Култура
Книжевна манифестација „Валандовско поетикување“

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со Општина Валандово, на 11 јуни 2021 година, со почеток во 18:00 часот, во градскиот парк Пеонија во Валандово ќе ја реализираат првата книжевна манифестација Валандовско поетикување.
На поетското читање се планирани да настапат десетмина реномирани поети и автори од Струмица, Валандово и регионот, познати на книжевната јавност. Воведната реч ќе ја има Ацо Гогов, писател и литературен критичар, а авторите кои ќе настапат се: Вања Изова Велева, Ѓорѓи Калајџиев, Митко Гогов, Мирна Трпкова, Ален Нанов, Станка Бајлозова Барламова, Бранко Ѓеоргиев, Магдалена Јованова и Цветанка Џонова.
„Во време кога секој од нас се обидува да ја надмине штетата која ја остави ковид пандемија од исклучителна важност се ваквите книжевни манифестации кои ги реализираме со цел подигање на духот на граѓаните, нивно позитивно анимирање и оттргнување од секојдневните проблеми со кои секој од нас се соочува во оваа криза. Можноста да бидеме на отворено во преубавиот амбиент на градскиот парк Пеонија во Валандово и да ги слушнеме и видиме домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап е навистина реткост. Овој нов мултимедијален формат кој ќе го користиме за првото издание ќе направи Валандово да биде препознато на мапата на книжевна поетска мисла која ќе ни биде водилка во периодот што следи“, велат организаторите на настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
КИЦ „Битола“ – конкурс за „Ах, таа серенада – 2023“

Културниот и информативен центар – Битола објавува конкурс, со траење од 1.2.2023 до 31.3.2023, за 14 нови композиции за потребите на фестивалот на битолската серенада, „Ах, таа серенада – 2023“.
„Композициите треба де се во согласност со досегашните принципи на компонирање музика и пишување текстови во корелација со староградската музика, со потенцирање на битолската серенада како основен уметнички израз. Сите варијации и иновации на оваа тема се добредојдени за збогатување на квалитетот на оваа музичка форма. Музичките дела ги очекуваме како демо-снимка во МП3-формат, аплициран текст и/или нотен запис на мелодиската линија со запишани акорди на нашата електронска адреса [email protected] За изборот на композициите, неприкосновено право при селектирањето и изборот на делата има комисијата назначена од КИЦ ‘Битола’. Ни избраните музички дела ќе им биде даден хонорар од 12.000 денари за текст, 12.000 денари за музика и 12.000 денари за аранжман. Изведувачите ќе добијат хонорар од 5.000 денари“, соопштуваат организаторите.
Додаваат дека во корист на квалитетот на фестивалот организаторот има право да нарача одреден број композиции кај докажани автори и ја задржува целосната контрола врз аранжманите поради тоа што музичкиот настан ќе се изведува во живо со оркестар, со професионални музичари, кои имаат искуство и знаење да одговорат на предизвикот.
Фестивалот „Ах, таа серенада – 2023“ ќе се одржи во Офицерскиот дом во Битола (плато) во рамките на „Бит-фест 2023“.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна до 15.4.2023.
Култура
Изабела Новотни и Владимир Лазовски, актери на Театарот за деца и младинци, прославуваат 30-годишен јубилеј

На 1 февруари, 2023 (среда), со претставата „Зрното грашок и принцезата“, актерскиот тандем Изабела Новотни и Владимир Лазовски, ќе го одбележат тридеценискиот јубилеј од нивната плодна кариера како првовработени актери во ансамблот на НУ Театар за деца и младинци – Скопје (ТМД).
„Пред три децении кога се вработив, не бев свесна за авантурата во која се впуштам. Ентузијазмот што го имав тогаш сè уште ме држи и верувам дека ја оправдаме довербата како првовработени актери да креираме и создаваме квалитетни претстави во првиот и единствен државен театар за деца и младинци на македонски јазик, вели Изабела Новотни.
„Прекрасно е чувството да бидете дел од создавањето темели на едно сега веќе големо функционално семејство, кое неуморно соништата ги создава низ театарските претстави преку кои израснале многубројни генерации“, вели Владимир Лазовски.
Театарот за деца и младинци, со одлука на владата во 1990 година, е формиран како национална институција и во првите години од формирањето претставите биле играни на разни сцени во Скопје и земјата, но без официјално вработени актери.
Пред театарот да го формира својот уметнички ансамбл, во него, заедно со тогашниот директор Љ. Чадиковски, вработени како административни соработници и веќе имаат навршени 30 години во ТДМ, беа Виолета Димовска, која сè уште го дава својот придонес во ТДМ, и нешто подоцна Софија Георгиевска, која веќе е во пензија.
Во 1993 година, со претставата „Зрното грашок и принцезата“, од Атанaс Илков, а во режија на Срѓан Јанаќиевиќ, во која играат Владимир Лазовски и Изабела Новотни, се означува и формално создавањето уметнички ансамбл на театарот со вработени актери, како и вработување технички соработници. Премиерната изведба на претставата била изведена во Детската градинка „13 ноември“ во Скопје, а поради нејзината мобилност и камерен стил, таа многу бргу учествува на многубројни фестивали во Албанија, Бугарија, СР Југославија, Италија, Турција и освојува многубројни награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат: наградата за претстава во целина на фестивалот „Буроборак“ во Смолен, Бугаријан 1994 година, наградата за естетско обликување на претставата на фестивалот во Суботица, 1995 година и други.
Заедно со вработувањето на првите актери, театарот ги бележи и вработувањата на Љубица Велкова, кројач што остава силни белези при реализација на сите раскошни костими за разните претстави во театарот, а исто толку години поминати во ТДМ оваа година ќе бележи и Ангеле Насковски, тон-мајстор.
На 6 февруари 1998 година Театарот за деца и младинци, конечно, добива свој дом. Поранешниот воен ресторан „Вардар“ станува адаптиран сценски простор од привремен карактер. Овој објект сè уште како привремено адаптиран театар е единствениот дом во кој вработените неуморно креираат и создаваат успешни претстави наменети за деца и младинци, и тоа цели 33 години и веруваат во сонот што трае.
Култура
Перформанс и предавање на уметницата Дилејн Ле Бас во МСУ – Скопје

Утревечер, на 1 февруари, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје предавање и перформанс ќе одржи британската уметница Дилејн Ле Бас. Разговорот ќе го води уметникот Никола Узуновски.
Перформансот се однесува на уметничка практика на Ле Бас, претставена преку проектот „Архивата на куќата“.
Неколку нејзини уметнички дела се составен дел од веќе отворената изложба „Сè што ни е заедничко“ во МСУ Скопје, која е реализирана во рамките на проектот „Манифеста 14 Приштина – Западен Балкан“.
Настанот се организира со финансиска поддршка на британската амбасада во Скопје.
Дилејн Ле Бас е британска уметница на вкрстени дисциплини и создава инсталации, перформанси, фотографии и филмови. Таа е една од шеснаесетте уметници што се дел од „Изгубениот рај“, првиот ромски павилјон на Биеналето во Венеција од 2007 година. Нејзините дела се вклучени во Биеналето во Венеција од 2007 година, Биеналето во Прага 2005 и 2007 година, биеналето „Гвангју“ 2012 година, Националната галерија на уметност – Зачета 2013 година, MWW, Музеј на современата уметност – Вроцлав 2014 година, третото издание на проектното биенале за современа уметност D-O Арк андерграунд – Босна и Херцеговина 2015 година, Биеналето Оф, Будимпешта 2015 година, Проширено меѓународно биенале за современа уметност во Гетеборг.