Култура
Ексклузивни гости режисерите Кшиштоф Зануси и Иво Трајков, конференција „Филозофија и филм“, Годар во фокусот и богата филмска програма на 13. издание на ФФФ

Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) кој ја негува и промовира мисловната, филозофско-eстетичка димензија на седмата уметност, годинава по 13. пат ќе се одржи од 2-9 јуни во Кинотеката. Во рамките на ова фестивалско издание е предвидено да бидат прикажани околу 40 филмови, 50 настани, ќе има 18 гости и 24 учесници на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ (25-26 мај).
На денешната прес конференција што се одржа во Кинотеката на С. Македонија, детално беа изнесени сите детали за филмската програма и сите пропратни активности. За компетитивните програми, Фокусот Годар на фестивалот говореше директорката Ана Дишлиеска Митова.
„Ова фестивалско издание како и до сега, ќе понуди богата филмска програма на современи филмски остварувања, како и филмски класици кои што се надеваме дека ќе бидат доволна провокација за посетителите и вљубениците во филмот и особено во филозофската димензија на седмата уметност“, истакна директорката на фестивалот Ана Дишлиеска Митова.
Останатите фестивалки сегменти како ревијалната програма, интернационалната конференција, едукативната програма зборуваа Ѓорѓи Пулевски, Владимир Ѓуровиќ и Виктор Јовановски.
На фестивалското отворање ќе му претходи музички перформанс на Филип Букршлиев и Андреа Мирческа, емисари на Новиот македонски бран на џез музика. По нивниот перформанс премиерно ќе биде прикажан филмот „Некрстени денови“ на Иво Трајков кој ќе биде специјален гостин и по проекцијата ќе се одржи Q&A сесија.
Освен Трајков, на фестивалот ќе гостува еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината Кшиштоф Зануси од Полска, добитник на „Златен лав“ во Венеција (1984), наградуван во Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман. На фестивалот ќе биде прикажан неговиот најнов филм „Совршен број“ (2022).
Мотото на годинешното издание на ФФФ гласи „Сè е филм, во множина“, и е инспирирано од големиот филмски великан од Францускиот нов бран Жан-Лик Годар (1930-2022) за кого Фестивалот подготвува специјален интерпрограмски фокус.
Во рамките на Втората интернационална конференција „Филозофија и филм“ една сесија ќе биде посветена на Годар, на настанот во најава на Фестивалот – ФФФ@МСУ минатиот петок – беше прикажан документарниот филм „Годар: Човекот-филм“, а во соработка со Кинотеката за прв пат на голем екран ќе биде прикажан серијалот што режисерот го подготвува и снима 10 години, култниот „(И)стории на филмот“.
Богатата фестивалска програма е организирана во повеќе програмски сегменти: Ревијална програма: филм-философија, две компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови, Придружна програма (со Фокус Годар), Едукативна програма и Интернационална конференција „Филозофија и филм“, а Фестивалот работи и на два издавачки проекти – превод на „Вајање во времето“ од Андреј Тарковски и (ре)издание на есеи од Милчо Манчевски со естетичка и филмско теориска проблематика.
Селектори на Фестивалот се: проф. м-р Кирил Трајчев, селектор на долгометражни филмови; д-р Дејан Здравков, селектор на краткометражни
филмови; додека за Ревијалната програма, во соработка со гостите на Фестивалот, се задолжени Слаѓан Пенев и Ана Дишлиеска Митова.
Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови, сите за првпат прикажани во Македонија, меѓу кои и една македонска ко-продукција. Имено, станува збор за погоре споменатиот филм („Некрстени денови“) на нашиот познат режисер Иво Трајков („Големата вода“, „Медена ноќ“), кој долги години живее, твори и предава на престижната FAMU во Прага. „Некрстени денови“ плени со раскошна визуелност и со апокалиптичката приказна сместена во предворјето на Втората светска војна. Втор филм е колумбискиот „Кралевите на светот“ на Лаура Мора, филм кој ја доби „Златната школка“ на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан и кој на особен поетски начин раскажува за пет бездомни момчиња кои трагаат по „Ветената земја“ во внатрешноста на Колумбија. Во оваа конкуренција е и еден филм од најновата јапонска продукција, дебитантскиот „План 75“ на режисерката Чие Хајакава, кој, ситуиран во една дистописка визура, зборува за јапонското „општество кое старее“ и за проблемот на ејџизмот (филмот е добитник на Специјално признание во програмата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал 2022). Потоа, уште еден силен дебитантски филм, овојпат на младата чилеанска режисерка Мануела Мартели. „1976“ го истражува тивкото дејствување на жената врз историјата од четирите ѕидови на домот, како и уникатноста на отпорот во Чиле за времето на режимот на Пиноче. Филмот е учесник на филмските фестивали во Кан, Сан Себастијан и Токио, номиниран за престижните Гоја награди, а Алин Купенхајм, за главната улога, ja добива наградата за Најдобра актерка на ИФФ Токио 2022). „Последниот снег“ на Амирхосеин Асгари е рафиниран репрезент на исклучителната современа иранска кинематографија. Второто филмско остварување на Асгари претставува реалистична филмска нарација за еден осамен средовечен човек во срцето на природата. Режисерот беше гостин на ФФФ во 2018-та година со неговиот дебитантски филм „Без граници“. Последниот филм од долгометражната филмска селекција е поврзан со специјалниот гостин на годинешното издание на Фестивалот, односно последното филмско остварување на светски познатиот режисер, Кшиштоф Зануси, „Совршен број“ – филм кој ќе го претстави самиот режисер во Скопје. Филмот се навраќа на дел од најзначајните теми од досегашното филмско творештво на Зануси, но овојпат структурирани преку неочекуваната форма на интелектуален трилер.
Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм, ќе бидат 15 филмови од повеќе земји во светот: САД, Канада, Финска, Јужна Африка, Холандија, Португалија, Костарика, Полска, Унгарија, Швајцарија, Кина и Грција. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражни филмови, а како дел од Фокусот Годар, ревијално ќе биде прикажан неговиот краток филм „Во темнината на времето“.
Жирито за официјалната конкуренција на долгометражни филмови го сочинуваат: д-р Елизабета Шелева (професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), д-р Луис Мартин Ариас (професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија) и д-р Нил Кенеди (професор на Тринити колеџот во Даблин, Ирска). За наградите во официјалната конкуренција на краткометражни филмови ќе одлучува жири во состав: Ивана Мирчевска (интердисциплинарна уметница и истражувачка), Том Докал (филмски критичар, Луксембург) и Ана Јакимска (режисерка и сценаристка).
Во Ревијалната програма: филм-философија реализирана во партнерство со МЕДИА Деск Мк, изворното јадро на концептот на Фестивалот, ќе имаме можност да проследиме неколку настани. Карактеристично во неа е што проекцијата на филмот е проследена со излагање на гостите на ФФФ – универзитетски професори, режисери, филмолози – на тема инспирирана од филмот, а заокружена со отворена дискусија со публиката. Гости на 13. ФФФ ќе бидат: проф. д-р Елизабета со легендарниот филм од road жанрот, „Голи во седло“ на Денис Хопер; проф. д-р Нил Кенеди (Ирска) со „Туки Буки“ на сенегалскиот Годар, Џибрил Диоп Мамбети; режисерот Милчо Манчевски со „Станарот“ од Полански, во форматот ФФФ дијалог со филмскиот критичар Златко Ѓелески; и проф. д-р Луис Мартин Ариас (Шпанија) со „Змија во пазувите“ на Карлос Саура (филм за затворањето на Фестивалот).
Како традиционални настани што ѝ претходат на главниот дел од програмата во текот на минатиот месец ФФФ ја започна Едукативната програма. Taa e поделена на три сегменти: Средношколска видео лектира, Работилници за млади и Фил(м)ософија со деца. Од почетокот на април, па до крајот на мај има настани од оваа програма низ повеќе локации во Македонија.
Средношколската видео лектира е наменета за учениците од средните училишта (годинава 6 регионални проекции, вклучени 13 училишта од 11
градови, со околу 500 инволвирани ученици), при што, по гледањето филм на големо платно на класик од филмската историја (годинава „Духот на улиштето“ од Виктор Ерисе) учениците пишуваа есеј на зададена тема: „Детската игра, фантазијата и соочувањето со конечноста на животот“. Тричлена стручна комисија во состав: проф. д-р Вангел Ноневски, д-р Марија Тодороска и проф. д-р Владимир Мартиновски ќе ги одбере трите најдобри есеи за ова издание. Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Кинотеката (31 мај, 13:00 ч.). Работилниците за млади се поделени во две програмски целини. Едната е троделната работилница „Естетиката на филмскиот јазик“ со д-р Атанас Чупоски во Скопје, додека другата се состои од 7 работилници низ целата земја што вклучуваат разработка на актуeлни општествени теми со филмска подлошка. И последниот сегмент од ЕП (Фил(м)ософија со деца) е наменет за најмалите философи и филмофили, учениците од 9-11 години, и е поврзан со гледање на филм на децата и потоа одржување на две фил(м)ософски работилници (физички, во Скопје и, онлајн, за децата низ Македонија). Годинава, деца од 9 до 11 годишна возраст, ќе го гледаат јапонскиот анимиран филм „Мираи“ и потоа под менторство на д-р Мартин Поповски ќе дискутираат за поврзаноста на имагинацијата и емпатијата инспирирани од филмот.
Како интегрален дел на Фестивалот годинава (на 25 и 26 мај, онлајн формат) ќе се одржи Втората меѓународна конференција „Филозофија и филм“. На Конференцијата во 6 сесии ќе земат учество 24 реномирани истражувачи во оваа област од целиот свет (САД, Канада, Романија, Босна и Херцеговина, Шведска, Италија, Швајцарија, Турција, Шпанија, Велика Британија, Ирска, Португалија, Унгарија, Србија, Украина, Грција, Хрватска и Македонија). Главни (kеynote) говорници на Конференцијата ќе бидат светски познатите професори во ова подрачје на истражување, Дејвид Стерит (Соединети Американски Држави) и Луси Болтон (Велика Британија). Конференцијата е биенална и за наредната година е планирано излегување на Зборник текстови од Конференцијата (по примерот на интернационалниот Зборник кој произлезе од Првата меѓународна конференција во рамките на Фестивалот во 2021 година).
Фестивалот е во организација на Филозофското друштво на Македонија, и ќе се одржи со поддршка на Агенцијата за филм и Министерството за култура на Република С. Македонија, во соработка со Кинотеката на С. Македонија, Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје, Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, Амбасадата на Република Полска во Скопје, МЕДИА Деск Мк, Музејот на современата уметност Скопје како и бројни други долгогодишни соработници и пријатели на Фестивалот.
Постерот, односно визуелниот печат на Фестивалот го изработи Катерина Тери Николовска.
Филозофскиот филмски фестивал е единствениот филмски фестивал во Македонија и регионот што се одвива на крстопатот помеѓу филозофијата и филмот, и еден од ретките во светот коишто работат во областа на филм-философијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.