Култура
Почнува петтото издание на „Фенер“ – меѓународен фестивал за детски театар
„Буден театар“ го најавува петтото издание на меѓународниот фестивал за детски театар „Фенер“, што ќе се одржи од 12 до 14 октомври на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Преку мотото „Тука растат“ тематски дефинираната програма во фокусот ги поставува екологијата и нашата одговорност да им обезбедиме на децата чиста и здрава животна средина.
Како предвесник на фестивалот, „Буден театар“ ја спроведе кампањата „Мижи! Замисли промена“, која ги повика децата и родителите преку споделување фотографии на социјалните мрежи да мапираат еколошки проблеми и да замислат идеи за нивно надминување. Некои од испратените фотографии, со испишаните идеи за промена, се изложени на Камениот мост во Скопје.
Главната програма на „Фенер“ ќе прикаже четири меѓународни претстави, наменети за разни возрасти на деца:
В петок фестивалот ќе биде отворен со словачкиот театар „Одиво“, кој ни ја носи „Аеро“, претстава лабораторија за воздух, наменета за деца над 1,5 година (12. 10. 2018, 18 ч/ 13. 10. 2018, 11 ч);
„Ленка“ (3+ години) е црвенокосото девојче кое ни пристига заедно со Куклениот театар од Бјалисток, Полска. Таа се чувствува малку поинаква од другите и поради тоа е осамена. Сепак, вие можете да бидете нејзини пријатели, нели? (13. 10. 2018, 19 ч/14. 10. 2018, 11 ч);
Петар Никл доаѓа од Чешка и носи куп бубачки кои кога слушаат музика, умеат да цртаат. Во „Бубачкување“, перформанс за сите возрасти, тој е нивниот диригент (12. 10. 2018, 19 ч/14. 10. 2018, 12 ч);
Израелската уметница Мајан Јунман ја раскажува „Хартиената приказна“ (5+ години)(14. 10. 2018, 19 ч);
Како дел од придружната програма, в сабота се предвидени урбани еколошки акции со „Замисли промена“, преку кои ќе бидат реализирани три детски идеи за промена, дел од проектот „Мижи! Замисли промена“, поддржан од ФООМ (13. 10. 2018, 15-18 ч, со почеток пред Драмскиот театар во Скопје). Неделата е посветена на проектот „Триаголници на соработка“, поддржан од швајцарската амбасада во Македонија, преку презентација во фоајето на Драмскиот театар во Скопје (14. 10. 2018, 13.30 ч), а на „Дестинација – Креација Матка“ (14. 10. 2018, 14.30 – 17.30 ч);
„Коко даш“ од Србија ќе го разубавува Драмскиот театар во Скопје со интерактивната изложба „Дрвото што недостига“, која ќе биде поставена во текот на трите фестивалски дена.
Билетите во продажба за претставите од главната програма може да се најдат на билетарницата на Драмскиот театар во Скопје за цена од 200 денари. Активностите од придружната програма се бесплатни, а за „Дестинација – Креација Матка“ потребно е пријавување на [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Објавен конкурсот за наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад македонски автор
На веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје објавен е годинашниот Конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години. Конкурсот ќе биде отворен до 28 февруари 2026 година.
Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување нови драмски текстови, НУ Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор, Горан Стефановски. Преку овој Kонкурс, театарот сака да даде поддршка на драмското творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма.
Право на учество имаат автори, државјани на Северна Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постоечки книжевни или драмски форми.
Конкурсот е отворен до 28 февруари 2026 година, а пријавата треба да биде подготвена согласно со насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје.
Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна Комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.
Наградата се состои од: паричен дел на наградата во износ од 60.000 денари (еднократно); Потпишување на Авторски договор со НУ Драмски театар – Скопје и Продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на Kонкурсот.
Авторот се обврзува дека до премиерата во НУ Драмски театар – Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.
„Со оваа награда, НУ Драмски театар – Скопје ја продолжува својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски се поставени 15 негови претстави, од кои 8 се праизведби“, велат од Драмски.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот arno.mk со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат AI-моделите во други креативни проекти.
Култура
Традиционален концерт на Филхармонија по повод Денот на вљубените и виното
Македонска филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените и виното, насловен „Бакнеж во Париз“ на кој ќе биде изведена француска музика. Како солисти ќе настапат Фелисиен Брут, хармоника и Ексел Сан Сирел, мецосопран од Франција, а диригент е Тимоти Редмонд.
„Кога зборуваме за љубовта и романтичната страна на животот, често пред очи ни излегува Париз. Не случајно – градот на светлината е и град на љубовта. Тој е вечна инспирација за уметниците, место каде што се раѓаат безброј книжевни, филмски и музички љубовни приказни. Неговата препознатлива архитектонска убавина и дух создаваат мелодии исполнети со меланхолија, страст, нежност и романтична копнежливост. Тие уметнички дела се огледало на среќни љубови, но и на оние напуштени, тивки и болни. Зашто љубовта е таква – возвишена и силна, понекогаш нежна, понекогаш болна, но секогаш длабока и искрена. Денот на вљубените не е само уште еден датум во календарот.
Тој е потсетник дека љубовта, во сите нејзини облици, му дава смисла на животот и на светот. Ова е и денот на виното – пијалокот на боговите и еликсир на животот. Виното и љубовта одат рака под рака, поврзани преку бојата, мирисот, топлината и чувството што го будат. Уживајте во звуците на љубовта, фантазијата и копнежот, во музиката на бакнежите и прегратките, придружени со вино со боја на срце. Дозволете си барем за миг да се префрлите во најубавите љубовни филмски сцени и да понесете со себе незаборавни впечатоци.“, велат од Филхармонија.
Култура
Безвременската оперска класика: „Травијата“ на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари
Безвременската опера „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело кое плени со својата страст, драматургија и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 20 февруари 2026 година, со почеток во 19.30 часот. Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент е гостинот од Италија, Лоренцо Бицари, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, создавајќи моќна продукција чиј главен фокус е сценската динамика и визуелната префинетост. Сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор е Јасмина Ѓоргеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон – Благој Нацоски, Жорж Жермон – Марјан Јованоски, а во останатите улоги: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е еден од столбовите на светскиот оперски репертоар – дело во кое Верди со извонредна музичка чувствителност ги обликува ликовите и нивните внатрешни борби, создавајќи опера која и денес длабоко ја допира публиката и останува актуелна на сцените ширум светот и кај нас.

