Култура
КРИК: Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина

Од 31 август до 26 септември во Музејот на современата уметност ќе се одржи „КРИК 06“ – фестивал за кртичка култура.
Шестото издание на КРИК – фестивал за критичка култура навлегува во втората пандемиска година. И токму она што го живееме во овие две години како никогаш претходно не го засилило аргументот за потреба од јасна, бистра, критичка аргументација кон целокупните социо-културни динамики во кои се обидуваме да ги дефинираме концептите за заедницата што исчезнува и се претвора во сенка. Годинава „КРИК 06“, во текот на септември, но и понатаму, со својата програма ќе се обиде да рефлектира на повеќе теми што нѐ засегаат и едновремено нѐ ставаат во јазолот на политичкиот и културниот контекст.
Соживотот и заемната помош се откажани под режимот на рестрикции, затворања и изолација. Првото е притисок кон индивидуалното планирање за опстанок, второто е системска репресија на колективните практики. Ова е време кога перформативноста и вештините се сведени на гол живот. Политиката тргна по патот на силата и репресијата, а науката ретко се прашува во толку масивни глобални размери. Уметниците и поетите се вкочанети, а филозофите бргу изгореа во нивните толкувања и предвидувања, кои всушност имаа цел само да ги потврдат сопствените претходни теориски текови.
Одеднадеш нашиот свет го загуби значењето бргу и на драматичен начин. Во недостиг на какви било структури и механизми за поддршка, во недостиг на вистински практики на колективна солидарност и индивидуална полнота, ние разбираме дека привидот и лагата се најпрецизните именители на нашите животи.
Соочени со големите политички и економски лаги како најголеми вистини, можеме да продолжиме само кон една долготрајна и измачувачка привременост во постоењето. Со отсуство на една напрегнатост и мобилност што би довеле до ситуација за поинаква политичка опција и живот – вознемиреноста станува главната состојка на здивот што нѐ одржува живи.
Анксиозноста нѐ крие од светот ефективно станувајќи процес на уништување на концептите. Гориво на тој деструктивен процес е иднината. Иднината повеќе не е ветуваење ниту за надеж ниту за ужас. Едноставно не е. Кога не можеме да создадеме ништо за иднината, фрлени сме во поразувачката неопределеност на сегашноста, која нема насока. Самото постоење е извор на повторувачка и континуирана траума.
Во ваквата состојба на постоење дозволено е да се размислува надвор од умот, ирационално. Напуштете ги сите референци за светот што го знаете и вашите идеи нека се распрснат во повеќе насоки што не следат логичен тек кон иднината. Сега е можно, повторно, да се доживеат и да се обмислат француската и руската револуција, откривањето на Америка, пронајдокот на парната машина, електричната енергија, геномот, интернетот, сопственото раѓање и сопствената смрт.
Привременото постоење може да биде сѐ што посакува во оваа анархија на времето. Фестивалот за критичка култура 2021… или 1921 година ќе биде простор за повторно живеење на цело време и на сите настани за кои сметаме дека му припаѓаат на минатото или кои може да се случат во иднината. „Ако иднината е изгубена, тогаш сѐ е можно“. Годинешниот фестивал КРИК е посветен на сѐ она што е можно во нашите утопии, во нашите посакувани светови.
Програма
31.8.2021, вторник, Музеј на современа тауметност
20:00 Отворање
20:15 Artists Under the Big Top: Perplexed, 1968 – филмска проекција
Режија: Александар Клуге
Сценарио: Александар Клуге
22:00 Дискусија модерирана од Ѓорѓи Пулевски
1.9.2021, среда, Музеј на современата уметност
18:30 Катрин Малабу: Жена, женско, трансфеминизам: алтернативи или дилеми?: – хибридно предавање проследено со дискусија модерирана од Петар Милат и Славчо Димитров
2.9.2021, четврток, Музеј на современата уметност
20:00 Еспи Томичиќ Your Love is King – промоција на книга во разговор со Петар Милат. извадоци од текстот изведува Тамара Ристоска
21:30 DJ сет на AKA TESAUR
11.9.2021, сабота, Музеј на современата уметност
20:00 Интимен театар, Битола „Леонис и Лена“ – театарска претстава во режија на Софија Ристевска
21.9.2021, сабота, Музеј на современата уметност
20:00 Петар Халвард: Заедничката кауза: Предизвикот на масовниот суверенитет: – хибридно предавање, во разговор со дискусија модерирана од Артан Садику
22.9.2021, недела, КСП Центар-Јадро
20:00 Интерактивната изложба Übungsraum für Kritik/„Вежбална за критика“
– во соработка со Институтот „Гете“
23.9.2021, понеделник, Музеј на современата уметност
20:00 Михаел Хајнрих: Како да се чита „Капиталот“ на Маркс? Вредноста и фетишизмот: предавање
25.9.2021, четврток, Музеј на современата уметност
20:00: Landscapes of resistance/Пејзажи на отпорот: – премиерна проекција на филм
Режија: Марта Попивода
Сценарио: Марта Попивода и Ана Вујановиќ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.