Култура
Книгата „Делфинот“ на Александар Прокопиев на бугарски јазик
Неодамна, познатото софиско книгоиздателство Books4All („Книги за сите“) ја издаде книгата раскази „Делфинот (приказни за видливото и невидливото)“ на македонскиот автор Александар Прокопиев.
Преводот на бугарски е на Деница Проданова, инвентивното решение на корицата на Стефан Пламенов. Во препораката до бугарскиот читател на „Делфинот“ се вели: „Мајстор на прозата, Александар Прокопиев умее да раскажува приказни што вовлекуваат во интригата, возбудуваат со своите емоции и на крај, но не и помалку важно – долго остануваат во вашите мисли“.
Претходната книга на Прокопиев преведена на бугарски, „Човечулец“, беше под покровителство на истото книгоиздателство што го води издавачот, книжевниот истражувач и критичар Пламен Тотев. „Човечулец“ имаше впечатливи претставувања за време на меѓународната ноќ на литературата во Софија, како и во македонскиот културен центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Прилепскиот дувачки оркестар повторно активен по 10 години
По десет години пауза, повторно започна со работа еден од најпрепознатливите музички симболи на градот – Прилепскиот дувачки оркестар. Возобновувањето на оркестарот се реализира со почетна логистичка и финансиска поддршка од Општина Прилеп, во согласност со можностите и програмските активности на новооформениот состав.
Првиот јавен настап на возобновениот Прилепски дувачки оркестар ќе биде во рамки на карневалот „Прочка 2026“, додека програмата на оркестарот ќе се темели на оригиналност и разновидност.
Дејан Проданоски, градоначалникот на Општина Прилеп, присуствуваше на првата проба на возобновениот оркестар и истакна дека Прилеп континуирано инвестира во културата и во зачувувањето на локалниот културен идентитет. Притоа, тој истакна големо задоволство на фактот што по десетгодишен прекин, Градскиот дувачки оркестар повторно е активен и ќе биде составен од млади, професионални и талентирани музичари од Прилеп, кои продолжуваат традиција подолга од еден век.
Прилепскиот дувачки оркестар привремено ќе ги одржува своите проби во просториите на ООУ „Блаже Конески“, а во моментов брои 14 академски образовани млади музичари од Прилеп. Како дел од идни активности, во репертоарот на оркестарот се вбројуваат учество на градските празници, свечености и културни манифестации.
Градот Прилеп, со повеќе прекини низ годините, последен пат имал активен градски дувачки оркестар до 2015 година, иако традицијата на вакви оркестри е децениска. Првиот прилепски дувачки оркестар бил формиран во 1924 година, а во 1930 година бил основан првиот поголем оркестар од околу 20 членови, составен од лимено-дувачки инструменти, формиран од железничарите и железницата, под диригентство на Ѓорѓи Шабаноски – Шабанче.
Во подоцнежниот период, со одредени прекини, градскиот дувачки оркестар функционирал сè до 2015 година, при што значаен придонес во развојот и зачувувањето на оваа традиција дал Илија Јанчулески, кој со генерации музичари ја одржувал оваа културна вредност.
Култура
Холандија му врати на Египет украдена скулптура стара 3.500 години
Холандија во четвртокот му врати на Египет скулптура стара 3.500 години, откако украдениот артефакт повторно се појави на холандски саем за уметност во 2022 година.
Истрагата на холандската полиција и инспекторатот за културно наследство минатата година потврди дека скулптурата била украдена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите на Арапската пролет во 2011 година, по што се појавила на меѓународниот пазар на уметност.
Експертите веруваат дека артефактот, камена глава која првично била дел од статуа, потекнува од Луксор во јужен Египет. Таа прикажува висок функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III, кој владеел од 1479 до 1425 година пред нашата ера.
Скулптурата била запленета во 2022 година на саем за уметност во Мастрихт. Галеријата за трговија со уметност „Сикомор Еншнт Арт“, која го стекнала делото, но имала сомнежи за неговото потекло, доброволно го предала по спроведената истрага.
„Нашата политика е да го вратиме она што не ни припаѓа и секогаш да го вратиме на законската културна заедница или на земјата на која ѝ припаѓа“, изјави холандскиот министер за култура Гуке Моес, предавајќи го артефактот на египетскиот амбасадор.
Египетскиот амбасадор Емад Хана изјави дека неговата земја систематски ги следи артефактите што се појавуваат на изложби или аукции.
„Тоа ни значи многу кога станува збор за туризмот и економијата, бидејќи на крајот на денот, кога туристите доаѓаат во Египет за да ги видат тие предмети, тоа дефинитивно прави разлика“, рече Хана.
Плановите на Египет за изложување на скулптурата засега не се познати.
Култура
Концерт на Национален џез оркестар и Renato Chicco
На 19 февруари, со почеток во 20:00 часот, Националниот Џез Оркестар ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист Renato Chicco. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет во Скопје, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Renato Chicco е музичар чиј израз се обликувал на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години. Во тој период, како член на оркестарот на 𝐿𝑖𝑜𝑛𝑒𝑙 𝐻𝑎𝑚𝑝𝑡𝑜𝑛 и музички директор на 𝐽𝑜𝑛 𝐻𝑒𝑛𝑑𝑟𝑖𝑐𝑘𝑠 & 𝐶𝑜𝑚𝑝𝑎𝑛𝑦, Chicco делувал во самото јадро на американската биг-бенд традиција, настапувајќи и во култни џез-клубови како 𝐵𝑙𝑢𝑒 𝑁𝑜𝑡𝑒 и 𝐵𝑖𝑟𝑑𝑙𝑎𝑛𝑑.
Денес, неговиот авторски потпис најјасно се препознава преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент кој во проектот 𝑂𝑟𝑔𝑎𝑛 & 𝐵𝑖𝑔 𝐵𝑎𝑛𝑑 е поставен во центарот на оркестарскиот израз.
На концертот ќе биде изведена програмата од неговиот албум First Encounter – Organ & Big Band – проект што ги поставува хамонд-оргулите во современ биг-бенд формат, преку оригинални композиции и специјално пишувани аранжмани.
Специјален гостин на вечерта е 𝐀𝐧𝐝𝐲 𝐖𝐚𝐭𝐬𝐨𝐧 (Њујорк) – бубњар со богата кариера на американската џез-сцена и соработник на ансамбли како 𝑉𝑎𝑛𝑔𝑢𝑎𝑟𝑑 𝐽𝑎𝑧𝑧 𝑂𝑟𝑐ℎ𝑒𝑠𝑡𝑟𝑎 и 𝑇𝑜𝑠ℎ𝑖𝑘𝑜 𝐴𝑘𝑖𝑦𝑜𝑠ℎ𝑖 𝐵𝑖𝑔 𝐵𝑎𝑛𝑑. Неговиот препознатлив грув и стил претставуваат клучен елемент во звучниот идентитет на овој проект.
Билетите за концертот може да се набават online на MKTickets и на продажните места на МКТикетс.
Билети со 50% попуст за студенти и пензионери ќе бидат достапни на денот на концертот, еден час пред почетокот, на билетарницата на Националната опера и балет, со приложување соодветен документ.
Билетите може однапред да се резервираат на: [email protected]

