Култура
Капиталното дело „Историја на филмот, книга II“ достапно во ПДФ-формат на kinoteka.mk

„Историја на филмот, книга II“ на авторот Георги Василевски, во издание на Кинотеката од 2002 година, деновиве ја доживеа и нејзината дигитална верзија.
„Историја на филмот, книга II“ ја обработува појавата на звучниот филм и го анализира периодот во светската кинематографија од 1927 до 1945 година. Втората книга од четиритомната „Историја на филмот“ хронолошки го опишува откритието на звукот во филмот, големата епоха на францускиот филм, германскиот филм и нацизмот, полетот на британскиот филм, успесите на советскиот филм, светската кинематографија за време на Втората светска војна, стариот и новиот Холивуд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Велешкиот театар најавува спектакл – почнаа пробите за претставата „Инферно“ на Дејан Пројковски

Народниот театар Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот од Велес денес ги почна пробите за претставата „Инферно“, според „Пеколот“ од Данте Алигиери, а во режија на Дејан Пројковски. Покрај режисерот Пројковски, авторскиот тим на претставата го сочинуваат: Олга Панго како кореограф, Валентин Светозарев како сценограф, Раде Василев како костимограф, Горан Трајкоски како автор на музиката за претставата, асистентка на режисерот е Марија Петреска. Во претставата учествува речиси целиот ансамбл на Велешкиот театар: Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Кети Борисовска, Зорица П. Панчиќ, Маја Љутков, Славица Манаскова, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска, Марија Баркова, Кристијан Саздовски…
Дејан Пројковски е еден од најзачајните режисери во регионот. Неговите режии во Нови Сад („Ана Каренина“, „Ричард Трети“), Бања Лука („Дервишот и Смртта“), Софија (Иван Вазовм „Браќа Карамазови“), Сплит (ХНК Сплит, „Орестија“), Истанбул („Ромео и Јулија“), Санк Петербург (Вера Комисаржевскаја, „Опасни врски“), Подгорица (ЦНП, „Бура“) се театарски маркери на именуваните театри и истите се закитени со најзначајните награди во регионот, додека претставата „Ана Каренина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско позориште.
„Пеколот“ од Данте Алигиери, еден од најфасцинантните текстови во историјата на светската книжевност, за потребите на претставата ќе биде преведен во моќни и густи слики кои комуницирајќи со контекстот ќе создадат претстава во која супериорниот актерски и технички потенцијал на големата сцена на Велешкиот театар ќе биде максимално искористен. Дантевиот изворник, чии метафори зборуваат за слоевите на распадот на европската цивлизација, во претставата ќе биде толкуван преку контекстуализација на густите места и нивна транскрипција во оригинални сценски слики.
Со оваа претстава Велешкиот театар сака да се наметне како еден од најважните театарски центри во Југоисточна Европа, а за овој аргумент зборува и селекцијата на претставата на најзначајниот светски театарски настан кој ќе се случи во 2023 година.
Култура
„Варијации“ на Симон Трпчевски избран за албум на месецот во Британија

Британското музичко списание „Грамофон“ го избра новиот албум на Симон Трпчески, „Варијации“, за албум на месецот. Ова е трет албум што Трпчески го издаде за реномираната куќа „Лин рекордс“, а на цедето се наоѓаат дела од Моцарт, Бетовен и од Брамс.
Според уредникот Патрик Ракер, кој е и рецензент на „Грамофон“, албумот на Симон во исто време предизвикува и восхит и зачуденост.
„Интерпретацијата на Трпчески на оваа деликатна нежна музика е најличното свирење што сум го слушнал од него. Длабоко тапациран, но во исто време јасен, жесток и искрен. Целата варијација е како виор низ прозорецот на возилото кое забрзано се движи по автопатот со безмалку 130 километри на час. Изведбата на Трпчески може да послужи како музика за научнофантастичен филм на Андреј Тарковски“, пишува Ракер.
На македонскиот пијанист максимални пет ѕвездички за албумот му даде и престижниот британски „Би-би-си мјузик магазин“. Нивниот рецензент Мајкл Чрч вели дека во албумот доминира карактеристичната префинетост на Трпчески, кој со убавина и лесен допир изведбата во исто време ја прави и интимна и земјотресна.
Трпчески неодамна имаше мини турнеја во САД, а настапи и со Кралскиот шкотски национален оркестар во Шкотска и имаше четири вечери со Сиднејскиот симфониски оркестар во Градската куќа во Сиднеј. Тој ќе има уште еден концерт во САД во јуни, а потоа и со Филхармонијата во Букурешт. На крајот на јуни тој ќе настапи во Белград. Во текот на јули Трпчески ќе одржи рецитал во Загреб, а ќе настапи и во Франција на Фестивалот на камерната музика. По ова, следуваат концертите со албумот „Македонисимо“, северноамериканската премиера во Отава и повторните гостувања во Пјонгчанг во Јужна Кореја. Завршниот концерт од сезонава е во рамките на Грент парк музичкиот фестивал во Чикаго.
Култура
Концертна серија Musica Viva на отворено на Факултетот за музичка уметност во Скопје

Факултетот за музичка уметност – Скопје, на 27, 28 и на 29 мај, организира концертна серија Musica Viva на отворено како дел од научноистражувачкиот проект NIP.UKIM.21-22.15 поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Програмата на концертите ја сочинуваат дела од светската музичка литература во изведба на студентите од класите на проф. м-р Марија Муратовска-Наумовска, проф. м-р Катерина Гелебешева-Костадиновска, проф. м-р Живко Фирфов, проф. м-р Страшо Темков, проф. м-р Олег Кондратенко, проф. д-р Марија Ѓошевска, проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Зорица Каракутовска, проф. м-р Весна Ѓиновска-Илкова, вонр. проф. д-р Кристина Светиева, вонр. проф. м-р Марија Вршкова, вонр. проф. д-р Елена Атанасовска-Ивановска, вонр. проф. м-р Сара Пројковска, доц. м-р Дино Имери, доц. м-р Димче Белчовски, м-р Бисера Чадловска, м-р Александар Поп Христов.
Концертите ќе се одржат на платото пред НУ Националната опера и Балет во следниве термини: 27 мај: ПРЕЛУДИУМ (пијано, хармоника) 28 мај: SONARE (виолина, тромбон, соло пеење, корепетиција практика) 29 мај: ПРОЛЕТНИ ПЕСНИ (соло пеење, вокално студио, флејта, виолина, виолончело, контрабас, корепетиција практика). Сите концерти почнуваат во 19 часот.