Култура
„Звуците на чаршијата“ од 16 до 18 септември во Скопје

Традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“ ќе се одржи во старото градско јадро на Старата скопска чаршија на 16, 17 и 18 септември (понеделник, вторник и среда). Целта на манифестацијата е да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовна колонија и презентација на стари занаети.
Старото јадро е културен и духовен споменик на градот, а намерата на организаторите е да се врати духот на занаетите, барем на оние што останале до денес.
„Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 13 пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини. Таа придонессува кон континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија.
Согласно таквите настојби и овој пат е направена богата културно-забавна програма чија цел е да ги анимира посетителите на овој дел од градот.
Манифестацијата почнува на 16 септември (понеделник) во 14 часот на плоштадот Скендербег со настанот „Старата скопска чаршија во делата од литературните творци“. Во 18 часот на Камениот мост ќе биде поставена изложба на фотографии на чаршијата, дела на Арбнора Мехмети и Зоран Шекеров. Во 17 часот на плоштадот Скендербег ќе настапат културно-уметничките друштва „Илирида“, „Студио фолклор“, „Јени Јол“ од Скопје и „Шамикуќет“ од Урошевац. Потоа од 19 часот ќе настапи „Емин Салихи бенд“ во состав: Хана Палоши, Филонид Алиу, Доника Домазети. Во 19 часот во КИЦ – Скoпje изложба ќе има „З.У.К. Силиндарт“, а во 20 часот на плоштадот Скендербег со солистички изведба ќе се претстави гитаристот Артан Кастрати. Во 20 часот на истото место е балетската изведба на претставата „Сон“, а во 21, 20 часот ќе насрапи „Кода бенд“. Во 21 часот во паркот на Скопското кале ќе се одржи кино под отворено небо со проекција на филмот „Враќање“ на Кастриот Абдули.
На 17 септември (вторник) во 20 часот на платото пред Универзитет на Југоисточна Европа во програмата се проектот „Деструкција ритам“ на уметникот Исмет Рамиќевиќ и музика од Сецко Хаџиќ. Во 21 часот ќе се одржи концерт на Камениот мост, плоштад Филип Втори, на диџеј Електрон, Тамара Тодевска, Ил Лимани, Дафина Зечири, Сафи и диџеј Гик, и Луми Би и диџеј Флоу.
Третиот ден 18 септември (среда) на истото место во 21 часот е концертот на диџеј Пити, Канита Сума, Линдон Бериша и Елвана Џата.
„Изминативе години на ‘Звуците на чаршијата’ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера. Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор, ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата“, велат од ЈУ Културно-информативен центар -Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.