Култура
Кратки филмови од „Астерфест“ во Кинотеката во Скопје
На 7 октомври, сабота, со почеток во 20 часот во Кинотеката во Скопје ќе се одржи традиционална ревија на филмови од последното, 18-то издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ што се одржа во Струмица, под мотото „Со нови искуства“.
Програмата опфаќа 4 наградени странски кратки играни филмови: данскиот „Ивалу“, американскиот „Еж“, австралискиот „Штипење“ и британскиот „Ирско збогум“.
„Ивалу“ на Андерс Валтер и Пипалук К. Јоргенсен е краток игран филм, номиниран за Оскар и добитник на „Златна потковица“ (Гран При) на „Астерфест“, со приказна која се обидува на фантастичен начин да ги разоткрие тајните на гренландската природа. „Еж“ на Д. Митри е краток игран филм, добитник на „Сребрена потковица“ на „Астерфест“, кој ја допира човечката димензија во руско-украинската војна.
„Штипење“ на Еми Патмор и Ана Дворжак е краток игран филм, добитник на „Бронзена потковица“ на „Астерфест“, обработувајќи суптилна тема за ученичка која се бори со тивката болест. Ексклузивно ќе биде прикажан и „Ирско збогум“ на Том Беркли и Рос Вајт, добитник на Оскар и добитник на Специјална награда на „Астерфест“, филм којшто претставува една трогателна сторија за отуѓените браќа кои се принудени да се зближат по прераната смрт на нивната мајка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Со промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“
Промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ ќе се одржи во националната галерија „Мала станица“ на 24 септември со почеток во 19 часот. Со овој настан се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, којашто беше отворена на 3 септември, годинава.
Уредници на брошурата „Прекарно за почетници“ се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).
– Оваа публикација „Прекарно за почетници“ се однесува на сите независни уметници, културни работници и оние што раководат со мали уметнички и културни субјекти, кои работат во сферата на субвенционираната култура, која има ограничени ресурси. Во оваа средина, индивидуализацијата и конкуренцијата се главните параметри на доминантниот капиталистичкиот начин на производство, кој е доминантен, а и институционалниот и вонинституционалниот сектор се потопени и потчинети на таа логика. Како резултат на тоа, преовладуваат лошите услови за работа, несигурноста на работата и недостатокот на социјална заштита. Публикацијата ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови. Ги истражува овие прашања во поширок контекст на културните политики на земјата, кои ги обликуваат севкупните работни услови во вонинституционалниот културен сектор – објаснуваат организаторите.
Промовирана ќе биде и публикацијата „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“, која е резултат на двегодишна соработка во рамките на платформата „Острови на сродство“ (Islands of Kinship), која поврзува шест визуелни уметнички институции од различни региони во Европа (Прага, Братислава, Битола/Скопје, Келн, Хелсинки, Рига).
– Во оваа публикација група куратори, уметници и експерти, вклучени во нивните организации како координатори за инклузија и одржливост, размислуваат за социјалната и еколошката одговорност во уметничката и институционалната практика од теоретски, политички и практични перспективи. Публикацијата содржи и уметнички проекти што беа претставени на изложби и јавни програми во рамките на „Острови на сродството“ – велат организаторите.
Со промоциите се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на која заземат учество десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена: селма баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнхамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“. Изложбата е поддржана и од Националната стратегија за ревитализација на Чешка (Chech recovery plan).
Досега „АКТО“ одржа целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во Битола во партнерска соработка со платформата „СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ“; серијата на мурали низ Македонија, односно на Националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на објектот на Националната установа Центар за Култура (НУЦК) „Марко Цепенков“ во Прилеп и два мурали на зградите на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов во Скопје; и меѓународната изложба и јавна програма „Куќата што се распаѓа“ во Музеј на Македонија во рамките на проектот „Не сакаме да бидеме ѕвезди (туку дел од соѕвездијата)“.
До крајот на годината во рамки на фестивалот „АКТО“ предвидени се уште неколку настани.
Култура
Промоција на „Истарско злато“ на Мајк Дауни и проекција на „Караула“ на „ПРО-ЗА Балкан“
Британскиот филмски продуцент и писател Мајк Дауни, вечерва во 20 часот во Кинотеката ќе го претстави својот роман „Истарско злато“, во издание на „Прозарт медиа“ од Скопје. Гостувањето е во рамките на 12. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, чија официјална програма заврши синоќа со врачувањето на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Владимир Пиштало.
Разговорот со Дауни ќе го води Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот. Дауни е продуцент на копродукцискиот филм „Караула“ во кој учествува и нашата земја. „Караула“ (2006) е првиот филм по распадот на Југославија во чија продукција учествувале екипи од Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина и од нашата земја. Филмот е снимен според романот на Анте Томиќ, „Ништо не смее да нè изненади“ („Ništa nas ne smije iznenaditi“), алузија на паролата за концептот на постојана будност на Народната одбрана на Југославија од можна агресија однадвор.
Мајк Дауни е автор, филмски автор и активист. Како писател на белетристика, Мајк пишува на многу теми. Неговата огромна архива од објавени текстови во публикации како Вог, Варајети, Скрин, Стилс, Синеаст… Исто така тој е соосновач на „Мувинг пикчрс групација“ за издаваштво во деведесеттите. Како филмски автор има работено со сценаристи како Елрој, Гинтер Грас, Колм Тоибин, Ли Хол, Давид Гросман и заменик-основачот Шејн Смит, како и со еклектичен спектар на режисери како Агњешка Холанд, Фолкер Шлендорф, Питер Гринавеј, Оливер Хиршбигел и Мохсен Макмалбаф. Како претседавач на Европската филмска академија, тој е соосновач на Меѓународната коалиција за филмски работници во ризик и една деценија беше повереник на Алијансата „Бела лента“. Бил и визитинг-професор по филм на Универзитетот во Охајо „Томас Јуинг“.
Во 2021 година тој стана почесен претседател на филмската награда LUX, која ја доделува Европскиот парламент, а истата година беше награден со О.Б.Е. на кралската роденденска почесна листа за неговите услуги за британската кинематографија. Во 2022 година, Универзитетот во Ворвик му додели на Мајк диплома за доктор по литература, honoris causa (D.Lit) за неговиот придонес во светската кинематографија.
„Истарското злато “ го одбележува неговото деби како романсиер.
Култура
„Златен круг на времето“ од Шопов во препев на словенечки: прв двојазичен избор од поезијата на македонски класик во ваков формат
Во Словенија штотуку излезе од печат избор од поезијата на Ацо Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик. Под наслов преземен од песна на Шопов – „Златен круг на времето“ –, ова обемно и луксузно издание воспоставува дијалог помеѓу неговата поезија и уметничките дела на академскиот сликар Боге Димовски.
Ова е прв избор од поезијата на македонски класик објавен во странство во ваков формат, којшто ги обединува сите препејувачи, односно преведувачи што во децениите наназад се имаат посветено на пренесување на моќта на македонската поетска реч во кодот на својот мајчин јазик.
Поконкретно, во изборот, со критички пристап се опфатени препеви на поезијата на Шопов на повеќе генерации преведувачи, започнувајќи од првите препеви остварени од Богомил Футур, Иван Минати и Цирил Злобец во педесеттите и шеесеттите години на минатиот век со критички одглас на Фран Петре, преку препевите на Северин Шали и Јоже Шмит, во седумдесетите години, и заклучно со најновите остварени во 2023 година од Намита Субиото, Маја Ковач и Соња Цекова Стојаноска. Всушност, како што е нагласено и во книгата – „Ацо Шопов е еден од најпреведуваните македонски литературни уметници на словенечки јазик во XX век“, а нови препеви се случија и во ова столетие.
Во овој двојазичен избор од поетското творештво на „вечниот поет“ како што е наречен Шопов од Драги Стефанија се застапени песни од сите збирки на македонскиот класик, распоредени во неколку циклуси. Изданието содржи и обемна студија за словенечките преводи на поезијата на Ацо Шопов и за рецепцијата за неа во словенечката културна средина, од истакнатата македонистка и славистка, проф. д-р Намита Субиото, раководителка на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
Изборот е објавен од Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија, а е резултат на комплексен проект за истражување на присуството и рецепцијата на поезијата на Шопов во Словенија. Проектот е инициран од Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и остварен е во текот на 2023. – годината во чест на Ацо Шопов, кога меѓу другото, по речиси половина век се остварија и нови препеви на неговата поезија на словенечки.
Цитирајќи интервју на Шопов дадено во Словенија во 1977 година, во предговорот на „Златен круг на времето“, Намита Субиото нагласува:
„Од ова интервју и од последната антологија со песните на Шопов на словенечки помина скоро половина век. Во јануари 2023 г. во рамките на 3-та Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во групата за литература, во инспиративна атмосфера поттикната од лекторот Иван Антоновски, конечно започнаа да се создаваат и нови словенечки препеви на поезијата на Шопов: препеани се сите песни од последната збирка „Дрво на ридот“, потоа неколку значајни, но дотогаш непрепеани песни од претходните збирки, како и нови препеви на веќе препеаните песни […] голем дел од нив се поместени и во овој репрезентативен двојазичен избор“.
Изданието „Златен круг на времето“ е влог и на словенечката академска и културна средина во минатогодишното чествување на стогодишнината од раѓањето на Шопов, но истовремено и на половина век творештво на академскиот сликар Боге Димовски. Но, како исклучително критичко издание е објавено во годината кога се навршуваат осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во современата македонска држава и од објавувањето на првата поетска книга во слободна Македонија – „Песни“ од Шопов, како прилог кон чествувањето и на овие јубилеи.
Инаку, Шопов е прв македонски автор објавен во Словенија – избор од неговата поезија под наслов „Слеј се со тишината“ е објавен на словенечки во 1957 година –, а како културен деец и како препејувач дал значителен придонес во развивањето на македонско-словенечките културни врски. Меѓу другото, негов е и препевот на македонски јазик на познатата поетска книга за деца „Цицибан“ од словенечкиот поет Отон Жупанчич, објавен уште во 1951 година, којшто неколку децении беше и лектирно издание.
Изборот „Златен круг на времето“ е објавен со финансиска поддршка од спонзори и од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија. Во Словенија веќе се закажани и првите промоции на книгата, и тоа во Љубљана, во организација на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија и на македонската амбасада, и во Крањ во организација на МКД „Св. Кирил и Метoдиј“ од Крањ.