Култура
Македонска премиера на „Ракетно моделарство” на Златко Калеников
Во просториите на Синеплекс се одржа Македонската премиера на краткометражниот игран филм „Ракетно моделарство“, работен по сценарио и режија на Златко Калеников, а во продукција на Стримон филм.
На црвениот тепих покрај познатите Македонски актери Никола Ристановски и Катерина Коцевска присутни беа бројни гости од академската, јавната и уметничката сцена.
Главните детски ликови во филмот ги играат Дамјан Ѓуроски во улогата на Калин, Матја Милан во улогата на Леа, Бранислав Пеликон во улогата на Нешко и Максим Радевски во улогата на Стајка.

Продуценти на филмот се Златко Калеников и Марија Димитрова, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Александра Чевреска, а костимите на Роза Трајческа-Ристовска.
Филмот е за конфликтот меѓу исполнувањето на сопствениот сон и туѓото влијание врз неговото остварување. Низ едно детско хоби се покажува колку туѓото влијание може да биде пресудно за животот на детето и детскиот сон.

Главен лик е Калин, дете на 11-годишна возраст што сонува за вселената и патот до неа. Тој сака еден ден да биде космонаут или инженер што ќе гради ракети. Калин е запишан во народна техника, образовна институција од тоа време, во која одат деца со слични желби и фантазии, млади научници, кои сакаат да градат ракети, авиони, бродови, електронски помагала, компјутери, монитори, радија итн. Калин ги посетува часовите по ракетно моделарство, на кои учи да изгради ракета, модел што лета на барут. Тој живее во соба со својата помала сестра Леа, која секогаш сака да биде како Калин и да биде дел од неговите научни проекти и игри.
Проектот е реализиран со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија и Македонската радио-телевизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Пролетен поздрав од Австрија-бисери на класичната музика“ со Македонската филхармонија
Во среда, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Пролетен поздрав од Австрија – бисери на класичната музика“ во соработка со Австриската амбасада во Скопје. На програмата се увертирата „Розамунда“ од операта „Волшебната харфа“ од Франц Шуберт, Концертот за виолончело и оркестар бр.1 во Це-дур од Јозеф Хајдн и Симфонијата бр.8 во бе-мол – „Недовршена“ од Франц Шуберт.
Елизабет Атл (Виена) започнала да учи пијано на Високата музичка школа и настапувала како солистка и со камерни музички ансамбли, пред да започне да студира диригирање кај Џејмс Мур (САД), Мајкл Гилен (Салцбург) и кај Леополд Хагер (Виена). Нејзиниот прв поголем ангажман бил како помошник диригент во Виенската национална опера во сезоната 1998/99, каде што дебитира диригирајќи ја „Свадбата на Фигаро“. Помеѓу 1999 и 2001 година, Елизабет Атл е ангажирана во Барселона, како асистент на главниот диригент во тамошниот театар, а под нејзина диригентска палка се изведени и неколку изведби на претставите на „Лучија од Ламермур“, „Волшебната флејта“, „Бал под маски“, „Турандот“ и други.
Се враќа во Виена во 2001 година, каде што работи во Виенската национална опера до 2009 година, диригирајќи околу 40 различни опери, оперети, мјузикли и балети – „Кармен“, „Травијата“, „Мадам Батерфлај“, „Лилјакот“, „Веселата вдовица“ и многу други. Елизабет Атл соработувала со бројни европски оркестри, меѓу кои и со Филхармонскиот оркестар на Луксембург, Оркестарот на Германската опера во Берлин, Оркестарот на Комичната опера од Берлин, Бранденбуршкиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Милхаус… Во 2011 година, работи со Симфонискиот оркестар на Црна Гора, со кој во 2012 година реализира концерт со австриска музика на композитори од 20 век. Диригирала на Которскиот уметнички фестивал (2014), соработувала со Албанскиот радио симфониски оркестар (2015), како и со Сараевската филхармонија (2017). Во 2023 година започнала да работи со виенскиот оркестар „Orchesterverein der Gesellschaft der Musikfreunde“ и e нивен главен диригент во 2024 година. Сместен во Виенскиот музички центар, оркестарот редовно настапува во реномираната „Златна сала“. Од 2021 година, Елизабет Атл предава како виш уметник на Виенскиот музички универзитет MDW.
Со својата „техничка брилијантност“ и „емотивен израз“, Јеремијас Флидл се етаблираше како еден од најбараните виолончелисти во Австрија. Настапувал на големи фестивали, клучувајќи го фестивалот во Салцбург, Mozartwoche, Schubertiade Hohenems и на фестивалот Mecklenburg-Vorpommern. Како солист, настапувал со Бриселската филхармонија, Националниот оркестар во Лион, Симфонискиот оркестар во Милано, Бремерската филхармонија, Државниот симфониски оркестар во Солун и Данскиот камерен оркестар, соработувајќи со диригенти како што се Стефан Денев, Адам Фишер, Томас Гугеис, Томас Сандерлинг и Емануел Тјекнаворијан. Роден во Клагенфурт во 1999 година, Јеремијас Флидл студирал со Хајнрих Шиф, Клеменс Хаген и Јулијан Штекел. Неговиот деби албум „Transformation“ (Berlin Classics), издаден во 2024 година, беше широко прифатен од критичарите: „раскошна гозба од тембри на виолончело“ (BBC Music Magazine), „брилијантен“ (Die Presse), „волшебен“ (Salzburger Nachrichten). Тој е првиот австриски виолончелист кој беше прогласен за лауреат на натпреварот „Кралица Елизабета“ и свири на виолончелото „ex Gendron“ од 1693 година изработено од Антонио Страдивари.
Култура
Општина Кисела Вода организира бесплатна проекција: „Викенд на мртовци“ во „Киноверзум“ во Драчево
Општина Кисела Вода, во соработка со Македонска Радио Телевизија, организира бесплатна проекција на македонскиот филм „Викенд на мртовци“ во режија на Коле Ангеловски.
Проекцијата ќе се одржи на 16 мај 2026 година (сабота), во новото кино „Киноверзум“ во Драчево, со почеток во 19:00 часот.
Влезот за сите посетители е бесплатен, но поради ограничениот капацитет, задолжителна е претходна резервација на билети. Граѓаните можат да резервираат место на следните телефонски броеви:
075/380-928 (Даниела) и 071/804-474 (Верица).
Овој настан е дел од иницијативата на Општина Кисела Вода за зајакнување на културната понуда во овој дел од градот, со фокус на презентација на значајни остварувања од домашната кинематографија.
Преку прикажување на етаблирани македонски филмови, општина Кисела Вода овозможува поголема достапност на националното филмско наследство за сите граѓани, наведуваат од Општината.
Култура
„Не умира и мртов памети поетот“ – белешки од вчерашното свечено отворање на Деновите на поезијата
Со стихови од плејада творци од првите генерации на современата македонска поезија, вчера свечено се отворија Деновите на поезијата, на поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, во Скопје Сити Мол.
Инспириран од песната на Анте Поповски „Памети тој“, со слика на птицата која го надлетала неговиот свет и со моќниот стих „не умира и мртов памети поетот“, изборот на песни за свеченото отворање посведочи за трајното присуство на нашите јубилари во македонскиот јазик и неговата духовност.
Со нас беа ластовиците на Блаже Конески, која ја бележале за него нејасната порака на животот и времето; птичјите крила со кои се здружила душата на Љупчо Стојменски; летот на песната на Михаил Ренџов; сонцето кое ги прегрлува Илхами Емин и негвата птица; туртуричето на Атанас Вангелов; детето на Петар Т. Бошковски, со затворен лет на птица во клепките; птицата што логорува под небото на Љубен Ташковски; сињо – небесната птица на Светлана Христова Јоциќ, која патот ѝ го темносува; белите птици со искрвавени клунови на Видое Видичевски…
Иван Чаповски, кој годинава го прославува својот 90. роденден, го замоливме да ја прочита песната „Сеќавањето бело“, посветена на Танас Луловски, сликар кој нè напушти пред точно 20 години, а со нас беше, барем во мислите, и Јован Стрезовски кому му оддадовме почит по повод неговиот 95. роденден, со “ехото кое сведочи дека глас еднаш пуштен не изчезнува“.
– Деновите не се ограничуваат на јубилеи, изјави пред публиката Јасмина Шопова, потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, но тие спак претставуваат клучен момент, бидејќи идејата водилка на манифестацјата е токму незаборавот, негувањето на културното наследство и нишката која ги поврзува некогашните и сегашните генерации, минатото и иднината.
„Зборувам особено за јубилеите на оние поети кои се сега ‘отаде сите неба’, чиишто сенки ‘уште им се гледаат“, додека ‘на земјата веќе сè е минато’, како што рече Анте Поповски во своите песни“, додаде Шопова.
Свеченоста ја водеше Никола Ристановски, а во читањето на поезијата му се придружија Софија Гогова Врчаковска и студентите на Факултетот за музичка уметност, Дамјан Атовски и Теона Крстевска. Млади уметници се вклучија и на полето на музичката продружба. Покрај Петар Ренџов, стиховите ги пратеа Сергеј Настески и Антонио Трајковски, студенти на Факултетот за музичка уметност.
Овој омаж на основоположниците на македонската современа поезија, беше своевиден израз на „еден внатрешен порив да се надомести барем во дел благодарноста кон оние македонски писатели кои по силата на нивниот творечки чин означуваат и етички и естетски прототип на својот народ“, како што забележа Анте Поповски при една друга средба, врзана со Ацо Шопов, кога пред три децении се одбележуваа 70 години од неговото раѓање.
Вториот дел од отворањето ѝ беше посветен на еминентната естонска поетеса Дорис Карева, чија поезија плени со нејзината прецизност, економичноста на изразот и многузначнaта слоевитoст.
– Небаре го следела рецептот за „проста и строга песна“ на нашиот Блаже Конески, забележа Јулијана Величковска, нејзината преведувачка на македонски, претставувајќи ја книгата „Денови на милост“ од Дорис Карева која вчера излезе од печат во издание на ПНВ Публикации.
„Додека работев на преводот и ја препрочитував нејзината поезија, над сите впечатоци и размисли стоеше еден единствен збор, а тоа е зборот ‘авторитет’. Секој збор во нејзините песни е искажан со таква сигурност, со своевидна хируршка јазична прецизност и со авторитет врз белината на страницата. Секој збор од нејзината поезија е таму затоа што така мора да биде, и зашто ако го нема, постои опасност целата структура на песната да се распадне“, изјави Величковска.
На прашањето: „Сметате ли дека улогата на поетот е да биде бунтовник?“, Дорис Карева изјави дека и љубовната песна може да биде чин на бунт.
„Понекогаш е полесно да се побуниш против нешто или некого отколку да останеш мирен и тивок, во согласност со она во што веруваш. Да се најдат зборови со кои љубовта ќе се изрази на сопствен и единствен начин често е потешко отколку да се изразат чувства на презир или непријателство. На некој начин, отсекогаш сум го сметала Шели за пореволуционерен од Бајрон. Да се говори вистината во време на опресија, исполнето со цинични лаги и лажни реалности, бара смирена храброст и бистрина на умот. Тоа е мечот на духовниот воин. Тоа е моќта на поезијата.“
На свеченото отворање настапи и ПОЕТРОИКА, со извадок од концертот „Кон Ацо Шопов“ кој се одржува во петок, 15 мај, во Синеплекс (сала 3), со почеток во 20:30. Карти можат да се добијат бесплатно на Инфопултот во Скопје Сити Мол (бројот на местата е ограничен).
Следните денови, програмата продолжува со современи македонски поети.
