Култура
Награда за „Кајмак“ на Манчевски во Калифорнија, ќе се прикажува и во Австралија

„Кајмак“ на македонскиот најтрофеен режисер Милчо Манчевски ја освои наградата за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, САД, каде што ја имаше и американската премиера. „Синеквест“, чие 33-то издание заврши синоќа, е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни уметнички дела.
Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силициумската Долина. Ова е втора награда за три дена за „Кајмак“ откако претходно освои специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмските критичари од Европа и Медитеранот) на фестивалот во Херцег Нови, Црна Гора.
„Две награди за три дена. Не е лошо за филм што нашата Агенција за филм го блокира, забранува и одбива да го исплати“, изјави режисерот Манчевски.
Светскиот продажен агент „Левел К“ од Копенхаген го пласира „Кајмак“ и во Австралија, каде што набргу ќе почне прикажувањето. Инаку, „Кајмак“ е еден од македонските филмови, кои имаат најширок пласман во светот, продаден е за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
Овој месец „Кајмак“ ќе биде прикажан на уште три фестивали: i-Fest во Калабрија, Италија, каде што ќе бидe прикажанa и ретроспектива на опусот на Манчевски, „Балкан панорама“ во Измир, Турција, и Avant&Una во Бихаќ, Босна и Херцеговина, а фестивалскиот живот ќе го продолжи и во текот на есента.
„Кајмак“, кој е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Филмот ја освои и специјалната награда на жирито на „Фантаспорто“ во Португалија, а Сара Климоска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот во Сомбор, Србија. Филмот во јуни ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак“ лани беше најгледан филм во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Мајкинство – Изложба на уметничката група МОМИ

Културно-информативниот центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на отворањето на изложбата на групата МОМИ насловена „Мајкинство“.
За изложбата „Мајкинство“
Темата на која заеднички работевме изминатата година е темата „Мајкинство“, тема која е едноставна, но многу длабока. Сигурно ќе се запрашате зошто „мајкинство“ наместо „мајчинство“. Затоа што „Мајкинство“ како наслов подобро го рефлектира значењето на она што сакаме да го прикажеме. Иако како збор не постои во нашиот литературен јазик, овој збор е поблиску изведен и има поцврста врска со зборот „Мајка“. Она кое најмногу нѐ обединува во нашата група е мајкинството. Оваа улога и функција ја носиме со нашето раѓање и свесно или несвесно секогаш се рефлектира во нашите творби. Мајкинството е принцип кој го обликува човештвото. Тоа е изворна сила што секоја од нас ја носи во себе, сила со која го негуваме домот и сила со која го обликуваме општеството и идните генерации. Доживувањето на мајкинската сила и создавањето со мајкинско чувство е моќна движечка сила која ја препознаваме буквално во сиот жив свет. Самото создавање е маjкински принцип. Творењето е раѓање на дело. Блискоста на мајкиното доживување и потребата да се допре уште поблиску до мајкинскиот аспект во себе е наш предизвик и задача која сакаме да ја развиеме преку создавањето и градењето на нашите дела, ем индивидуално, ем заеднички како едно дело. Мајка, тоа е секоја жена, бидејќи без разлика дали имаме или немаме деца, ние истовремено сме и жени, и мајки, и во домот и во општеството.
Изложбата „Мајкинство“ растеше и се развиваше преку заеднички процес на создавање и интеракција меѓу членовите на нашата група во текот на повеќе месеци. Нашата група има 7 члена, и секоја од нас иницираше дело на зададената тема. Иницијалниот концепт беше претставен со скици, објаснувања и насоки, а потоа сите имавме можност да го следиме развојот на секое дело преку заедничка комуникација онлајн, како и преку нашите состаноци во живо. Секоја од нас имаше можност да надополни било кое од делата според своето видување и интерпретација. Така делата се надополнуваа и се приближуваа кон својата конечна форма. Крајната реализација на делата ќе се случи со нивното обединување и поставување во галерискиот простор, кога сите делови од „мозаикот“ ќе го најдат своето место.
За групата МОМИ
MОMИ е уметничка група од седум авторки кои делуваат заеднички од почетокот на 2012 година, поврзани преку своите слично насочени размислувања за уметноста, како и блискоста на проблематиките кои се провокативни за нивно истражување. Групата МОМИ ја сочинуваат: Ана Ивановска, Кристина Хаџиева, Зорица Зафировска, Маја Кировска, Марија Сотировска, Татјана Ристовска и Христина Зафировска. Пред основањето на групата соработувале на бројни проекти и се основачки членови на поголемиот уметнички колектив Art I.N.S.T.I.T.U.T. основан во Скопје 2009 година. Во рамките на групата МОМИ имаат реализирано повеќе изложби и проекти. На некои од нив се претставиле со индивидуални дела изработени според дадена тема, додека голем дел од проектите вклучувале заеднички процес и интеракција меѓу членовите. Некои од изложбите вклучувале и интеракција со публиката во процесот на изработка и презентација на делото.
Култура
,,Гласна тишина” – Прва самостојна изложба на Мартина Спасовска

На 5 декември, во 20 часот во Младински Културен Центар – Скопје ќе биде отворена изложбата „Гласна тишина“ (Loud Silence) на Мартина Спасовска.
„Мартина Спасовска во нејзините дела почетно го претставува сопствениот лик (потоа вклучува и други женски ликови видени од нејзина перспектива), не како модел(и) туку како катализатор(и) на проследување на енергијата што ја чувствува и нејзино преобликување во ликовен продукт. Таа во делата што ги создава ги надминува границите на едноставен портрет, сликата оди подлабоко од претставената индивидуа, служејќи како потресна претстава на човековото искуство и соочување со актуелните прашања на нашето време. Преку портретните наративи навлегува длабоко во темите на ранливоста, силата и потенцијалите за трансформација кои битисуваат во сите нас. Поканува на отворен дијалог и интроспекција и ги соочува гледачите со колективните рани и болки што постојат во нас и во нашиот заеднички свет. Притоа, поттикнува подлабоко разбирање на сложеноста на нашето постоење и потенцијалот за посочувствителна и похармонична иднина.” ,,Избегнувајќи идеализирање на портретните претстави делата на Мартина Спасовска се ослободени од своите физички граници и изведени со силна експресија и говорат пред сѐ за состојбата во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го портретот и повторно градејќи го низ одредени експресионистички потези постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на неговото внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање. Во таа експресивна хармонија платното престанува да биде дводимензионална површина врз која се редат деликатни нијанси и сложени акорди на тонови, туку станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот.“
Горанчо Ѓорѓиевски – историчар на уметност
Мартина Спасовска, родена 1997 во Куманово, е млада визуелена уметница со седиште во Скопје, Северна Македонија. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Таа го истражува и користи човечкото месо како главен елемент во нејзините дела, преку кои поставува повеќе прашања за начинот на кој е претставен човечкиот идентитет. Делата ги третира со сложена мешавина на страв, емпатија, деликатес, ранливост и моќ. Таа има изложувано на неколку групни изложби во Македонија, Њујорк, Австрија, Грција, Косово и Турција.
Изложбата трае до 14 декември
Култура
МНТ ги откажа претставите за денес и утре поради свирепите убиства

Поради настанот, коj длабоко ја потресе целата јавност, Македонскиот народен театар изрази сочувство до семејствата на починатите и ги откажува изведбите на претставата „Кец на десетка“, закажана за вечерва, и на претставата „Животот е прекрасен“, која требаше да биде изведена утре.
Јавноста е длабоко потресена откога вчера беше пронајдена убиена 14-годишната Вања по која целата држава трагаше една недела, како и велешанецот Панче Жежовски, кој беше пријавен за исчезнат.