Култура
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ награден на четири филмски фестивали

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“, во режија на Сузана Диневски – „Сузи кју продукција“, освои четири награди во изминатите три месеци на разни интернационални фестивали за краткометражни филмови:
Најдобра оригинална музика (композитор Дуке Бојаџиев) – Best Original Score – на CineParis Film Festival.
Најдобар постер (дизајнер на постер Коста Лазаревски) – Best Poster – на Toronto Women Film Festival.
Најдобра актерка (Сара Климоска) – Best Actress – на Kiez Berlin Film Festival.
Најдобра актерка (Сара Климоска) – Best Actress – на Reale Film Festival.
Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи кју продукција“, досега е селектиран во официјална селекција на 12 интернационални фестивали за краткометражни филмови во САД, Канада, Франција, Германија, Албанија, Италија и во Парагвај, а ја имаше својата интернационалната премиера на 22. издание на филмскиот фестивал во Беверли Хилс во САД на 4 јуни 2022. Пред премиерата филмот беше селектиран и беше дел од каталогот на Канскиот филмски маркет за краткометражни филмови со одржана проекција во рамките на филмскиот маркет на 26 мај оваа година како единствениот македонски краткометражен филм, што беше претставен оваа година на маркетот во Кан.
„Шеќерни луѓе“ исто така беше прикажан и на: Cine Paris Film Festival, Tirana International Film Festival, Ciudad del Este Independent Film Festival, Flickers’ Rhode Island International Film Festival, Festival International Signes de Nuit – Paris, Toronto Women Film Festival, Reale Film Festival и Kiez Berlin Film Festival, а во ноември ќе биде прикажан на 40. издание на Festival Tous Courts of Aix-en-Provence и на 15. издание на Amarcort Film Festival. Во февруари 2023 ќе биде прикажан на Cambria Film Festival во Калифорнија, САД.
Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Започнаа пробите на претставата „Лов на дива свиња“

Македонскиот народен театар од Скопје и Градското позориште од Подгорица потпишаа Меморандум за соработка за продлабочување на културната и уметничката размена меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Претставувани од директорите Никола Кимовски и Сандра Вујовиќ, двете институции ја изразија својата подготвеност за заедничка работа во областа на театарот, културата и уметноста.
Меморандумот предвидува размена на театарски претстави, реализирање заеднички копродукции, спроведување едукативни програми, како и соработка во областа на техничката и логистичката поддршка, маркетингот и промоцијата на заеднички проекти. Целта е воспоставување долгорочна и одржлива соработка, со редовна комуникација и координација при реализацијата на предвидените активности.
Овој документ претставува значаен чекор кон унапредување на регионалната културна поврзаност и зацврстување на меѓународната соработка во уметничката сфера.
„Македонскиот народен театар и натаму продолжува да создава во духот на мојата визија и стратегија – создавање театар отворен за сите, современ театар кој постојано вмрежување, остварува институционални и меѓународни соработки, со цел развој на современиот театар во Македонија и регионот“, изјави директорот Никола Кимовски.
Првата меѓународна соработка започнува со реализацијата на претставата „Лов на дива свиња“, чиј автор е црногорската современа писателка Марија Сарап, а режијата е на македонската режисерка Наташа Поплавска.
Претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.
Во претставата учествува актерска екипа од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова и Мина Јелушиќ Јериниќ од Македонија, како и Ѓорѓе Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Претставата „Лов на дива свиња“ премиерно ќе биде изведена на 19 јули во рамки на фестивалот „Скопско лето“, а премиера во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември.
Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.
Култура
Изложба на пастели од Илија Спасов-Чендо

На 19 јуни, во 13 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики изработени во техниката пастел од академскиот сликар Илија Спасов Чендо
Илија Спасов – Чендо
Роден е во Неготино. Дипломирал на ФЛУ Скопје. Член е на ДЛУМ. Добитник е на наградата за сликарство „Лазар Личеновски„ 2011. Самостојно изложувал во Скопје, Софија, Битола , Белград, Нови Сад, Дубровник, Кавадарци и Неготино. Учесник е на повеќе групни изложби. На изложбата авторот ќе се претстави со 25 пастели изработени во последните две години.
Изложбата ќе биде отворена до 01.07.2025 година.
Култура
Промоција на поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков

Поетската книга „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана денеска во кафе-книжарница „Буква“ со почеток во 19:00 часот.
Промоторка на книгата е проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, главен уредник е Маја Којчева Величкова, лектура: Елизабета Коневска, дизајнот на корицата изработи Мите Спасовски, а извадоци од романот ќе чита Светла Јакшиќ.
Книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.