Култура
Доделени наградите на завршната вечер на фестивалот „Браќа Манаки“

Осум дена, пет локации, 128 филмски наслови создавани низ целата планета од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми. Вечерва во Битола со црвен килим и доделување на традиционалните награди „ Златна камера 300“, „Сребрена камера 300“, „Бронзена камера 300“, „Мала камера 300“ беше затворено јубилејното 40. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Одлуката ја донесе жири комисија во состав: Ед Лакман, Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ.

Жири комисијата на 40. издание на Фестивалот „Браќа Манаки“
Златна камера 300 доби кинематограферка Хелен Луварт за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“.
„Поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и не’ приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни“, сметаат членовите на жирито.
Наградата во име на Хелен Луварт ја прими Ерик Готје, нејзин доглогодишен пријател и колега.

„Златната камера 300“ во име на добитничката ја зеде Ерик Готје
„Се разбира јас не сум Хелен Луварт, се пошегува Готје. Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но и беше исклучен сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која е храбра и се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста. Знам дека би била многу среќна. Не знае дека сум тука и дека ја примам наградата во нејзино име. Му благодарам на жирито, но длабоко му се заблагодарувам на мојот пријател Ед Лакман“, рече Готје.
Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“ поради, како што подвлекуваат од жирито, „ квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени. Моќна стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната“.
Кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300“ поради устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото заедно со глаткото движење на камерата, а на Јоланта Дилевска, кинематографер на филмот „Ајка“ и е доделено посебно признание поради интуитивната употреба на камерата- пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик.

Даниеле Ципри – добитник на „Бронзена камера 300“
Мала камера 300 доби кинематограферката Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот „Чудовишен господ“, поради поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната, а посебни признание доби Гијом Ле Гронтек за филмот „ Комбето“ поради употребата на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на боите на експресивен начин.
„Оваа награда многу ми значи, го сакам овој фестивал и во овој момент не би можела да бидам посреќна, ви благодарам“, рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на ИФФК „Браќа Манаки.

„Мала камера 300“ за Констнца Сандовал
Награда за животно дело „Златна камера 300“ доби кинематограферот Јоргос Арванитис. Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. Во меланхоличниот свет на режисерите доловува јасност со ненадмината елеганција, со својата камера дава текстура и длабочина дури и на сенишните и лаконски ликови, а работел со Тео Анѓелопулос, Жан Жак Адриен, со Динос Кацуридис, Пантелис Вулгарис, Волкер Шлендорф, Микаел Какојанис, со Жан Пјер и Лик Дарден, Марко Белокио, Агњешка Холанд, Бруно Подалидес, Горан Паскаљевиќ, Марко Ферери.

Арванитис со директорката на фестивалот „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска
„Голема чест ми е да бидам на овој фестивал и да бидам заедно со сите големи кинематографери. Чест ми е да присуствувам на фестивал која ја цени сликата и кинематографијата, а особено сум почестен што сум овде бидејќи моите корени се токму од овде, бидејќи јас сум Влав“, рече Арванитис кој се заблагодари уште еднаш на поканата и на укажаната чест.
Наградата на Арванитис му ја врачи директорката на фестивалот Гена Теодосиевска која се заблагодари на целиот тим на фестивалот за поддршката, љубовта и страста за филмската уметност, кој работеше сите овие денови за останатите овој фестивал да го почувствуваат за своја.

Гена Теодосиевска – директорка на фестивалот „Браќа Манаки“
„Јас се обидов колку што можам да бидам битолчанка, не е лесно, но еве ќе се обидеме и понатаму да го чуваме духот на Битола, на урбана Битола која го сака филмот и го сака овој фестивал. Им благодарам на сите кои го допреа овој фестивал и до Агенцијата за филм и директорот Горјан Тозија кој со својата поддршка ни помогна да го подигнеме овој фестивал. Тие го покачија буџетот годинава и се надеваме дека и понатаму ќе го покачуваат. Секоја приказна има свој крај, но ние нема да дозволиме ова да биде крај, туку еден нов почеток во пресрет на 41. Издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и се надевам дека оваа сала повторно ќе биде полна со оние кои навистина го сакаат, го обожуваат и го вреднуваат филмот. Оваа година моето мото е „Оние што прашуваат ја носта светлината“, да прашуваме за да донесеме светлина затоа што на сите нам ни е потребна“, порача Теодосиевска.
На свеченото затворање на фестивалот беше прикажан филмот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкуловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Проекција на седум кусометражни играни филмови во Кинотека

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.
Култура
Ликовна изложба „Beauty spot 3“ на Иван Аџиевски

На 8 јули ќе биде отворена ликовна изложба со наслов „Beauty spot 3“ на авторот Иван Аџиевски. Изложбата ќе биде отворена во 20.00 часот во монтажната-мобилна галерија во Паркот на франкофонијата.
На изложбата ќе бидат изложени слики работени во комбинирана техника со микс на медиуми на кои е претставен женски лик и акт во експресионистички манир со делумна апстракција каде субјектите имаат изразено издолжени портрети и физиономии.
Тие се продолжеток на претходната матрица на насликани портрети на девојки и женски акти претставени на изложбите Beauti spot I и Beauti spot II. Секоја слика има различна претстава на темата со ново искуство доживување и енергија.
Изложбата е дел од програмата за 2025 година на Центарот за современи уметности за реализација на изложби во Мобилната Галерија – Парк на Франкофонија.
Култура
Концерт – рецитал на Горјана Стојановска во македонскиот КИЦ во Софија

На 30 јуни (понеделник) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот КИЦ во Софија ќе се одржи Концерт – рецитал на македонската пијанистка Горјана Стојановска од Битола. На концертот во Софија таа ќе ја претстави убавината и длабочината на класичната музика преку интерпретација на дела од Ј. С. Бах, Ф. Шуберт, Ф. Лист и А. Скрјабин.
Настанот ветува уникатно музичко патување, кое ќе ги поврзе различните стилови и периоди, создавајќи емотивно искуство за публиката. Програмата ќе ја поттикне длабочината на чувствата, размислувањата и инспирацијата, како и важноста на класичната музика во современото општество. Ќе биде овозможено поврзување со историјата и духот на музиката, како и уживање во магијата на живата изведба.
Горјана Стојановска е родена во Битола. На осумгодишна возраст го започнува своето музичко образование во Државното музичко училиште – Битола, каде што и матурира во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Првите две години од високото образование на Факултетот за музичка уметност во Скопје ги поминува во класата на проф. Борис Романов, а вторите две во класата на проф. д-р Марија Ѓошевска кај која и дипломира во 2017г, а во 2019г и магистрира.
Во 2018 година се запишува и на усовршуавње на Academia Talent Music Master во Бреша, Италија во класата на проф. м-р Рубен Далибалтајан. Академијата успешно ја завршува во 2020 година. Учествува на мастеркласи кај истакнати педагози меѓу кои: Борис Романов, Јуриј Кот, Андреј Диев, Рувен Далибалтајан, Јулија Губајдулина и др.
Горјана има освојувано бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Во своето дејствување како пијанист има реализирано многу солистички рецитали, а во 2011 и 2014 година настапува како солист со Македонската филхармонија. Бележи настапи на повеќе фестивали како Есенски музички свечености – Скопје, Подиум на млади (како вонредна програма на фестивалот “Охридско лето”) – Охрид, Бит-Фест – Битола. Во 2024 година настапува во Виена како солист со камерниот оркестар на Националната опера и балет.
Од 2021 година работи како наставник по пијано во Државното музичко училиште во Битола.