Култура
„Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети на 11 декември на сцената на Националната опера и Балет
На 11 декември со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература „Лучија од Ламермур“ од големиот италијански композитор Гаетано Доницети.
Диригент на оваа психолошки фасцинантна опера е гостинот Дарио Салви (Шкотскa/Италија), режисер и сценограф е Лев Пулиезе (Италија), костимограф Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.
Во оперската претстава ќе настапи врвна домашна солистичка екипа, предводена од нашата првенка Ана Дурловски во насловната улога, која продолжува да остварува блескави успеси на европската и светска оперска сцена восхитувајќи ги критичарите и публиката со својата совршена техника и интонативна прецизност, Марјан Јованоски, Ѓорѓи Цуцковски, Никола Стојчески, Александар Стефаноски, Марика Поповиќ и Јане Дунимаглоски во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
„Лучија од Ламермур“ е трагична опера напишана во два чина. Салваторе Камарано го напишал либретото според новелата на Сер Волтер Скот „Невестата од Ламермур“. Операта премиерно е изведена на 26.09.1835 г. во Театро Сан Карло во Неапол. Дејството во оригиналното дело на Сер Волтер Скот се базира на вистинска случка во историјата на фамилијата Стер. Настанот се одвива во Ламермур, место во Шкотска во 1669 г. Либретото на операта ја содржи основата на приказната на Сер Скот но Салваторе Камарано во драматуршката разработка на дејството воведува и други личности кои во делото на Скот не постојат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Оскаровска Гала вечер со безвременски филмски хитови
По огромниот успех на првата Оскаровска Гала вечер минатата година и одличниот прием кај публиката, на 22. февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар ќе се случи незаборавно филмско музичко патување, концерт во чест на Оскарите.
Безвременските хитови номинирани и наградени со Оскар ќе ги исполнат реномирани македонски пејачи, меѓу кои се Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Горан Наумовски, Денис Димоски, заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect и Полифонија. Низ филмската историја публиката ќе ја води Миланка Рашиќ.
Во манирот на најблескавата филмска ноќ, посетителите ќе пристигнуваат на Црвениот тепих од 19.30., а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.
Влезници за Оскаровската Гала вечер може да се купат на билетарницата на МНТ и онлајн на www.mnt.mk
Култура
Една од најгледаните балетски претстави за деца, „Доктор Офболи“, на сцената на Националната опера и Балет
На 21 јануари, на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 19.00 часот ќе се изведе една од најгледаните балетски претстави за деца, „Доктор Офболи“.
Оваа класична балетска сказна ја прикажува вечната борба помеѓу доброто и злото, во која, како и секогаш, доброто ќе победи. Претставата ја плени најмладата публиката со прекрасната музика, живописните костими и сценографија и децата ја следат со големо воодушевување.
Кореографијата за оваа претстава ја создаде познатиот балет-мајстор од Русија, Михаил Крапивин, додека музиката е на Игор Морозов, работена е според сказната на К. Чуковски, а сценографијата и костимите се дело на Живојин Трајановиќ и Марија Пупучевска.
Во претставата настапуваат солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет, кои ќе ја пренесат оваа возбудлива приказна на сцената.
Култура
За наградата „Роман на годината“ во „трка“ 43 романи
На својата конституитивна седница жири-комисијата за доделување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, констатираше дека на годинашниот конкурс, што се одвиваше од 15 декември минатата година до 15 јануари годинава, пристигнаа 43 романи.
Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска (минатогодишна лауреатка и претседателка на жирито), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева (претставничка на Фондацијата) констатираше дека и годинашната конкуренција е составена од различни жанрови и дека процесот за избор на најдобро дело воопшто нема да биде лесен.
Комисијата и годинава ќе направи неколку селекции на пристигнатите романи, а селектираните романи јавно ќе бидат објавени. Жири-комисијата е должна да го соопшти името на добитникот до 15 март.