Култура
Еден од најдобрите пијанисти на денешнината настапува со Филхармонија
Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Озвучени емоции“ на кој како солист ќе настапи еден од најдобрите пијанисти на денешнината – Лука Дебарг од Франција.
На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Фредерик Шопен, Симфонијата во три става и оркестарската суита од балетот „Жар птица“ од Игор Стравински. Диригентка е маестра Бар Авни од Израел, лауреатка на престижниот натпревар „Маестра“ во Париз.
„Не се појавил пијанист што предизвикал таква вознемиреност уште од пристигнувањето на Глен Гулд во Москва, во средината на Студената војна, или од победата на Ван Клибурн на натпреварот ’Чајковски‘“, ќе напише „Хафингтон пост“ за францускиот пијанист Лука Дебарг (1990), едно од најголемите откритија денес во сферата на пијанизмот, лауреат на 15. „Чајковски“ во 2015 година. Иако беше на четвртото место во финалето, тој беше единствениот музичар награден во сите дисциплини од страна на московската музичка критика и опишан како пијанист со „неверојатен талент, уметничка визија и креативна слобода што ги импресионира и критичарите и публиката“. Лука Дебарг е нова сензација во класичната музика.
„Тој е фантастично надарен, оригинален е и не е скротен од академизмот“, ќе напише „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. „Шпигел“, пак, ќе додаде: „Дебарг ѝ припаѓа на лигата на шампиони меѓу пијано-виртуозите“, а „Ле поинт“ ќе заврши со зборовите: „Моќ, суптилност, контрола, имагинација, вкус: тој има сè“. „Светот на музиката е мојот дом. Музиката е речиси мојот мајчин јазик. Ме храни…“ Со овие зборови почнува документарниот филм за Лука Дебарг, кој во едно интервју признава дека не вежбал онолку колку што треба сè додека не ја запознал неговата професорка, реномираната Рена Шерешевскаја, на 20 години. Таа го поканила да студира (потоа и да магистрира) во нејзината класа на престижната академија „Екол Нормал“ во Париз и по само четири години, како едно од највидните имиња и на „Чајковски“, неговата кариера почнува рапидно да расте. Лука Дебарг, како што самиот вели, црпи инспирација од литературата, сликарството, филмот, од џез-музиката и мошне внимателно го избира репертоарот во кој се наоѓаат и дела на помалку познати композитори. Зад себе има три изданија за „Сони класикал“, а во 2017 година ја доби врвната германска награда „ЕХО класик“.
Диригентката Бар Авни (1989, Израел) е добитничка на Првата награда на натпреварот „Ла Маестра“ во Париз во 2024 година, награда која ѝ беше доделена од страна на престижно жири предводено од влијателната Натали Штуцман. Маестра Авни ги освои и дополнителните награди, вклучувајќи ги и Наградата на оркестарот, „Арте“, „Ехо“…Ова подразбира дека во наредните две години, таа ќе биде стипендист на Академијата „Ла Маестра“, а по натпреварот за неа веќе се пројави огромен интерес за нејзината диригентска работа, односно покани да диригира со бројни светски оркестри. Ја опишуваат како диригентка со вешта и креативна програмска концепција и јасен и елегантен стил на диригирање. Во моментов, маестра Авни е главен диригент на Филхармонијата Бајер, позиција на којашто е од 2021 година, како прва жена диригент во 120-годишната историја на оркестарот. Силно е посветена на промоцијата на нови, млади таленти и тесно соработува со тимот во Бајер за развивање возбудливи музички образовни проекти. Од нејзиното диригентско деби во 2016 година, маестра Авни соработувала со различни оркестри, вклучувајќи ја Израелската филхармонија, Камерната филхармонија во Бремен, Израелскиот камерен оркестар, Ансамблот „Резонанц“, „Камерата“ од Хамбург.
Нејзината флексибилност и љубопитност при креирање програми, како и нејзината разноликост и способност да негува широк спектар на репертоар се импресивни. Една од главните поддржувачи и советници на маестра Авни е славната Барбара Ханиган, а на почетокот на 2024 година, таа дебитираше со оркестарот „ВДР Функхаус“ и Гетеборшката симфонија како асистентка токму на маестра Ханиган. Следните сезони маестра Авни ќе диригира со Националниот оркестар на Лил, Националниот оркестар на Бордо, Државниот младински оркестар на Хамбург, Радио-симфонискиот оркестар на Штутгарт…, а ќе биде и на позиција асистентка на врвниот Клаус Мекела во Париз и со Франсоа-Завие Рот во Келн. Инаку, маестра Бар Авни студирала перкусии и настапувала како перкусионистка во нејзината земја, но желбата за диригирање ќе ја однесе во Тел Авив, каде што студирала со Јоав Талми, а подоцна станала негов асистент на Израелскиот камерен оркестар. Потоа ги продолжила студиите во Грац и во Хамбург, а во 2021 година станала најмладата добитничка на награда и стипендист на Меѓународниот институт „Курт Мазур“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новата книга „Егосурфер“ од Александар Русјаков ќе биде промовирана на 18 февруари
Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.
Промотор на оваа збирка раскази од жанровите научна фантастика, хорор и киберпанк ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е негов прв „сурф“ врз брановите на фантастичните жанрови, во својата втора збирка раскази, „Егосурфер“, Русјаков тоа го прави пососредоточено и пофокусирано од претходно. Ова е книга со чисти жанровски контури, во која авторот го меле своето поетско месо низ мелниците на научната фантастика, киберпанкот и хоророт, притоа држејќи се до своите препознатливи книжевни зачини – лиричностa и сатиричностa.
„Оваа збирка раскази го носи насловот ’Егосурфер‘, како што е и насловот на првиот расказ во неа, но егото како омаловажувачка состојба на духот, како и борбата со оваа најмрачна зандана на битието, се поврзани со грешката на единката, а со неа и на општеството, алудирајќи на минорноста на човечкото наспрема присуството и одлуките на надредените ентитети – во случајот кај Русјаков, на божественото. Речиси сите негови херои се ставени пред нивниот идентитетски амбис, а од нивната мудра и праведна игра зависи иднината на самите нив, што подразбира – иднина и на општеството“, пишува Маријана Котевска-Георгиева во освртот кон книгата.
Александар Русјаков е автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, краток документарен филм и драмски текстови. Пишува поезија и проза, колумни и „дијагнози“, филмски и ТВ-сценарија. Досега ги има објавено: поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, романите „Тринаесеттиот месец“, „Атена со пенис“, како и книгите објавени за „Арс Ламина“: „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. По повод 100 години од смртта на Франц Кафка, Русјаков минатата година ја напиша и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Култура
Во МНТ 100-та изведба на „Кец на десетка“
Една од најгледаните претстави на камерната сцена на Македонскиот народен театар, комедијата „Кец на десетка“, на 19 февруари, во 20 часот, ќе одбележи значаен јубилеј — 100-та изведба.
Девет години по премиерната изведба, претставата и понатаму живее со ист интензитет и сценски ритам, освојувајќи ја публиката одново.
Во изминатите години, со безрезервна актерска енергија и посветеност на сцената настапуваат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Нина Деан / Софиа Насевска-Трифуновска и Ивица Димитријевиќ.
Секоја изведба создава прецизна, искрена и непосредна комуникација со публиката, која е активен дел од заедничкото доживување.
Комичните ситуации и спонтаната комуникација со публиката произлегуваат од вешто обликуваниот текст на Митко Бојаџиски и од колективната режија на Драган Спасов-Дац и Јордан Симонов, кои на претставата ѝ даваат препознатлив печат и автентичен сценски шарм.
Овој јубилеј сведочи за тоа дека „Кец на десетка“ е претстава со долготрајна сценска вредност и постојан интерес од публиката.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.
Македонската театарска, филмска и телевизиска актерка Ленче Делова е родена на 15 јуни 1948 во Скопје, а почина вчера на 77 годишна возраст. Во 1970 година, се вработила во Драмски театар Скопје каде била професионално ангажирана сѐ до нејзиното пензионирање во 2013 година.
Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје

