Култура
Изложба на сликарскиот конак „Грација 2022/2023“ во Куманово
В среда, со почеток во 19 часот, во Изложбениот салон при НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе биде отворена изложбата на слики од меѓународниот сликарски конак „Грација – ИАН 2022/2023“. На изложбата ќе бидат презентирани дваесеттина слики од учесниците на овој проект, работени во последните две години.

Меѓународниот сликарски конак „Грација – ИАН“ е нов фактор во културниот и ликовниот живот во Куманово. Домаќин и организатор на сликарскиот конак се Влајко Стојчевски и ресторанот „Грација“ од Куманово, а координатор и уметнички раководител е реномираниот сликар од Куманово – Мики Трендафиловски.

На изложбата ќе бидат преставени дела работени во изминатите две години, 2022 и 2023, од 17 реномирани ликовни уметници сликари од 7 држави, и тоа: проф. Катарина Ѓорѓевиќ и м-р Владан Ранѓеловиќ од ФЛУ во Ниш, Паша Гициќ асистент на Универзитетот во Нови Пазар, и Никола Стојановиќ, самостоен уметник од Врање, сите од Република Србија, доцент Мајпејкер Јонсул од Универзитетот во Текирдаг – Република Турција, Габриеле Шафарцик од Република Германија, самостоен уметник, студирала на Универзитетот во Готингент и на Академијата во Краков, проф. д-р Марин (Маки) Милутиновиќ од ФЛУ во Бања Лука – БиХ – Р. Српска, Надежда Златкова, самостоен уметник од Велико Трново – Република Бугарија, проф. д-р Етхем Бајмак од Призрен – Р. Косово, кој живее и работи и во Истанбул – Република Турција, проф. Данчо Ордев, Драги Хаџи Николов, д-р Стојче и Еми Тоциновски, Горан Боев, Лара Ташковска, Мики Трендафиловски, Александар Стефановски и Анастасија Недељковска (млад талент) од Република Северна Македонија.
Љубителите на ликовната уметност ќе може изложбата да ја видат во наредните осум дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Фото) Блескав пијано концерт на Гацева и Џорлева во Белград
Синоќа во преполна сала на Културниот центар на Белград, во срцето на градот, на улицата Кнез Михајлова, блеснаа со својата интерпретација нашите две реномирани пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева.

Во едночасовната програма за четирирачно пијано, професорките Гацева и Џорлева одржаа вистински час за висока професионалност и исклучително сугестивна интерпретација на дела од Ерик Сати, Едвард Григ и Антонин Дворжак, а долги аплаузи измамија со интерпретацијата на дело од македонскиот композитор Дамјан Темков, за што беа вратени на бис.
Концертот го отвори директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров, а истиот е реализиран во партнерска соработка помеѓу нашиот КИЦ и Културниот центар на град Белград.

Проектот за гостување на проф. Ана Гацева и проф. Татјана Џорлева во Белград е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Култура
„Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска премиерно в четврток
В четврток (13.11) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одигра праизведбата односно премиерата на текстот „Сина сенка“ („Blue Shade“) од Брајан Рејнолдс во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ со почеток во 20 часот.
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Текстот отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата. Ова дело создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер а новите аранжмани се на Лука Тошев, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска. Преводот на оригиналниот текст е на Сашо Огненовски.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. После премиерата претставата ќе продолжи со редовни изведби , гостувања и учества на фестивали.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.

