Култура
Доделени наградите на 18-от фестивал за европски филм „Cinedays“
Со прогласувањето на наградените филмови и премиерата на филмот „Зад хоризонтот“ на Делфин Лариси во киното Милениум е затворен 18-от Меѓународен фестивал за европски филм „Cinedays“.
„Заврши полнолетното издание на „Cinedays“ и со задоволство можеме да почнеме да го подготвуваме следното, бидејќи ова издание го следеше повеќе од 12 000 публика, имавме 100 странски гости, а вестите за фестивалот покрај домашните новинари ги пренесуваа и десетина акредитирани новинари од регионот. Гласот за овој фестивал допира се подалеку, дигиталната комуникациска стратегија ги покажа своите бенефити и знаеме дека се движиме во вистински правец“, – Русе Арсов, в.д. директор на Младинскиот културен центар.
Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше меѓународна жири комисија која ги додели следниве награди: vо официјална селекција, награда „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Лилијан“ од Андреас Хорват, Австрија.
Наградата „Сребрана ѕвезда“ за најдобра режија за филмот „Орај“ во режија на Мехмет Акиф Баукаталеј, Германија. Наградата „Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио е за Моуниа Медоур, сценарист и режисер на филмот „Душичка“, Франција, Алжир, Белгија, Катар.
Специјално признание доби филмот „Орај“ на Зејхун Демиров за инзвонредниот актерски перформанас во филмот. Во селекцијата СинеБалкан награда „Златно сонце“ за најдобар филм доби филмот „Сестра“ во режија на Светла Кокоросова, Бугарија. Специјално признание за филмот „Куќата на агата“ во режија на Лендита Зекирај, Косово, Хрватска, Франција, Албанија. Награда за Најдобра филмска музика на композиторот Михаил Новински за филмот „Со остар нож“ од Теодор Кун. Награда за Најдобар студентски филм за филмот „Бела соба“во режија на Младен Станиќ. Награда Young Cinema Award од жирито на Џифони филм фестивал за филмот „Душичка“, на Моуниа Медоур, Франција, Алжир, Белгија, Катар.
Овогодинешниот 18-от Меѓународен фестивал за европски филм „Cinedays“ на својот репертоар имаше 97 филмски проакции, шест работилници, две промоции на книги, една изложба на фотографии и седум концерти. Фестивалот траеше девет дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Комеморација за актерката Ленче Делова во Драмски театар Скопје
Драмски театар Скопје информира дека комеморацијата за актерката Ленче Делова ќе се одржи на 19 февруари (четврток) во 10 часот во Драмски.
Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите достоинствено со збор, сеќавење, фотографија и снимка ќе се потсетат на кариерата на македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова.
Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Ленче Делова почина на 15 февруари на 77 годишна возраст.
Култура
Со проекцијата на „Романот за Џим“ почнуваат редовни месечни кино средби на француски филмови
Францускиот институт во Скопје известува за првото издание на месечните „Кино средби” во Кинотека, каде што ќе се прикажуваат современи француски филмови како и големи класици на француската кинематографија.
Овие кино средби започнуваат со проекцијата на „Романот за Џим“ (2024), од Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо, в четврток, 19 февруари 2026, 20:00 часот, Кинотека.
Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, филмот беше номиниран за наградите Lumières de la presse étrangère за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу доби Цезар за најдобар актер 2025.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.

