Култура
Комеморација во чест на академик Милан Ѓурчинов во Друштвото на писатели
Со почеток во 11 часот во просториите на Друштвото на писатели на Македонија ќе се одржи комеморација за неодамна починатиот книжевен научник, критичар и есеист, долгогодишен активен член на писателската асоцијација и во извесен период и нејзин претседател, академик Милан Ѓурчинов.
Како еден од најкомпетентните проследувачи на македонската книжевност, со својот впечатливо обемен и квалитетен опус, Ѓурчинов даде неодминлив влог во критичката опсервација на нашата литература во текот на повеќе од шест децении.
Притоа, тој континуирано остана приврзаник на концептот на вредносна критика која директно, аргументирано и едуцирано искажува суд за книжевното дело. Таква критика, која денес ѝ е потребна на нашата култура можеби повеќе од кога и да е, може да произлезе само од перото на интелектуално љубопитна, етички силна, стабилна и слободна личност, каква што беше и самиот тој. За неговата личност и за високите дострели на неговото дело ќе говорат: Соња Стојменска-Елзесер, Мишел Павловски, Елизабета Шелева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Трајче Кацаров и Гоце Смилевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Герасимовски: „Џез под ламба“ ги сплоти скопјани, незаборавна џез вечер и празнична магија во Центар
На пјацетата пред Италијанската амбасада граѓаните уживаа во музика, греано вино и печени костени.
Настанот „Џез под ламба“, во организација на Општина Центар, создаде пријатна празнична атмосфера, исполнета со џез верзии на познатите божиќни песни и стари шлагери во изведба на бендот на Мартина Елиора.
„Ме радува што настанов и годинава привлече голем број посетители. Овие радосни и среќни луѓе се доказ дека на градот му недостигаат вакви содржини. Џез под ламба прерасна во убава традиција, која ја збогати културната сцена во градот“, рече градоначалникот, Горан Герасимовски, кој заедно со скопјани уживаше во празничниот амбиент и џез атмосферата.
Герасимовски, ја искористи можноста да ги покани сограѓаните на централниот предновогодишен настан во организација на Општина Центар.
„Ги поканувам сите скопјани на 29 декември на големата предновогодишна забава “Вечер под ѕвездите” на Боемска улица! Преку ден подготвивме богата детска програма, а во вечерните часови музичка журка со Brass Brothers и Либеро бенд. Ветувам добра забава за сите генерации“, порача градоначалникот.
Култура
Почина Брижит Бардо
Француската актерка Брижит Бардо починала денеска на 91-годишна возраст, пренесе „Гардијан“.
Бардо, француска актерка и пејачка која стана меѓународен секс-симбол, а подоцна ѝ го сврте грбот на филмската индустрија и се посвети на борбата за правата на животните, починала во 91. година од животот.
Меѓународната слава ја стекна со филмот And God Created Woman од 1956 година, кој го напиша и режираше нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим. Во наредните две децении, Бардо беше олицетворение на архетипскиот „секс-симбол“. На почетокот на 1970-тите, таа објави дека се повлекува од глумата и стана сè поактивна во јавниот и политичкиот живот.
Нејзината отворена поддршка за правата на животните со текот на времето беше проследена и со контроверзни изјави за етничките малцинства и јавна поддршка на францускиот крајнодесничарски Национален фронт, поради што беше осудувана за расна омраза.
Родена во 1934 година во Париз, Бардо пораснала во богато, традиционално католичко семејство. Како талентирана танчерка, ѝ било дозволено да студира балет и добила место на престижниот Париски конзерваториум. Паралелно работела како манекенка и во 1950 година, на само 15 години, се појавила на насловната страница на списанието „Ел“.
Манекенската кариера ѝ ги отворила вратите кон филмот, а на една аудиција го запознала Роже Вадим, за кого се омажила во 1952 година, откако наполнила 18 години. По неколку помали улоги, се истакна и во филмот Doctor at Sea од 1955 година, кој беше голем хит во Велика Британија.
Филмот And God Created Woman, во кој ја играше улогата на ослободена тинејџерка во Сен Тропе, го зацврсти нејзиниот имиџ и ја претвори во светска икона. Филмот доживеа голем успех во Франција и во светот и ја лансираше Бардо меѓу најголемите француски филмски ѕвезди.
Во 1960-тите години, Бардо се појави во низа значајни француски филмови, меѓу кои The Truth на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, Very Private Affair на Луј Мал и Contempt на Жан-Лик Годар. Подоцна прифати и холивудски понуди, како Viva Maria! и вестернот Shalako со Шон Конери.
Во интервју за „Гардијан“ во 1996 година, Бардо изјави дека притисокот од славата го доживувала како товар, велејќи дека никогаш не била подготвена за живот на ѕвезда. Од глумата се повлече во 1973 година, на 39-годишна возраст. Потоа целосно се посвети на активизмот за заштита на животните, учествуваше во протести против ловот на фоки и во 1986 година ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“.
Култура
(Видео) Музичка вечер посветена на Зафир Хаџиманов на годишнината на КИЦ Белград
Македонскиот КИЦ во Белград во петокот ја заокружи првата година од своето постоење со вечер посветена на бардот на македонската и на српската култура, Зафир Хаџиманов.
Во едно исклучително емотивно музичко дружење со неговите најблиски, синот Васил Хаџиманов и легендарната Бисера Велетанлиќ, бројната белграска публика на глас ги пееше големите хитови на Зафир и Бисера, а со долги аплаузи беа поздравени бравурозните интерпретации на Васил Хаџиманов на неколку обработки на традиционални македонски песни, но и неговите теми, „Охрид“ и „Сланкамен“.
Премиерно, во чест на својот татко, Васил ја испеа и првата голема фестивалска песна на Зафир Хаџиманов, „Човјек као ја“, која во далечната 1965 година ја компонира Арсен Дедиќ.
На семејството Хаџиманови, директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров му подари неколку раритетни фотографии кои никогаш не биле јавно презентирани, изработени од некогаш познатиот фотограф Иван Иванов.
Овој проект инициран и организиран од КИЦ Белград е поддржан и помогнат од Министерството за култура и туризам.

