Култура
Македонски филмови снимени лани ќе бидат прикажани на четвртото издание на „Златна рамка“
Годинашното издание на „Златна рамка“ е проширено и со дополнителна работна програма со интернационални гости, која ќе биде одржана во хотелот „Александар Палас“
Од 9 до 12 јуни, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ќе се одржи четвртото издание на „Златна рамка“, филмската ревија на македонската продукција. Во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ќе бидат прикажани филмови од најновата македонска долгометражна, документарна и краткометражна филмска продукција, реализирани минатата година со поддршка на Агенцијата за филм. За разлика од претходните три изданија на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува годишен преглед на домашната филмска продукција во една календарска година, ова издание е проширено и со дополнителна работна програма со интернационални гости, која ќе биде одржана во хотелот „Александар Палас“.
Филмовите што ќе ја сочинуваат програмата во киното Фросина се: долгометражните „Сестри“ во режија на Дина Дума, „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи и „Сокриениот“ во режија на Арсим Фазлија, документарниот филм „Брод полн со бисери“ во режија на Александар Зиков и краткометражните филмови „Северен пол“ во режија на Марија Апчевска, „Баскет“ во режија на Димитар Банов, „Денот кога сакав да умрам“, во режија на Петар Џуровски, „Касапот“ во режија на Илчо Царовски и „Проблемот на Тина“ во режија на Радован Петровиќ.
Проекциите во киното „Фросина“ се бесплатни за посетителите, кои воведно ќе имаат можност и да се сретнат со дел од авторите од филмските екипи што ќе присуствуваат на овие проекции. Прикажувањето ќе почне на 9 јуни во 19 часот, со документарниот филм „Брод полн со бисери“ во режија на Александар Зиков (филмска продукција ДЕА). На 10. јуни, со почеток во 19 часот ќе бидат прикажани пет краткометражни филмови, додека следниот ден (11 јуни), со почеток во 17 часот ќе биде одржана долгометражната програмата, составена од три македонски филма („Сокриениот“, „Исчезнатиот“ и „Сестри“).
Друштвото на филмски работници како основач и организатор на „Златна рамка“, традиционалното ќе им ги додели почесните награди на филмскиот актер Сашко Коцев, филмскиот работник Бранко Петровски и на филмскиот автор Кирил Спасески Кикиќ, а за првпат ќе биде доделена и почесна награда на странски автор, која оваа година ќе му биде врачена на филмскиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ. Гала настанот за доделување на наградите со присуство на странски гости ќе се одржи на 9 јуни во хотелот „Александар Палас“, со почеток во 20 часот.
Во рамките на „Златна рамка“, покрај ревијата на македонски филмови од изминатата година, ќе биде одржана и интернационалната конференција насловена „Модели на финансирање и легислатива-регионална соработка, можности и унапредување“ на која ќе учествуваат директори на национални филмски фондови и продуценти од десет земји, меѓу кои Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Кипар и Турција. На конференцијата ќе стане збор за позитивните и негативните примери на финансирање на филмот, состојбата на буџетирање на нашиот филм, моделите на копродукција итн.
Значајна новина на годинешното издание на „Златна рамка“ е отпочнување на социјална програма, која ќе биде наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да го посети киното „Фросина“. Водејќи се од ова сознание, ДФРМ одлучи филмот да го однесе пред оние граѓани, во институциите каде што се затекнати поради најразлични околности (пензионерски дом, затвор, болница, домови за деца, казнено-поправни домови итн.). За оваа цел, в недела (12 јуни) ќе бидат организирани проекции во Казнено-поправниот дом. Оваа социјално одговорна програма е иницијатива на „Златна рамка“ и ќе се практикува и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на новата детска претстава „Металковци патуваат“ на Малата сцена во МОБ
На 7 март во 11:00 часот, на Малата сцена на Македонската опера и балет, премиерно ќе биде изведена новата интерактивна музичко-сценска претстава „Металковци патуваат“, дел од проектот „Фамилија Металковци“. Истата ден ќе следи реприза во 13:00 часот, а следните изведби се закажани на 14 март во 11:00 и 13:00 часот.
Станува збор за нова продукција наменета за деца од 4 до 10 години, во изведба на брас квинтет составен од музичари од Македонската опера и балет. Претставата трае речиси еден час и комбинира музика во живо, сценска игра и постојана интеракција со публиката.
„Металковци патуваат“ ги носи најмладите на музичко патување низ различни култури, при што децата активно учествуваат, учат за дувачките инструменти и ја откриваат нивната звучна палета.
Проектот има јасна едукативна и културна мисија – поттикнување интерес за запишување во музички училишта и развивање културна публика од најмала возраст.
„Со проектот ‘Фамилија Металковци’ сакаме да создадеме одржлива културна публика уште од најрана возраст. Нашата цел не е само да поставиме нова претстава, туку да изградиме движење што ќе ја доближи класичната музика до децата на природен и современ начин. Доколку барем едно дете по претставата посака да запише музичко училиште, тогаш знаеме дека мисијата е исполнета.“
Со капацитет од 200 посетители по изведба, се очекува значителен интерес од семејната публика.
„Кога Металковци зборуваат – дечињата слушаат.
Кога Металковци свират – дечињата патуваат.“
Претставата е во организација на здружението Мак Брас, во копродукција со Македонската опера и балет.
Билетите се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/metalkovci/ како и во сите книжарници на Литература.
Култура
Последна, 30. по ред изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“ во Битолски театар
На 04.03.2026 во 20:00 часот, сцената на Народен театар Битола ќе ја пречека 30-тата и воедно последна изведба на „Ноќта кога ја убив месечината“, во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во истата заедно со актерот Александар Копања.
По тој повод, билетите се со 50 проценти попуст, по цена од 100 денари.
„Ова не е само промоција. Ова е покана. Покана да бидете дел од една завршница што се случува само еднаш. Последните изведби имаат посебна енергија – актерите играат со срце што знае дека за последен пат ја раскажува приказната, а публиката станува сведок на момент што повеќе нема да се повтори“, велат од битолскиот театар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Култура
Љутков во Брисел на средба со Нела Рајхл: Фокус на младите, дигитализацијата и развојот на креативните индустрии
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.
На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.
Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.
Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.
Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.
Дополнително, тој информираше дека Министерството за култура неодамна го презеде и секторот туризам во својата институционална структура, со што се отвораат нови стратегиски цели за развој на културниот туризам и за воспоставување рамнотежа меѓу заштитата на наследството и современиот креативен развој.
На средбата соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно продлабочување на соработката, со цел унапредување на европските културни политики и зајакнување на улогата на културата во процесите за европска интеграција.

