Култура
Изложба САМО (ДО) ВЕРБАТА на Христина Тарабунова
Во понеделник, 14 октомври, од 20 часот во Културно информативениот центар (КИЦ) во Скопје ќе биде отворена изложбата САМО (ДО) ВЕРБАТА на Христина Тарабунова, која ќе биде изложена до 18 октомври. На изложбата ќе бидат претставени 12 нови и симболички дела, каде што извор на инспирација e главното и генералното верување во себеси и своите способности.
Појдовна точка на овој проект е создавањето на врска со самиот себе, нежно пријателство со немирот и барање лек за стравот. Делата се претставени во релјефен стил со акрил техника на големи платна и носат длабока носталгичност, а истовремено зборуваат со самодоверба.
Главната цел на Тарабунова, како што вели, е да ја разбуди свеста кај луѓето и да ги охрабри самостојните уметници, но и да влијае врз таа деструктивна врска каде се дозволува да се повредуваат нашите лични граници, непокането да влегуваат и да излегуваат од нашиот интимен простор, не грижејќи се за емотивните повреди каде се губи нашата индивидуалност.
![]()
Христина Тарабунова е мaгистер по туризмологија при Универзитетот за туризам во Скопје, работи туризам во Град Скопје и е лиценциран туристички водич, со многу интереси, како финансии и инженерство.
Љубовта кон уметноста, пак, ја негува уште од дете. Иако не е академски, туку самоук сликар, таа со години твори и создава своја уметност, слика на платно, мурал, скулптура, дизајн и редизајн, ентериер, екстериер, гардероба …
За себе вели дека е љубопитна личност, која постојано е во контакт различни култури, разменува искуства и оддржува пријателства и затоа својата инспирација ја црпи од општествените проблеми и душата на колективно ниво.
– Не се интересирам за политика, секогаш сум гласна на неправди, па често знам и да се активирам на некоја тема со цел да придонесам за подобро утре. Тоа најлесно го искажувам преку уметноста. Поради својата емпатична природа се радувам кога можам да помогнам. Такви ми се и повеќето проекти, настрана учеството како дел од некој колектив, вели таа.
Христина Тарабунова позади себе има неколку колективни изложби меѓу кои и такви со хуманитарен карактер:
„Која пудра најмногу покрива модрици”, во соработка со ХОПС;
„Донирај уметност”, КИЦ, во соработка со Зоран Кардула;
„Перото, инспирација за уметничката четка”, Славјански универзитет;
„Љубов и уметност”, Ауроом платформа;
„Преобразени предмети”, во соработка со Јасмина Главинче итн.
Учесник на неколку арт базари, дел е од АУРООМ, дигитална платформа за продажба на уметност, и има две авторски изложби од општествен карактер:
„Оној кој ќе зачува живот, го чува целиот свет”, кафе бар Излет (за децата болни од рак кои лежат на Онкологија – Скопје) во соработка со фондација Златна Рипка; Своите дела ги донираше за украсување на клиниката за онкологија во Скопје.
„ОСЛОБОДЕНИ” – документарен филм против табуата во уметноста, Комитет, поддржан од Министерство за култура на Македонија и Хелсиншки комитет – Скопје. Истиот филм конкурираше и на еден филмски фестивал за документарни филмови.
Има искуство со работилници за редизајн на јавни површини во соработка со Град Скопје, но и цртање на мурали. Од неодамна, нејзин мурал, кој сега за жал е уништен, се најде како дел од збирката скопски графити на Матеј Богдановски и Игор Анѓелков „(ДО)ЖИВЕЈ ГО СКОПЈЕ”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Кинотека ќе биде прикажан грчкиот филм „Што ако“
Грчкиот филм „Што ако“ (What If) во режија на Христофорос Папакаљатис, ќе биде прикажан вечер во 20 часот во Кинотека.
Прикажувањето на филмот е дел од тековната серија проекции на грчки филмови на Амбасадата на Грција, со наслов „Ајде да се запознаеме“, иницијатива која има цел да ја приближи публиката до современата грчка кинематографија.
Филмот „Што ако“ е трогателна романтична драма од креаторот на светски признатата серија на „Нетфликс“ – Маестро во сина. Дејството на филмот се одвива во Атина во периодот на економската криза и ја следува приказната на Димитрис, 33-годишен ерген, кој живее навидум обичен живот. Една вечер, кога неговото куче, женка германски овчар со име Лоунсом, го поттикнува да излезе, Димитрис се соочува со клучна одлука: да излезе или да остане дома. Ако излезе, ќе ја запознае Христина, љубовта на својот живот; ако остане дома, ќе ја пропушти шансата да ја сретне. Филмот ги истражува вечните прашања за судбината, вистинската љубов и изборот прикажувајќи го истовремено и влијанието на сериозната економска криза врз луѓето и личните односи. Истата приказна е раскажана од две перспективи.
Влезот за проекцијата во Кинотека е бесплатен по принципот прв дојден – прв услужен. Филмот е наменет за лица над 16 години, информираат од амбасадата.
Култура
Почина Кетрин О’Хара
Почина Кетрин О’Хара, легендарна актерка и ѕвезда на серијата Schitt’s Creek и култните филмови Бубимир и Сам дома. Имала 71 година, а веста ја потврдила нејзината менаџерка, пренесе „Пипл“. Засега не се соопштени дополнителни детали.
О’Хара е родена во Торонто во 1954 година и кариерата ја започнала во легендарниот комичарски театар Second City, а потоа стекнала голема популарност со телевизиската емисија SCTV, за која освоила и награда „Еми“.
Филмската публика ја памети по улогите во Бубимир, Сам дома и Сам дома 2, како и по бројни филмови на режисерот Кристофер Гест. Глобална популарност доживеа со улогата на Моура Роуз во Schitt’s Creek, за која во 2020 година освои „Еми“, „Златен глобус“ и награда SAG.
Последните години гостуваше во серии и филмови, меѓу кои The Last of Us и Argylle.
Зад себе ги остави сопругот Бо Велч и нивните два сина.
Фото: скриншот од филмот „Сам дома“
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.

