Култура
„Медена земја“ со нови награди за најдобар документарец и за кинематографија
„Медена земја“ деновиве во САД доби неколку нови престижни награди за најдобар документарец и за кинематографија. Тимот на македонскиот документарец ја прими наградата за најдобар документарен филм, што ја доделува најпрестижното здружение на филмски критичари во Америка, New York Film Critics Circle.
На гала-вечерта, што се одржа на 7 јануари, тимот на „Медена земја“ ја делеше бината со светските легенди на филмот: Квентин Тарантино, Бред Пит, Мартин Скорсезе, Роберт де Ниро, Џо Пеши, Алек Болдвин, Стив Бушеми, Спајк Ли, Антонио Бандерас, Рис Витерспун, Лора Дерн и други.
Режисерот Љубомир Стефанов во својот говор му се заблагодари на здружението и ја поздрави легендарната Ејми Таубин, 80-годишната влијателна критичарка, која пишува од времето на Енди Ворхол. Таа е автор на една од најубавите рецензии за „Медена земја“ со наслов „Рој и нежност“ (Swarm and tender), која беше објавена во „Артфорум“.
Режисерката Тамара Котевска, пак, потсети колку се чини нереално да се добие ова признание и да се биде меѓу сите славни имиња по четири години поминати во шатори во Бекирлија. Таа рече и дека по сето ова, тимот на филмот повторно би влегол во иста таква авантура и им порача на колегите документаристи да го сторат истото тоа бидејќи играниот филм секогаш ќе добива инспирација од документаризмот.
Членови на најстарото здружение од овој тип, кое годинава 85. пат доделува награди, се критичарите од: „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“, „Индивајр“, „Ролинг стоун “, „Варајети“, „Венити фер “, „Артфорум “ и други.
Деновиве снимателите на „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума, ја добија наградата Cinema Eye Honors за исклучително достигнување во кинематографијата. Cinema Eye Honors се доделува за извонредност во документарните филмови и вклучува награди за дисциплини во режирање, продукција, кинематографија и монтажа. Наградите се доделуваат секој јануари во Њујорк и се одржуваат од 2011 година во Квинс.
Режисерите Котевска и Стефанов исто така се номинирани за наградата што ја доделува Directors Guild of America (DGA). Наградите што ги доделува Унијата на режисери на Америка се сметаат за особено значајни предвесници на оскаровската трка.
„Медена земја“ ја доби и наградата за најдобар документарен филм, која ја доделува Меѓународното здружение на филмските критичари (NSFC). Меѓународното здружение на филмските критичари е организација основана во 1966 година, а наградите што ги доделува се сметаат за едни од најпрестижните во Америка. Во здружението членуваат голем дел од филмските критичари што пишуваат за медиуми, како „Волстрит џурнал“, „Њујоркер“, „Бостон Хералд“ и други.
Филмот е прогласен и за најдобар документарец на Dorian Awards, што ги доделува Здружението на ЛГБТ-критичарите во САД.
Да потсетиме, „Медена земја“ влезе во потесниот избор за номинација за „Оскар“, и тоа во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Номинациите со петте кандидати во игра за најпрестижната филмска награда ќе бидат соопштени в понеделник (13 јануари). Доколку „Медена земја“ добие номинации за „Оскар“ во двете категории, ќе биде прв филм од нашата земја што успеал во тоа. Церемонијата на 92. издание на „Оскарите“ ќе се одржи на 9 февруари 2020 година во Холивуд.
Во меѓувреме, документарецот повторно се прикажува во скопските кина: од 9 јануари е на репертоарот на „Милениум“, од 13 јануари во Кинотеката, а од 16 јануари во „Синеплекс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Министерството за култура и туризам на 60. јубилејно издание на Меѓународниот саем за туризам во Берлин
Македонија учествува на јубилејното, 60-то издание на најголемиот Меѓународен саем за туризам „ИТБ Берлин“ (ITB Berlin), што се одржува од денеска до 5 март 2026 година во Берлин, Германија.
„ИТБ Берлин“ од 1966 година е водечка глобална платформа за туризмот, каде што се среќаваат претставници од туристичкиот сектор, туроператори, авиокомпании, хотели и медиуми. Годинава земја партнер е Ангола.
Македонската делегација на Саемот во Берлин, предводена од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, придружуван од националниот координатор за туризам, Акан Махмут, ќе реализира повеќе билатерални средби со цел интензивирање на туристичката соработка, зголемување на туристичкиот промет и заеднички настап на трети пазари.
На националниот штанд од 93 м², годинава се претставуваат рекорден број учесници од туристичкиот сектор од земјава, вклучувајќи македонски туроператори за дојдовен туризам, хотелиери и ТАВ-аеродроми Македонија.
Според Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава ја посетиле 91 290 германски туристи, а тоа претставува зголемување од 141 % во однос на 2024 година. Во истиот период се реализирани 143 138 ноќевања, а тоа е раст од 93 % споредено со претходната година. Германските туристи најчесто ги комбинираат културниот туризам, природата, гастрономијата и автентичните локални искуства, особено ги ценат Охрид и регионот околу него, како и „сити брејк“ (city-break) во Скопје со посета на кањонот Матка. Тие покажуваат значителен интерес и за вински тури, дегустации на локална храна, рурални искуства и активен туризам, што претставува силна основа за понатамошно позиционирање на земјава како атрактивна и автентична европска дестинација.
Учеството на Саемот во Берлин е уште една потврда дека како држава продолжуваме со активна промоција на туристичките потенцијали на нашата земја, со фокус на одржлив развој, диверзификација на понудата и стратегиско позиционирање на клучните пазари.
Култура
„Сила“ – концерт на Македонска филхармонија по повод Денот на жената
Во четврток, со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи концерт по Повод денот на жената, насловен „Сила“ кој ќе го води диригентката Ребека Тонг од Индонезија, а како солист ќе настапи пијанистот Ендру фон Ојен од Франција.
На програмата се „Павана“, оп. 50 од Габриел Форе, Концертот за пијано и оркестар бр.2 во ге-мол од Камиј Сен-Санс и симфониската скица „Море“ од Клод Дебиси.
Ребека Тонг е резидентен диригент на Симфонискиот оркестар и уметнички и музички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. Таа ја освои Првата награда на „La Maestra“ во 2020 година во Париз, каде што, исто така ја доби и „ARTE Prize“. Нејзините настапи вклучуваат дебитантски концерти со: Симфонискиот оркестар на Барселона, Германскиот симфониски оркестар во Берлин, Оркестарот на Париз, Националниот оркестар на Франција, Филхармонијата и Симфонискиот оркестар на Лондон, Камерниот оркестар на Париз, Националниот оркестар на Монпелие, Кралскиот Филхармониски оркестар на Ливерпул, Би-би-си Филхармонијата…Во сезоната 2021/22 дебитираше со Националниот оркестар на Лион, Полскиот национален радиосимфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Порто…
Маестра Тонг во својата биографија запишува и дека била асистентка на диригенти како Мајкл Тилсон Томас и Франсоа Гзавие-Рот, а учествувала и на мастер-часови со врвни имиња како Туган Сокијев, Пабло Ерас-Касадо,Марин Алсоп… Таа е добитничка на Taki Award 2019 и на неколку диригентски стипендии, вклучувајќи David Effron Conducting Fellowship и Cabrillo Festival of Contemporary Music Fellowship.
Активно учествува во конципирање на програмата на Симфонискиот оркестар на Џакарта, со цел да ја запознае индонезиската публика со класични и со современи оркестарски дела. Таа е основач на Младинскиот христијански оркестар на Џакарта (2011). Родена е во музичко семејство, има кинеско потекло и уште од млада возраст ѝ се посветува на музиката и верува во нејзината моќ на поврзување на заедниците.
Ендру фон Ојен е меѓународно признат пијанист, познат по својата извонредна техника и елегантна изведба. Дебитирал со Филхармонијата на Лос Анџелес на 16-годишна возраст, а од тогаш настапувал како солист со водечки оркестри низ светот, вклучувајќи ги и Филаделфија оркестарот, Симфонискиот оркестар на Лос Анџелес, Берлинскиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Марински оркестарот, Би-би-си симфонискиот оркестар, Симфонискиот оркестар на Токио, Симфонискиот оркестар на Сингапур и многу други.
Настапувал во најпрестижните концертни сали како Вигмор Хол и Барбикан Хол во Лондон, Линколн Центар во Њујорк, Кенеди Центар во Вашингтон, Симфониската сала во Бостон, Театарот Тони Хол во Лос Анџелес, Театарот Хербст во Сан Франциско, Тонхале во Цирих, Ројал Опера во Версај, Театро Олимпико во Рим…
Фон Ојен издава албуми за Warner Classics, вклучувајќи ги „Bach-Beethoven“ (2021) и „Angels & Demons“ (2024), кои веднаш достигнаа високи места на платформите за стриминг. Неговите снимки опфаќаат репертоар од Бах и Бетовен, до Дебиси, Равел, Лист, Сен-Санс и Месијан.
Роден во САД, со германско и холандско потекло, започнал да учи пијано на петгодишна возраст, а на десет години дебитирал со оркестар. Дипломирал на Колумбија Универзитетот и на Џулијард школата, каде што негови наставници биле Херберт Стесин и Џером Ловентал, а работел и со Алфред Брендел и Леон Флајшер. Добитник е на Gilmore Young Artist Award (1999) и на Првата награда на Léni Fé Bland Foundation National Piano Competition (2001). Денес живее во Лос Анџелес и во Париз, и поседува американско и француско државјанство.
Култура
Балканскиот рис доаѓа во Скопје: Патувачката фотоизложба на Македонското еколошко друштво се отвора во Лабораториум
По седум посетени места низ Македонија, Патувачката изложба посветена на балканскиот рис ќе биде отворена за скопската јавност во четврток (5 март) во културниот простор „Лабораториум“ во Скопје, со почеток во 19 часот, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
Осмислена со цел да се доближи балканскиот рис до окото на љубопитните граѓани и со тоа да се подигне свеста за важноста од зачувување на оваа кревка популација, изложбата донесува дел од најефектните „уловени“ кадри, од кои повеќето се направени со фотозамки, метод што МЕД го користи на терен веќе 18 години. Истовремено, избраните дваесетина фотографии ја доловуваат и теренската работа на МЕД кое цели две децении работи на зачувување на овој подвид преку регионалната Програма за закрепнување на балканскиот рис (Balkan Lynx Recovery Programme).
Низ годините, благодарение на оваа програма, МЕД успеа да ја процени популацијата на балканскиот рис на македонска територија, да ги збогати сознанијата за неговиот природен опсег, движењето и исхраната преку ГПС-следење и да изгради доверба и партнерства со властите, ловџиите, шумарите и ловочуварите чија улога е подеднакво важна за заштитата на рисот. Програмата придонесе и за вметнување на балканскиот рис во меѓународни спогодби со што се зајакнаа заложбите за прекугранична заштита, како и за прогласување на нови заштитени подрачја во регионот, вклучително и на Шар Планина која е од суштинска важност за опстанокот на рисот кај нас.
Досега, токму во рамките на регионалната Програма, оваа изложба беше поставена во повеќе градови и региони низ Македонија, вклучувајќи ги и националните паркови „Маврово“, „Пелистер“, „Галичица“ и „Шар Планина“. Покрај тоа што им нуди можност на посетителите да му се воодушевуваат на ова прекрасно животно и да научат повеќе за неговите навики и живеалишта, изложбата отвора и простор за разговор во врска со состојбата и планираните мерки за заштита на балканскиот рис, кој иако е наш национален симбол, и натаму е критично загрозено животно во регионот, со помалку од 50 возрасни единки во природата.
Изложбата е наменета за сите возрасти, а во Скопје ќе биде отворена до 5 април.

