култура на реномирани сцени во светот и дома – тоа не може да ми го одземе никој. Во оваа институција не оставив ништо, освен огромен труд и пожртвуваност, секогаш навремено извршувајќи ги задачите што ми беа предвидени во описот на работното место и притоа за овие две и пол години никогаш ниту сум задоцнила ниту сум побарала ослободување и ниеднаш не сум користела боледување и извршувајќи многу други работи што не ми беа во описот на работното место, но ги правев со огромна волја и љубов, како, на пример: сум диригирала неколку концерти, еден од нив беше прогласен за најпродаван концерт и од него институцијата имаше заработка 11.000 евра (концертот со наслов ‘Севда’ по повод Денот на вљубените во 2023 година), на кој се изведуваа мои аранжмани на 13 песни од Балканот, сум издала носач на звук – ЦД, со наслов по еден од најуспешните концерти на камерниот оркестар на Филармонијата, ‘Филхармонија во срцето’, сум оставила во нејзина сопственост многу аранжмани за разни ансамбли, сценарија за детски работилници и концерти – една од тие работилници беше ‘Магичниот диригент’, работилница која тогаш се распродаваше до последно столче (исто 2023) и своевремено беше гордост на Филхармонијата, како и многу други работи, кои се со непроценлива вредност затоа што се од уметничка природа. Сето ова не го сметам за мој трошок, напротив – ова ми е само каписла што мене ме води на поинакво духовно ниво, ми носи задоволство и чистота, која понатаму мене ќе ми отвори и веќе ми отвора врати кон поубави нешта.
Покрај тоа што повеќе од една и пол година бев планирана во програмата за јубилејната 80-годишна сезона на Филхармонијата, а потоа бев сменета со странски диригент, кој ја диригира музичката програма што јас лично ја предложив, сакам да кажам дека тоа не ме обесхрабрува да ја продолжам својата уметничка работа успешно со странски и други домашни оркестри и ансамбли.
На крајот, се поставува прашањето до кога политиката на оваа куќа лошо ќе се одразува врз интересот на публиката, квалитетот и изведбата на програмата, како и отсуството на стабилна и долготрајна стратегија за развој на културната сцена поради неколкумина луѓе што си играат богови?“, се вели во писмото на Илковска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.