Култура
Клаудија Кардинале: Не останав во Америка, зашто Холивуд многу манипулира

Малата сала на Центарот на култура во Битола беше претесна да ги прими сите заинтересирани новинари, фоторепортери и обожаватели на филмската дива Клаудија Кардинале, кои присуствуваа на денешниот разговор што го водеше Микеле де Анџелис, режисер и продуцент од Италија.
Клаудија Кардинале како млада девојка и немала некоја посебна желба да стане актерка. Сестра и’ имала сини очи, и сите гледале идна актерка во неа, додека, пак, Клаудија, студирала педагогија и сакала да биде учителка. Како 19-годишна девојка победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“ м(земјата каде што е родена и одраснала), освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција. Таму го добила првиот филмски ангажман.
,,Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот го послушав татко ми, кој силно ме наговараше, и станав актерка, раскажуваше Кардинале на почетокот на разговорот.
Иако Кардинале станала позната актерка во Италија со филмот „Роко и неговите браќа“ (1960) на Лукино Висконти, нејзиниот глас бил нахсинхронизиран, како и во останатите улоги од тоа време, бидејќи Кардинале во родниот Тунис се школувала на француски јазик. Практично со улогата во филмот „8 ½“ (1963) на Федерико Фелини, Кардинале започнива да снима со нејзиниот глас.
Во 1963 таа го снимила и вториот важен филм на почетокот на нејзината кариера, „Леопард“ на Лукино Висконти.
,,Со Висконти снимов четири филмови, тој обично не сакаше жени, но ми рече дека јас сум невообичаена жена, па затоа снимаше со мене, вели Кардинале. Фелини, пак, сакал да ја види како русокоса жена за потребите на филмот, па затоа Кардинале, која имала долга и бујна црна коса, морала да се бојадисува на секои две недели.
,,Иако Висконти и Фелини беа доста различни карактери како луѓе и во пристапот на филмот, со нив ги снимив најзначајните филмови во тој период. Додека го снимавме „8 ½“, Фелини секој ден ме земаше од дома со автомобил, велејќи ми дека јас сум неговата муза, се сеќава Кардинале, истакнувајќи и италијанскиот режисер Пјетро Џерми („Факти за убиството“) како мошне значаен за автор во почетоците на нејзината актерска кариера.
,,Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност, објаснува Кардинале.
Кардинале доби громогласен аплауз од публиката на нејзината изјава дека секогаш одбвивала да се соблекува гола во филмовите.
,,Не сакав да го продавам моето тело, истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.
На прашањето од публиката каков е нејзиниот коментар на актуелното женско движење „Me Too“ во Холивуд, кое се бори против сексуалната злоупотреба на актерките, Кардинале истакна дека таа секогаш се борела и ќе се бори за женските права.
Иако нема снимено многу комедии, многумина во неа препознавале голем комичен потенцијал. Токму со улогата во комедијата „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс, снимен во за неа судбински успешната 1963 година, Кардинале го освојува Холивуд. Подоцна не добивала ангажмани во комедии, но вечерашната проекција на фестивалот во чест на Кардинале – нејзиниот најнов филм „Благородни лаги“ (во режија на Антонио Пису) – е токму комедија, која го истакнува нејзиниот талент за овој жанр до максимум. Инаку, фестивалски гостин е продуцентот на филмот Паоло Роси.
Додека за време на разговорот одеа инсерти од „Пинк Пантер“, кардинале се смееше радосно како мало дете, а потоа сподели една мала тајна од снимањето на овој филм.
,,До „Пинк Пантер“ не пушев цигари, па на снимањето ми дадоа да запалам цигара, но тоа всушност беше марихуана, раскажува Кардинале. Иако имала огромна шанса за успешна холивудска кариера, Кардинале на понудите им одговорила дека таа е Европејка и се вратила во Италија.
,,Не сакав да останам во Америка, бидејќи Холивуд многу манипулира”, изјави Кардинале и повторно доби силен аплауз. Сепак, повремено снимала и холивудски филмови, како легендарниот „Професионалци“ (1966) на Ричард Брукс, како единствена женска ѕвезда меѓу величините како Берт Ланкастер, Ли Марвин, Џек Паланс, Роберт Рајан…
Кардинале е единствената женска ѕвезда и во култниот италијанско-американски епски „шпагети“ вестерн на Серџо Леоне, „Беше еднаш на Западот“ (1968), покрај Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.
,,За мене секогаш било најважно сценариото, но и добриот режисер. Многу добро се сложував и со Брукс и со Леоне, но Леоне некако повеќе ми одговараше на карактерот заради заедничката италијанска нишка. Сепак, и „Професионалци“ е меѓу моите најзначајни филмови”, истакна Кардинале.
Иако играла со познати актери кои важеле за големи заводници, Кардинале нагласи дека никогаш немала љубовна афера на снимањата со ниту еден партнер. А покрај гореспоменатите, нејзини филмски партнери биле и Ален Делон, Марчело Мастројани…
,,Во 1960-та година го снимавме „Bell’ Antonio“ („Убавиот Антонио“) на Мауро Болоњини, со Мастројани во главната машка улога. Во филмот тој ја игра улогата на маж, Сицилијанец, кој е многу убав, но не може да води љубов со мене, па пред хотелот се собраа Сицилијанци кои тврдеа дека нема импотентни мажи кај нив, низ смеа раскажува згода од снимањето на филмот.
Кардинале ја истакна и соработката со мајсторот на филмската фотографија Џузепе Ротуно, еден од лауреатите на „Браќа Манаки“, во „Леопард“ на Висконти (1963). Сцената со балот ја снимале цели три недели.
,,Ротуно беше голем уметник”, истакна Кардинале. Таа раскажуваше и за искуството со режисерот Пасквале Сквитиери. За време на снимањето на филмот „Луција“ се вљубиле еден во друг, се венчале, а потоа снимиле уште 10 филмови. Нивната ќерка Клаудија Сквитиери ја придружува мајка си во Битола.
,,Татко ми често велеше дека филмот беше добар, но со текот на снимањето мајка ми станувала се поубава во неговите очи, бидејќи му го сменила животот”, раскажа Клаудија и заработи голем аплауз. На тоа одговори мајка и, која спомена дека таа го одбрала Пасквале за сопруг.
Во периодот на нејзината голема слава медиумите вештачки подгревале „натпревар“ меѓу тогаш најпопуларните актерки – Кардинале и Брижит Бардо, кој често го насловувале како „Војна на иницијалите – Б.Б. против К.К.“. По завршетокот на разговорот публиката направи вистинска медитеранска процесија со Клаудија Кардинале, пеејќи ја со неа популарната италијанска песна „Марина“, и ја испрати до хотелот „Епинал“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.