Култура
Изложба на Шќипе Мехмети во Софија

На 12 април со почеток во 18:30 часот во КИЦ на Македонија во Софија ќе биде отворена изложбата „Женска фрагилност и/ или моќ“ на уметницата Шќипе Мехмети. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина дела, изработени во графичката техника сува игла.
„Жената и женскиот принцип, нејзините нежност, сензуалност, чувственост, сексуалност, моќ на ранета лавица од една страна наспроти нејзините фрагилност, кршливост, злоупотреба, болка се главните два аспекти кои како крајни параметри со сите варијации помеѓу ги истражува младата графичарка Шкипе Мехмети во најновите графички дела насловени како серија ‘Фрагилност’. Графиките на Шќипе, кои се изведени во неколку графички техники како сува игла, бакропис, комбинирана техника или, пак, само молив на хартија се занимаваат со фигурација и тоа од презентативен вид, во кои има наративен и описен пристап. Во нив има реалистички претстави или детали, јасно препознатливи и асоцијативни. Жанровски тие се движат од стриповски прикази, до апстрактно-асоцијативни решенија, во кои постои одлична графичка подготовка на предлошката.“ (Ана Франговска)
Шќипе Мехмети е родена во 1981 година во Кичево. Во 2004 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Во 2007 година магистрирала на отсек графика на истиот факултет. Од 2000 учествувала на повеќе од 70 групни изложби во Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Романија, Полска, Германија, Хрватска, Италија, Шпанија, Турција, Египет, Чешка, Литванија и Франција. Реализирала е 20 самостојни изложби во Р. Македонија, Косово, Србија, Шведска, Германија, Франција и САД. Живее и работи во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Големата пијанистичка ѕвезда Валентина Лисица вечерва на Охридско лето

Музичката програма на 62. Охридско лето продолжува вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“, со концерт на големата украинско-американска пијанистка Валентина Лисица.
Валентина Лисица многумина ја сметаат за првата јутјуб-ѕвезда на класичната музика, но таа е повеќе од тоа. Таа е првиот класичен уметник што успеал својот интернет успех да го претвори во глобална концертна кариера во некои од водечките концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка и во Азија.
Валентина своето прво видео на интернет го објавува на „Јутјуб“ во 2007 година – снимка на Етидата оп. 39 од Сергеј Рахманинов. Прегледите на ова видео се зголемуваат прогресивно по што следуваат нови објави и на тој начин се поставуваат темелите на кариера на социјалните мрежи каква што дотогаш светот не памети.
Благодарение на нејзината посветеност кон интернет-публиката, јутјуб-каналот на Валентина Лисица денес брои повеќе од 650.000 претплатници и има над 147 милиони прегледи, со просек од речиси 75.000 прегледи дневно. Нејзината страница на „Спотифај“ има повеќе од милион слушатели месечно.
Култура
Со спуштање на бајракот затворена „Десет дена Крушевска Република“

Со спуштање и засолнување на бајракот и почесна стрелба, официјално се затвори манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“.
„Изминатите 10 дена имавме богата програма, опфативме повеќе културни области и привлековме многу туристи. Достоинствено го одбележивме Илинден и покрај тоа што манифестацијата понуди забава, се вративме назад да ја доживееме историјата. Им се заблагодарувам на сите што присуствуваа во Крушево“, изјави градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски.
На затворањето на „Десет дена Крушевска Република“ концертот на Дац и Александар беше прекинат поради дожд, кој почна во текот на настапот, информира организаторот.
Култура
13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во своето 13-то издание ќе се одржи од 18 до 25 август во Скопје. Фестивалската програма ќе се прикажува на четири локации, и тоа во Куршумли ан, платото на Музејот на Македонија пред Куршумли ан, МКЦ и Europe House Скопје. Четвртото издание на „МакеКоПроДокс форумот“ ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.
Со мотото „Лупење идеи“, фокус на 13. „Македокс“ е развојот на идеи, а прес-конференцијата за програмата на фестивалот се одржа денес (10 август) на платото пред МКЦ во Скопје.
„По две бурни години за целиот свет, време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но, овој пат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде што на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што по две години, ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости“, истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „Македокс“.
Годинава на фестивалот ќе пристигнат 70-ина гости од странство. Сите филмови ќе бидат прикажани на филмско платно. Исклучок ќе бидат активностите поврзани со „МакеКоПроДокс форумот“, кои делумно ќе се одржат онлајн.
Филмската програма на 13. „Македокс“ содржи 71 документарно остварување во пет натпреварувачки категории – главна програма, нови автори, кратки документарни филмови и студентска програма, а сите филмови се дел од компетицијата за наградата „Етички идеи“. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми, се „Земјата во фокус“ – годинава тоа е Чешка, и Програмата за деца и младинци.
Фестивалот ќе биде отворен на 18 август во Куршумли ан, со документарниот филм „Сè што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водна палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).
Главната програма содржи 9 филма, во селекцијата нови автори има 11 филма, во програмата на кратки документарци влегоа 17 остварувања, а во студентската програма ќе бидат прикажани 8 филма. Во програмата за деца и младинци ќе бидат прикажани 18 филма. Земја во фокус е Чешката Република и ќе бидат прикажани 8 нови документарни филма.
„Среќни сме што оваа година на адресата на ‘Македокс’ пристигнаа филмови од сите пет континенти на планетата Земја. Гледавме филмови со месеци и ја лупевме програмата за да ја добиеме нејзината најавтентична форма и содржина, која ќе ја одрази креативната сила на ‘Македокс’ како фестивал на креативен документарен филм. Мислам дека успеавме во тоа, а се надевам и публиката ќе биде задоволна од нашиот избор.
Фестивалот ќе го отвориме со филмот ‘Сè што дише’ на режисерот Шаунак Сен, а пред него ќе го прикажеме белгискиот краток документарен филм ‘Иднината е водна палата’ на режисерката Хуанита Онзага. Втората вечер е веќе традиционално резервирана за отворање на програмата ‘Земја во фокус’, оваа година посветена на Чешка, и радосни сме што имаме чест да ја отвориме со филмот ‘Рене – затвореник на слободата’ (Rene – The Prisoner of Freedom) на нашата почесна гостинка Хелена Тшештикова (Helena Treshtikova), мајката на тајм-лапс документарецот, која ќе биде присутна на проекцијата, а следниот ден ќе одржи и мастер-клас за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело. Време е за лупење на старите закоравени размислувања и идеи, а верувам дека ‘Македокс’ со својата програма ќе помогне, а притоа и ќе направи простор за нови… подобри, посветли!“, потенцира Петрула Вељановска, дел од програмскиот сектор на „Македокс“.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот предвиден е мастер-клас со Хелена Тшештикова, почесна гостинка на „Македокс“ 2022, која ќе говори на тема „Разговор за идеите во документарниот филм“. „Чешката режисерка и документаристка Хелена Тшештикова е повеќе од режисерка и документаристка. Може да се каже дека таа е своевиден феномен, од оние што ги поместуваат границите за она што го знаеме за документарниот филм“, изјавил Михаил Железников. Разговорот со Хелена Тшештикова ќе го води Туе Стен Милер.
Исто така, Туе Стен Милер, консултант за документарци и критичар од Данска, ќе одржи работилница за развој на идеи од 20 до 22 август. Учесници на работилницата се режисери и продуценти со краткометражни или долгометражни креативни документарни проекти во развој, продуцирани или копродуцирани на Балканот.
Централно место во индустрискиот сегмент зазема четвртото издание на „МакеКоПроДокс форумот“, што ќе се одржи од 22 до 24 август.
„За вториот дел од форумот, годинава имаме одлична и разновидна селекција од 11 проекти, кои се продуцирани или се снимаат на Балканот (Албанија, Косово, Грција, Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Турција…). Тие ќе ги претстават своите проекти на 23 август и ќе имаат еден-на-еден состаноци со одлучувачите. ‘МакеКоПроДокс форумот’ е реализиран во соработка со Агенцијата за филм на РСМ, ‘Медија деск МК’, Грчкиот филмски центар, Град Скопје, ‘Вардар филм’ и МКЦ“, објасни Сара Ферро, координаторка на „МакеКоПроДокс форумот“.
Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли ан. На 21 август ќе биде отворена фотоизложба на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.
По завршувањето на фестивалот, „Македокс“ ќе ги продолжи своите активности и во текот на годината. Во септември екипата ќе работи на нови прирачници за користење на документарниот филм во училиштата. Во декември ќе почне програмата „Зимски Македокс“, со која онлајн ќе бидат прикажани победниците на фестивалите на четири основачи на документарната мрежа Doc Around Europe.
Тринаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, програмата „Медија“ на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, чешката амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, „Сеавус Скопје“ – Групација Арикома, Грчкиот културен центар, „Медија деск МК“, Музејот на РСМ, Археолошкиот музеј, Музејот на современата уметност, такси „Глобал“.
Билетите може да се набават онлајн преку продажната мрежа на „мк.тикетс“ (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музејот на РСМ може да се набави за цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворањето на 18 август и церемонијата на доделувањето награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.