Култура
Документарниот филм со работен наслов Ironman освои награда во Белград
Документарниот филм со работен наслов Ironman, во продукција на „Опиум филм“, од режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, е добитник на наградата East Silver Caravan Award во програмата Beldocs in Progress на 14. БЕЛДОКС – Меѓународен фестивал за документарни филмови во Белград, кој се одржа од 13 до 16 септември.

Како што информираат од продукцијата, филмот се снима и развива веќе трета година, а досега бил на повеќе работилници за развој на документарни филмови во Белград, Софија, Призрен, Лајпциг, Сараево, Рига и во Поградец како единствен претставник од нашата држава.

Од „Опиум филм“ исто така посочуваат дека филмот досега двапати е одбиен за финансирање филмски проекти од страна на Агенцијата за филм на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.
Култура
Премиера на македонскиот филм во Брисел: „Диџеј Ахмет“ ја воодушеви европската публика
Вчеравечер во „Синема галери“ во Брисел се одржа европската премиера на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, режисерското деби на Георги Унковски, настан што го привлече вниманието на претставници на европските институции, дипломати, филмски професионалци, гости и љубители на седмата уметност.
Пред почетокот на проекцијата, пред присутните се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека прикажувањето на македонски филм во срцето на Европа претставува значаен успех и силна потврда за квалитетот на домашната кинематографија.
„Чест ми е што вечерва, овде во срцето на Европа, во Брисел, го одбележуваме премиерното прикажување на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“. По оваа проекција, верувам дека сите ќе почувствуваме колку филмот може истовремено да биде длабоко локален по својата приказна, а сепак универзален по емоцијата и пораката што ја носи“, истакна Љутков.
Тој упати пофалби до авторскиот и продуцентскиот тим, нагласувајќи дека филмот претставува уметничко остварување што достоинствено ја претставува државата на европската сцена и е доказ за зрелоста, креативната храброст и меѓународниот потенцијал на македонската кинематографија.
Тој додаде дека филмот е резултат и на силна меѓународна соработка и доверба меѓу партнерски институции. Тоа е потврда дека кога се работи заеднички, може да се создаде вредност што ги надминува границите и говори на јазик разбирлив за сите.
„Ова не е само уметничко дело, туку резултат на соработка, доверба и заедничка визија. Копродукциските проекти се одлична можност нашите автори и продуценти да станат дел од поширока европска мрежа, да добијат пристап до нови пазари и нова публика и на тој начин малите кинематографии да бидат рамноправен и видлив дел од европскиот аудиовизуелен простор“, рече министерот.
По проекцијата се одржа панел-дискусија посветена на улогата и значењето на копродукциите во европскиот аудиовизуелен сектор.
Премиерата и панел-дискусијата претставуваат уште една потврда за активното присуство на македонската култура на европската сцена и за континуираната заложба за продлабочување на соработката со европските партнери.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.

