Култура
Завршува вториот дел на КРИК, фестивалот за критичка култура

Програмата на вториот дел на петтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, завршува вечерва во Музејот на современата уметност, во 19.30 часот, со премиерна проекција на краткиот фотографски филм на Иван Блажев, „Сето време е сето време“, инспириран од литературното дело на Курт Вонегат, „Кланица 5“, за контроверзното бомбардирање на Дрезден на крајот на Втората светска војна.
Веднаш потоа следува предавањето на Небојша Вилиќ со наслов „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“, проследено со излагања на Натали Р. Павлеска и Јованка Попопова и разговор помеѓу тројцата учесници.
„Ако нормалноста на тековнава стварност ја определиме како комунитативна, тогаш и ангажираноста би можела да се определи како комунитативна, односно да се воспостави ангажман на уметникот кој во себе ќе ја содржи и состојката на комунативното и онаа на комуникативното. Поточно, културата и уметноста преку ваквата ангажираност би можеле да станат поттикнувачка, дејствувачка и остварувачка алатка за постварување на намерата, потребата и нужноста за промена на тековнава општествено-економска формација во некоја друга поинаква, а зошто да не и – нова. Во оваа пригода ќе се обидам да го определам поимот на комунитативната ангажираност имајќи го на ум, пред сѐ, ставот на Жак Рансиер, според кој: „Не постои ангажирана уметност, постојат само ангажирани уметници!“, вели професорот Вилиќ најавувајќи ја вечерашната дискусија.
Во рамкие на програмата на вториот дел на КРИК 05, вчеравечер, Станимир Панајотов (Бугарија) и Артан Садику (Северна Македонија), преку перфомативен теориско-поетски разговор, кој вклучуваше и музика и учество на публиката, говореа за поимот на сексуалноста во услови на посткапитализам, за личните искуства поврзани со смртта и теориските и политичките концепти во пресрет на актуелниот историски момент.
Како дел од овој настан со наслов „Сексуалноста и смртта“, Панајотов и Садику ги читаа своите песни посветени на „оваа изопаченост наречена љубов“, на сексуалната „жед за анихилација“ и други „грандиозни неправилности“. Песните се дел од заедничката книга, која се состои од нивна поезија, заедничко читање и меѓусебно креативно уредување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изложба „Поглед кон далечина обоена сино“ во Центар-Јадро

На 20 септември (сабота) во 12.00 часот ќе биде отворена изложбата „Поглед кон далечина обоена сино“ заедно со Дарко Алексовски во КСП Центар-Јадро.
На оваа прошетка уметникот ќе зборува за развивањето на идеите кои ги собраа различните, досега неизложувани дела во една целина, како и за теориските и референците од историјата на уметноста. Средбата ќе биде од неформален карактер, а публиката ќе има простор да постави прашања и да сподели свои впечатоци.
Автор на текстот и куратор на „Поглед кон далечина обоена сино“ е Славчо Димитров, а изложбата ќе може да се погледне и во текот на следната недела во работни денови помеѓу 10.00 и 16.00 часот.
Реализацијата на изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Култура
„Везилка“ – самостојна изложба на Јана Јакимовска во КИЦ – Скопје

На 24 септември во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје ќе се отвори самостојната изложба на цртежи и слики на академската сликарка Јана Јакимовска со наслов Везилка.
За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:
Проектот Везилка на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу „женската рака“ и „машката историја“. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска, таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 23 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Има учествувано на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
Култура
Оскаровци, врвни автори, македонски филмови: „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмски случувања

По 46- ти пат „Браќа Манаки“ ќе ја отвори својата врата за светлината на камерата. Овој фестивал е повеќе од традиција, тој е жив организам, пулс на едно општество што сака да биде витално, храбро и отворено за промена, вели организаторот.
-Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.
Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.
-Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.
Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.
-Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.