Култура
Изложба „Мотиви од полошкото поднебје“ на Илирјан Беќири и Агрон Абдули
Во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија, на 3 октомври (четврток) 2024 ќе биде отворена изложбата „Мотиви од полошко поднебје“ на ликовните уметници Илирјан Беќири и Агрон Абдули.
Двајцата уметници од Тетово ќе изложат околу дваесетина дела од нивниот најнов сликарски опус. На изложбата ќе можат да се видат сликите на Илирјан Беќири, изработени во техниката маслени бои на платно и сликите на Агрон Абдули, изработени во техниката акрилни бои на платно.
На отворањето на изложбата во КИЦ во Софија ќе присуствуваат двајцата ликовни уметници – педагози, кои ќе ја запознаат публиката со нивната уметност, творештво и дејност.
Илирјан Беќири е роден во 1968 година во Тетово. Дипломирал 1998 година на Универзитетот во Тетово, отсек сликарство, во класата на проф. Тахир Емра, каде завршил и постдипломски студии. Живее и работи во Тетово како професор на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот во Тетово.
Самостојни изложби: 2019 – Prima Center Berlin – Berlin , 2017 – Културно информативен центар на РСМ во Софија, 2009 – MC Galery, New York, 2014 – Културно информативен центар – Скопје, 2008 – Национална галерија на С.Р. Македонија – Чифте амам, Скопје, 2008 – Ателје “Cite Internationale des arts”, Париз, 2004 – Галерија на Министерство за култура, Приштина, 2003 – Дом на култура, Тетово, 1998 – “Europe Galery”, Гостивар
Излагал на многу групни изложби во земјава (Тетово; Скопје, Куманово, Гостивар др.) и странство (Тирана, Приштина, Париз, Берат, Призрен, Истанбул).
Од 2007 год. е член на и активен учесник на изложбите на ДЛУМ .Во 2008 година имал студиски престој во “Cite Internationale des arts” Во Париз. Од 2019 година е претседател на ЗЛУТ – Тетово.
Агрон Абдули е роден 1971 година во Џепчиште, Тетово, РСМ. Основното образование го заврши во Џепчиште, средното во 1993 год. во гимназијата во Тетово. Дипломирал во 1999 година на Факултетот за Ликовна Уметност, сликарство, на Универзитетот во Тетово, во класата на познатиот педагог проф. Тахир Емра. Постдипломските студии, сликарство, ги заврши во 2002 година кај истиот професор во Факултетот за Уметност во Приштина.
Работи како професор на Факултетот на Уметности, Ликовна Уметност, на Универзитетот во Тетово
Самостојни изложби: 2023-Културен Информативен Центар, MC Gallery, Њујорк, 2022-Културен Информативен Центар, Скопје, 2021-Центар за Култура, Гостивар, 2016-Галерија на Министерство за Култура на Р. Косово ,,Ќафа” Приштина, 2015-Национална галерија на Република Македонија ,,Чифте амам”, Скопје, 2015-Градска галерија, Бихач, 2015-Галерија ,,Роман Петрович” Сарајево, 2011-Уметничка галерија, Тетово, 2008-Културен Информативен Центар, Скопје, 2008-Сите Интернатионале дес Артс, Париз, 2006-Уметничка галерија, Гилане, 2004-Музичко училиште, Тетово.
Учествувал во голем број на колективни изложби и ликовни колонии во Република Северна Македонија и во странство. Активен член е на Здружението на Ликовните Уметници на град Тетово и Друштво на Ликовни Уметници на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.
Култура
„Јас сум Невенка“, победник на San Sebastián International Film Festival, ќе се прикажува во Кинотека
Кинотека на Македонија го најавува шпанскиот филм „Јас сум Невенка“, победник на фестивалот San Sebastián International Film Festival во категорија: Euskadi Basque Country 2030 Agenda Award – won 2024
Настанот е во организација на Амбасада на Кралството Шпанија во Северна Македонија и Кинотека на Македонија.
„Јас сум Невенка“ е филм на режисерката Исијар Бољаин од 2024 година, инспириран од вистинска приказна чие дејство се одвива на крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Дваесет и четиригодишната Невенка Фернандез, советничка во градското собрание на Понферада, е сексуално вознемирувана од градоначалникот – моќен човек навикнат да ја наметнува својата волја и на политички и на личен план. Кога младата жена поднесува тужба против својот претпоставен, иако свесна за цената што ќе ја плати, се соочува со жестока осуда од средината која го поткопува нејзиното достоинство.
Нејзината истрајност подоцна ќе стане пример за многу жени во нивната борба против злоупотребите на работното место во Шпанија.
Проекцијата ќе се одржи на 7 март, со почеток во 20:00 часот. Влезот е слободен.
Книги
Единаесет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“
Единаесет романи останаа во конкуренција за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири комисијата во состав Калина Малеска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Иван Антоновски, Ивана Трајаноска, Иван Шопов и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата), во втората селекција ги одбраа 11-те романи што остануваат во трката за оваа престижна награда.
На годинашниот конкурс пристигнаа 46 романи. Во првата селекција беа одбрани 22 наслова.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 13 март што ќе се одржи во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.
Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а исто така е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, годинава се доделува 27-ми пат. Таа се состои од плакета, уникатна статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Минатата година наградата ја доби романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска, во издание на издавачката куќа „Или – или“.

