Култура
Костадиновска-Стојчевска: Ја поддржуваме креативноста која носи промени и е двигател на економијата
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешниот меѓународен форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“ нагласи дека Министерството за култура, институционално го поддржува развојот на креативните индустрии, а културата, чии потенцијали се огромни и универзални, сакаме да биде двигател на новите процеси и фактор за одржлив развој.
−Kреативноста, иновативноста и оригиналноста се „тројство“ што културата ја издигнува на пиедесталот во новата, наречена и „портокалова економија“, рече Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека креативноста прераснува во голем двигател кој ѝ дава насока на сегашната турбулентна и непредвидлива економија на која и се неопходни промени.
− Според бројни релевантни истражувања, носители на тие промени се токму креативните луѓе. Затоа вложувањето во нив е императив, порака на која мора да се одговори, порача министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска нагласи дека Владата и Министерството за култура не само што ја препознаа големата улога на креативните индустрии, туку силно и конкретно ги поддржуваат. Таа информираше дека Министерството за култура за 2024 година направи дополнување на постојните дејности и области со нова буџетска програма – креативни индустрии, за што рече дека е влог во нашиот интелектуален потенцијал и уште една системска поддршка на културната индустрија.

Меѓудругото, Костадиновска-Стојчевска потсети дека креативните и културните индустрии се опфатени и во Националната стратегија за развој на културата, како и со новиот предлог Закон за култура, со кој се менува начинот на дефинирање, поддршка и финансирање на културата, се редефинираат дејностите во културата заради пошироко сфаќање на културата, а со тоа и воведување на нови културни дејности од областа на креативните индустрии.
На меѓународниот форум, министерката за култура нагласи дека реализацијата на овој настан е еден од приоритетите на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, а развојот на културните и креативните индустрии стана приоритет и на Европската Унија која своите стратешки политики сè повеќе ги насочува во полза на културното и креативното претприемништво.
Меѓународниот форум „Одржливо претприемништво во креативните индустрии“, кој се реализира заедно со Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии- УМПАКИ, е трето продолжение на форумите од изминатите две години кои се фокусираа на културното и креативното претприемништво како и на женското претприемништво во креативните индустрии и влијанието врз економијата. На форумот учествуваат домашни и странски учесници ( особено од земјите од Југоисточна Европа), професионалци и организации, креатори на политики и владини претставници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Романтичниот балет „Жизел“ на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари
Еден од балетските бисери на класичниот репертоар – „Жизел“ од Адолф Адам ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 27 февруари со почеток во 19.30 часот.
Диригент е Едуард Амбарцумјан (Ерменија), кореографијата е по Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски, во адаптација на Ирена Пасариќ (Хрватска). Костимограф е Александар Ношпал, сценографијата е на Александар Ношпал и Михајло Стојановски, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а дизајнот на светло е на Милчо Александров.

Во насловната улога – Жизел настапува примабалерината Марија Кичевска Шокаровска, во улогата на Алберт – Балаж Лочеи, како Мирта настапува Илијана Данилов, а во улогата на Хиларион – Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Едно од најпознатите дела од класичниот балетски репертоар, „Жизел“ ја раскажува приказната за љубовта, измамата и прошката, која во вториот чин се одвива во светот на вилите. Лиричната музика и препознатливата кореографија го прават балетот постојано присутен на светската и домашната сцена.

Премиерно изведен во Париз во 1841 година, балетот „Жизел“ се смета за врв на романтичниот балет, особено по прочуениот „бел чин“ – еден од најпрепознатливите симболи на класичната балетска естетика.
Култура
Промоција на романот од Ирена Јурчева „Ќе помине и моќта“ во МКЦ
Вечерва, со почеток од 19 ч., во фоајето на Младински културен центар (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ирена Јурчева – „Ќе помине и моќта“.
Покрај авторката, на промоцијата ќе зборуваат Виолета Танчева-Златева и Александар Маџаровски-Читачот.
Романот „Ќе помине и моќта“ излезе од печат кон крајот на 2025 г., во издание на „Паблишер“, и претставува досега најамбициозно и најобемно дело на Јурчева. На повеќе од 350 страници, авторката гради слоевита и длабока приказна за наглото созревање среде светот што се распаѓа, за необичната моќ што го одбележува животот, и самата осудена да помине.
Ирена Јурчева ѝ е веќе добро позната на книжевната јавност како поетеса, прозаистка и преведувачка. Позната е по поетските книги „Таинства“ и „Огнот наш нестишен“, збирките раскази „Разнишан свет“ и „Белата е најстрашната боја“, за која ја доби наградата „Новите“ за најдобар дебитантски прозен ракопис. Освен тоа, преведувачка е на значајни дела од светската класика, меѓу кои се издвојуваат „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин и „Црниот мачор – раскази за мистеријата“ од Едгар Алан По.
Книгата ќе биде достапна за продажба и на самата промоција.
Култура
Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај „Сусурига 2026“
На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи манифестацијата „Сусурига 2026“, која како автентичен обичај ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.
Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.
Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри“ од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од Ратево, Берово, „Суроварска група“ од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба“ од КУЗ „Карпош“ и „Трновски ветришта“ од КУЗ „8-ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка.
Организатори на манифестацијата се општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка“, а целта е зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.
Манифестација „Сусурига“ го негува наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.

