Култура
Како да се разликува вистината од лагата: новинарка на „Базфид њуз“ вечерва ќе го отвори вториот Истражувачки филмски фестивал

Дебати, работилници и филмови што се фокусираат на интересни и актуелни теми во медиумите за кои се дебатира во Европа и светот, ќе може да проследи публиката на второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје, кој ќе почне вечерва во 19.30 часот во киното „Култура“.
Во трите фестивалски дена, десетина гости, врвни истражувачки новинари од целиот свет, ќе ги споделат своите искуства, а ќе видиме и дел од нивните документарни истражувачки филмови.
„Почнуваме со разговор со Џејн Литвиненко од BuzzFeed News преку кој публиката ќе може да дознае повеќе како да прави разлика помеѓу вистината и лагата на интернет. Ќе разговараме за проверка на фактите, но и за ширењето дезинформации и измами на корисниците присутни во онлајн-светот. Потоа, следува филм за ‘Фејсбук’ на Channel 4, кој ќе понуди прозорец кон тајните на оваа социјална мрежа“, вели Кристина Озимец, директор на фестивалот.
Литвиненко во својата работа се фокусира на теми поврзани со дезинформациите на интернет. Таа истражува и анализира ширење лажни вести, дигитални измами и сл.
Пишувала за онлајн-нелегална продажба на дрога, разоткрила мрежи од лажни сметки, кои користејќи ги социјалните медиуми, ги мамат корисниците и профитираат благодарение на онлајн-екосистемите.
Главната тема на второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал е „Вистина, лаги и лајкови“.
„Интересот на публиката за дебатата на првото издание на фестивалот ‘Македонија и феноменот на лажни вести’ ни покажа дека иако секој има поинакво видување за тоа што е вистина, сепак многумина сме обединети во желбата да ја пронајдеме. Затоа, второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје ја разгледува вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век“, велат организаторите.
Фестивалот го организира Платформата за истражувачко новинарство и анализи и партнерите „Фридрих Еберт Штифтунг“ – Скопје.
Првпат на фестивалот има гостин од Google News Lab. Станува збор за Даниел Жонса, кој ќе ги сподели можностите на современите дигитални алатки што им се на располагање на новинарите. Тројца истражувачи новинари од Германија, Анете Довидајт од „Велт“, Фолкер Штајнхоф од најстариот истражувачки ТВ-магазин, „Панорама“, Оливер Шрем, главен уредник на CORRECT!V, кои ќе ги споделат предизвиците со кои се соочува истражувачкото новинарство во Германија, како и опасноста од ширење лажни вести и дезинформации во Европа.
Гости на фестивалот ќе бидат и истражувачките новинари Карло Бонини од „Ла Република“ и Мет Сарнецки, продуцент на The Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP), кои ќе се осврнат на сериозниот ризик што ги следи новинарите во секоја нова потрага по вистината. Тие ќе ги претстават документарните филмови „Дафне“ за убиството на новинарката од Малта, Дафне Каруана Галиција, и „Убивајќи го Павел“, посветен на проблематичната полициска истрага за убиството на белорускиот новинар Павел Шеремет.
Годинава, ИФФС ја носи и успешната приказна на хрватскиот портал „Лупига“, а новинарите Ивор Цар и Ладислав Томичиќ ќе зборуваат за успехот на својата crowdfunding-кампања во која успеаја да соберат повеќе од 42.000 долари од своите читатели како финансиска поддршка за понатамошното независно функционирање на нивниот медиум.
Вториот фестивалски ден е македонски ден – посветен на медиумите и новинарството во Македонија и предизвиците на домашен терен. Ќе биде отворена темата „Владиниот пиар и социјалните медиуми: влијание, присуство или преголемо присуство“. Учесници на дебатата ќе бидат: Бранко Героски, Божидар Божиновски, Марјан Забрчанец, Васко Маглешов и Бојан Кордалов.
Покрај документарците на СКУП и „Кадар“, ќе биде прикажана и велешката бајка „Fake News Fairytale“ на лондонската режисерка Кејт Стоунхил (Kate Stonehill). Од платформата за кратки видеа „Види Вака“ ќе раскажат како во една минута да се освоите публиката на социјалните мрежи.
Влезот за сите настани на вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.