Култура
Издавачката куќа „Арс Ламина“ и авторот Зоран Спасов-Ѕоф донираа 350.000 денари за „СОС Детско село“

Во просториите на „СОС Детско село“, во рамки на „Програмата за згрижување деца без родителска грижа“, вчера се одржа средба со Зоран Спасов-Sоф, авторот на романот „Тито, мојот претпоследен херој“, и претставници од „Арс Ламина“, издавачката куќа која го објави ова дело.
Средбата се одржа по повод донаторската кампања „Донирај и добиј книга“, која во ноември минатата година ја иницираа авторот на романот и издавачката куќа, со цел вкупните средства од продажбата на првиот тираж (од 1.000 примероци), вклучително и средствата од авторските права да ги донираат за потребите на децата, младите и семејствата во ризик, поддржани од „СОС Детско село“.
Од исклучителна важност е дека граѓаните и љубителите на книгата ја препознаа дополнителната хуманитарна вредност на ова дело и придонесоа во рекорден рок од месец дена да се продадат 1.000 книги и да се соберат 350.000 денари.
На средбата во просториите на „СОС Детско село“ донаторите предадоа чек со вредност од 350.000 денари на националната директорка Јулијана Накова-Гапо, а воедно имаа и можност да посетат една од куќите и да се запознаат со едно од семејствата и со секојдневното функционирање.
Според Јулијана Гапо, национален директор на „СОС Детско село“, дарежливоста и солидарноста имаа круцијална улога овој период, особено поради влијанието од пандемијата на Ковид-19.
„Благодарни сме што добивме партнери како авторот Зоран Спасов-Sоф и издавачката куќа ‘Арс Ламина’, кои покажаа исклучителна сензибилност за важноста на помагањето во време на пандемија. Преку нивната акција ја покажаа нивната солидарност, но и индиректно ја промовираа потребата за солидарност помеѓу граѓаните и важноста да се помага на најранливите категории – децата и семејствата во социјален ризик“, посочи Гапо.
Авторот на „Тито – мојот претпоследен херој“, Зоран Спасов-Ѕоф истакна дека е среќен што во „Арс Ламина“ пронашол издавач со кој ја доработил книгата и со кој дели исти човечки и морални вредности.
„Затоа се одлучивме на овој чекор за приходот од продажбата да го донираме на оние на кои им е најпотребно, односно на децата од најранливите категории. Соработката нема да застане тука и се надевам дека ќе биде мотив за сите оние индивидуални донатори и правни лица да го следат овој пример“, посочи Спасов.
Маркетинг-менаџерот во „Арс Ламина“, Александра Лукиќ-Камиловска, вели дека „Арс Ламина“ од своето основање е насочена кон поддршка и помош на различни типови на институции и социјално загрозени категории на граѓани.
„Досега, издавачката куќа ‘Арс Ламина’ има реализирано голем број донации, а овој пат ја препознавме потребата да се помогне и да им се подобри секојдневието на децата во ‘СОС Детското село’. Секако, ќе продолжиме со вакви акции и во иднина со цел да возвратиме во општеството во кое функционираме и да помогнеме за да креираме посветла и поубава иднина“, појасни Лукиќ-Камиловска.
Јулијана Накова-Гапо истакна дека, за жал, сè уште во целиот свет најзагрозени се децата и нивните права, но и во Македонија, сплотени како едно семејство, се работи посветено веќе 20 години за топол дом и грижа за секое дете заедно со донаторите и поддржувачи на „СОС Детско село“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Девет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2020 година, во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Грозданоски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“), во втората селекција одбра девет романи што останаа во конкуренција за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа дури 41 роман. Жири-комисијата во првата селекција одбра 18 наслови, а сега списокот го стесни на девет романи. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција, в петок, на 15 март.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе се врачи по 22 пат. Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Книги
Четири нови книги од култниот автор Милан Кундера во издание на „Арс Ламина“

Книгите на Милан Кундера говорат за луѓето, за нивните мисли, чувства и намери, а неодамна на македонски јазик излегоа четири негови дела „Шега“, „Животот е на друго место“, „Проштален валцер“ и „Смешни љубови“. Како Чех кој, пак, според пасошот не е со таа националност, веќе со децении наназад живее во Франција. Чехословачка во 1978 година му го има одземено државјанството и на тој начин го има „протерано“ еден од своите најпознати писатели во егзил. Живее повлечено и никогаш не сонувал за враќање во татковината. Чесите долго време мораа да чекаат на неговото враќање, и тоа книжевно, па дури во деведесеттите години, неговите подоцнежни романи се преведени и на чешки јазик. „Шега“, „Животот е на друго место“, „Проштален валцер“ и „Смешни љубови“ се издадени од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и може да се најдат во сите книжарници „Литература.мк“ или да се нарачаат онлајн на www.literatura.mk.
„Шега“
„Шега“ е првиот роман на Милан Кундера, напишан на чешки јазик и објавен во 1967 година. Дејството се протега од крајот на Втората светска војна до настаните пред Прашката пролет кон крајот на шеесеттите години од XX век во тогашна Чехословачка. Роман за нарушената љубов и одмаздата, за разочарувањата од некогашните идеали и, како резултат на тоа, неретко гротескната верба во постигнување на мали, лични победи, за нераскинливата заемна проникливост на шегата со нејзината неминовна повеќезначност – и неретко опачина… „Шега“ се вбројува во стоте книги на векот според „Монд“.
„Животот е на друго место“
Романот „Животот е на друго место“ е напишан и издаден оригинално на чешки јазик во 1969 година, а во 1973, непосредно по неговото објавување на француски јазик, ја добива наградата „Медичи“ (Prix Médicis Etranger).
„Со Дон Кихот и со Госпоѓа Бовари, Животот е на друго место е можеби најстрогото дело што некогаш било напишано против поезијата. Поезијата како привилегирана територија на потврдата, на занесот и на ’автентичноста‘. Поезијата како последното прибежиште на Бога…“, се вели во поговорот од Франсоа Рикар.
„Проштален валцер“
Во едно бањско лекувалиште со застарен изглед, осум личности се фаќаат на еден валцер што се забрзува: една симпатична медицинска сестра, еден гинеколог фантазер, еден богат Американец (понекогаш светец понекогаш Дон Жуан), еден познат трубач, еден стар осуденик, жртва на чистки, кој е на прагот да ја напушти својата земја… Овој роман е еден „сон на летната ноќ“, еден „црн водвиљ“.
Најтешките прашања во оваа книга се поставени со таква леснотија поради која разбираме дека модерниот свет нè лишил од правото на трагичното.
„Смешни љубови“
„Смешни љубови“ е збирка раскази напишани во периодот од 1960 до 1968 година, кога е и објавена, но набргу потоа, по руската инвазија на Чехословачка истата година, е забранета. Главна тема на расказите, како што луцидно навестува и насловот, е љубовта, при што акцентот само навидум е ставен на нејзиниот физички аспект, додека под површината на односите се наѕираат смешните недоразбирања и комичните ситуации во кои се вплеткуваат протагонистите – неретко во мрежата што самите ја сплетуваат за другиот, за партнерот во играта…
Култура
„Автобиографија на човекот-гулаб“ од Константин Плевнеш на „Балкан трафик“ во Брисел

Интернационалниот фестивал на музички, филмски и сценски уметности, којшто 14 години се оджува во Брисел, од 23 до 26 април, оваа година го има своето дигитално издание, во кое вклучи поголем број уметници од земјите на Југоисточна Европа.
Во филмската селекција на фестивалот е избран филмот „Автобиографија на човекот-гулаб“, којшто е прикажан на повеќе фестивали во Европа и светот. Главниот херој на овој филм, Владимир Степановиќ, во 8 минути ја раскажува сопствената драма на исчезнувањето на неговата фамилија и исчезнувањето на поранешна Југославија.
Интересно е да се одбележи дека во 2017 година, „Балкан Трафик“ беше свечено затворен со претставата „Дениција“ од Петре М. Андреевски, исто така во режија на Константин Плевнеш, во изведба на Народниот театар од Охрид, со протагонистите Рубенс Муратовски, Димитрина Мицковска и Саша Ефтимова.
- Книги2 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника3 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Свет4 недели
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер