Култура
Концерт „Дамар на слободата“ во Македонска филхармонија

„Дамар на слободата“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток со почеток во 20 часот на кој како солисти ќе настапат двајца исклучителни македонски пијанисти – Анастасија Грговска и Шкељзен Бафтијари. На програмата се „Свечена увертира“ од Дмитри Шостакович, Концертот за две пијана и оркестар во де-мол од Франсис Пуланк и „Енигма варијации“ од Едвард Елгар.
Концертот ќе го води маестро Конрад ван Алфен од Холанија.
Конрад ван Алфен е „инспиративен диригент што прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро.
Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија.
Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“.Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот национален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање, под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
Анастасија Грговска своето музичко образование го започнува во Куманово, каде што е родена, во класата на проф. Драган Грговски, а го продолжува во класата на проф. Славица Мицовска. Средно образование завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2013 година дипломира со cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Марија Ѓошевска. Добитничка е на голем број награди и признанија на државни и на меѓународни натпревари.
Зад себе има бројни солистички концерти во Куманово, Скопје, Велес, Прокупље, концерти со камерни состави и настапи на реномирани фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“ и „Есенски музички свечености“. Во 2009 година настапува како солист со Камерниот оркестар на град Перник, во Бугарија, а во 2013 и 2017 година како солист со Македонската филхармонија во Скопје. Лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“ во 2014 година, a добитничка е и на Гран-при за 2021 година што ја доделува Одборот на Фондацијата. Дел е од Камерното дуо „Дистанца“ со пијанистката Бриџида Мијоре од Италија. Активно се занимава со педагогија и корепетиција. Во август 2024 година, како пијано-дуо со пијанистот Шкељзен Бафтиари настапува на фестивалот „Охридско лето“, одбележувајќи јубилеи на македонските композитори Зографски и Тошевски. Се надоградува на семинари со познати светски имиња од класичната музичка сцена како: Х. Холтман, Германија, Ј. Кот, Украина, Н. Трул, Русија, А. Диев, Русија, Ж. Захариева, Бугарија, А. Гиндин, Русија, Ф. Турисини, Италија, Г. Грузман, Германија, Љ. Гашпарови, Хрватска. Магистрира со највисока оценка на Руската музичка академија „Гњесин“ во Москва, во класата на проф. Јулија В. Фјодорова, кадешто како редовен студент бележи настапи на концерти на класата и во камерни ансамбли.
Шкељзен Бафтиари дипломирал со cum laude на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов и завршил постдипломски студии со cum laude, во класата на светски познатиот пијанист Симон Трпчески, со кој сѐ уште има добра соработка. Основното и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „ИлијаНиколовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Људмила Романова. Пијано почнува да учи на 10-годишна возраст со проф. Симона Зафировска во ДМУ„Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово. Добитник е на повеќе меѓународни награди во Париз, Рим, Торино, Пловдив, Благоевград и Белград. Одржува солистички концерти во Тетово, Скопје, Струга, Приштина, Тирана, Софија, Охрид. Настапувал на неколку фестивали како „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „ДАМ“, „Шопен пијано фест“, „Косово камерфест“, „РеМузика“, „Сцена на албанската сериозна музика“. Соработувал со познати диригенти и инструменталисти како Симон Трпчески, Шкељзен Доли, Сихана Бадивуку, Марија Ѓошевска, Дерек Хан, Саша Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Томас Херцог итн. Настапувал како солист со Лондон сити филхармоник, Македонската филхармонија, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Косовската филхармонија и Симфонискиот оркестар на Албанската РТВ. Покрај поголемиот број снимки за радио и за ТВ, редовно учествувал на семинарите под раководство на проф. Борис Романов што се одржувале секоја година во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.