Култура
Изложба „Спокој“ на Александар Стефановски
На 23 ноември, четврток, со почеток во 19 часот, во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, ќе почне музичко-театарскиот перформанс во организација на ликовниот уметник Александар Стефановски, а во 20.30 часот ќе биде отворена изложба на слики, графики и цртежи (24 дела).

Проектот е со наслов „Спокој“, а за него уметникот Стефановски даде следно објаснување:
„Музичко/театарски перформанс како увертитра на изложба е еден вид прераскажување на самата цел на изложбата во форма на разни интерпретации, како: дијалог, глума, стендап, џез-пијано, виолина, гитара, соло пеење, арт-перформанс и џез-перкусии. Идејата е со музика и глума да се направи интересен увод во самата изложба и нејзината првична цел, истражување на разни стадиуми на спокојност и мир на душата. И затоа и самите платна и слики ќе бидат покриени со црна кеса за присутните да се концентрираат на уводот аудитивно за да уживаат по отварањето на изложбата визуелно. А во визуелната конотација спокојот се крие помеѓу контрастот на мирното и хаосот, помеѓу темното и светлото. Тоа е скриен момент на претчувство дека нешто ќе се случи и дека нешто се исчекува во одложен момент на исчекување која страна ќе победи. Претставен со контрастот помеѓу текстурата (релјеф) и мазното (боена површина) за и со допир (некои дела) или во контрастот да се почувстува разликата помеѓу хаосот и мирот. Чувството на човекот пред да се смири или обратно. Затишје пред емоции или затишје по емоции во зависност како ќе си го доживее почитувачот на уметноста. Ако гледачот во тој даден момент е смирен, ќе го восприема само мирниот дел од сликата (боена површина, светлото), а ако дојде со предвреме разгорени емоции, ќе го доживее немирниот дел (релјефот, темното).
Спокојот се крие во вечноста на мигот пред одлуката на која страна ќе биде повлечен субјектот што гледа…“

Изложбата ќе биде поставена до 30.11.2023.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.
Култура
Во чест на Тихомир Јанчовски: Комеморација на Филолошкиот факултет во Скопје
На 4 март (среда) во 18 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (Сала за седници) ќе се одржи комеморација во чест на поетот, писател, преведувач и издавач Тихомир Јанчовски.
Тихомир Јанчовски (1967-2026) дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ. Беше и професор, музичар, издавач и автор на над 30 книги, главно поезија, преводи и (поетски) романи. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.
Автор е на плејада поетски книги кои се високо ценети меѓу читателите: Обични зборови, 1999; Два, 2002; Последно време, 2005; Осама, 2010; О, ти, 2011; Староста може, а и не мора да се дочека, 2013; Од збор до збор (избор), 2016; Игла и конец, 2016; Godine, Buybook, 2017; The noise of Loneliness, 2018; Влакно на јазикот, 2018, Тихивање, 2019, Ден-година, 2023; Граматика на љубовта, 2024, Пристоен предлог и други песни, 2024, Пеколот е мало место, 2025. Автор е на неколку романи (Лидија, или сѐ што знам за жените, 2018; Сѐ што знам за животот, 2020; Патина, 2022), на неколку дела од доменот културната историја на православното монаштво (Св. Пантелејмон, Нерези, историја, архитектура, живопис, 2000; Пештерските цркви во Македонија (сценарио за док. филм) , 2001 и Монаштвото во Македонија (1944-2007), 2010, како и две книги за деца: Приказни за деца и животни, 2022 и Малата Мечка и Големата Мечка, 2024. Превел дваесетина дела и приредил неколку антологии.
Од 2013 до 2016 објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „Рурбано“. Има издадено и книга колумни „Како ми скроија капа и други записи“ 2018. Во соработка со Бранислав Николов, Тихомир Јанчовски го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Во 2025 година неговиот ракопис „Камен во водата“ беше награден со признанието „Караманов 2025“. Тихомир Јанчовски е добитник за наградата „Златна бубамара“ за најпопуларен писател во 2025 година.
Јанчовски почина на 58-годишна возраст во Скопје на 30 јануари.

