Култура
„Најважниот објектив е оној во главата“ – Ентони Дод Ментл добитник на Златната камера 300 за животно дело на „Браќа Манаки“
Реалноста не е доволна. Токму затоа од неа се раѓа копнежот по нова реалност, така ги создаваме уметничките светови, во кои ја наоѓаме ширината за сопствените соништа. Стануваме богови на нови светови, создадени само заради нашата сопствена недоволност. И тука почнува бескрајот. Од секоја идеја произлегува по една нова реалност и можеме да сонуваме, да ја обмислиме стварноста одново и така да се откриеме себеси одново.
Реалноста не е доволна и тоа е причината за постоењето на овој фестивал кој има голема традиција и е препознатлив во светски рамки како фестивал кој ја слави кинематограферската уметност.
-Битола овие денови ќе биде еден од главните центри на светската филмска мапа. По сите овие 43 фестивалски изданија реалноста не ни е доволна и секоја година фестивалот расте и се развива и сега веќе можеме да кажеме дека прерасна во еден од главните културни идентитети на Македонија. Фестивалот „Браќа Манаки“ е всушност еден голем мост што ја поврзува македонската со светската кинематографија. Ние во фестивалот „Браќа Манаки“ги направивме сите возможни и невозможни работи за 43. Фестивалско издание да биде гордост на публиката, а Битола во овие фестивалски денови да пулсира во знакот на филмската уметност, рече Симеон Мони Дамевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.
Дамевски му додели на Најџел Волтерс, долгогодишен претседател на ИМАГО, посебна награда, Почесна златна камера 300, која досега не била доделена.
![]()
– Уште кога станав претседател на ИМАГО ми рекоа, мора да внимаваш на Фестивалот „Браќа Манаки“, затоа што тоа е фестивалот каде што се слави филмската камера. И оттогаш сите даваме се да се продолжи оваа традиција и соодветно да се прослават кинематограферите и во таа насока се одржува и Балканската конференција на ИМАГО, рече Волтерс заблагодарувајќи им се на Фестивалот и на Друштвото на филмски работници на Македонија.
Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ ја додели претседатлот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.
-Постојат навистина многу причини зошто токму Горјан Тозија треба да ја добие наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Можеби најмалата од тие причини е тоа што тој е човекот кој ја измисли оваа награда. А во потрага по еден вистински систем на вредности во време кога некои вредности можеби беа заборавени, тој се одлучи да ја воспостави оваа награда и прв нејзин лауреат да биде Кирил Ценевски, токму во време кога беше малку заборавен. А потоа следеа многу значајни и големи имиња кои блескаат на големото или зад големото македонско филмско платно. И овој фестивал може да биде поделен на две епохи, пред и после Медо, затоа што оние кои се упатени многу добро знаат дека токму во време на неговиот мандат кога тој беше директор на овој фестивал, „Браќа Манаки“ од значаен и убав, но сепак регионален настан, прерасна во светски фестивал на кој ги гледаме најголемите имиња на светскиот филм и на филмската камера , рече Иванов.
![]()
Наградата на ДФРМ која постхумно му е доделена на Горјан Тозија, ја прими неговиот син.
– Откако знам за себе, паметам колку тој го сакаше филмот и живееше за филмот. Од него научив колку е тешка филмската професија и колкави жртви бара. Секогаш ми велеше дека нема краток пат до успехот. Знам дека понекогаш беше избувлив и гласен во своите идеи и ставови, но секогаш беше со најдобри намери. Неговата најголема желба беше да го одведе македонскиот филм и култура надвор од нашите граници, рече Гого, синот на Горјан Тозија кој се заблагодари за укажаната чест.
Фестивалот „Браќа Манаки“ сите изминати четири децении ги вреднува создавачите на нови светови, луѓето кои ни помагаат на сите нас преку окото на филмската камера да го гледаме филмскиот универзум.
Ентони Дод Ментл е филмски генијалец на нашето време, кинематограф кој со своите филмови ја создава современата историја на филмот. Добитник на Оскар и БАФТА, добитник на две награди на филмската академија, пионер на дигиталната кинематографија, член на британската, данската и американската асоцијација на кинематографери. Претседателот на РСМ, Стево Пендаровски му ја додели Златна камера 300 за животно дело на големиот мајстор на филмската фотографија, Ентони Дод Ментл.

-Најдлабоко им се заблагодарувам на организаторите за ова признание. Јас овде нема да запрам, нема да се откажам, иако оваа награда ја добивам во предвечерието на кариерата, но далеку ми е крајот. На сите млади луѓе кои посакуваат еден ден да стојат овде на ова место, без разлика дали се занимаваат со фотографија или со кинематографија, би им рекол дека најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки, рече Ентони Дод Ментл.
Филмот е глас на комплексните значења на реалноста, бидејќи говори и во името на утопиите и на дистопиите, а уметноста е чин на храброст, бидејќи нејзината цел не е да ја репродуцира реалноста, туку да не соочи со неа, рече Пендаровски прогласувајќи го 43. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ за отворен.
![]()
Свеченото отворање беше збогатено си музички настап на Трите тенори кои изведоа филмска музика од „Кум“, како и групата „Фолтин“, а се обратија министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во чест на Тихомир Јанчовски: Комеморација на Филолошкиот факултет во Скопје
На 4 март (среда) во 18 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (Сала за седници) ќе се одржи комеморација во чест на поетот, писател, преведувач и издавач Тихомир Јанчовски.
Тихомир Јанчовски (1967-2026) дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ. Беше и професор, музичар, издавач и автор на над 30 книги, главно поезија, преводи и (поетски) романи. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.
Автор е на плејада поетски книги кои се високо ценети меѓу читателите: Обични зборови, 1999; Два, 2002; Последно време, 2005; Осама, 2010; О, ти, 2011; Староста може, а и не мора да се дочека, 2013; Од збор до збор (избор), 2016; Игла и конец, 2016; Godine, Buybook, 2017; The noise of Loneliness, 2018; Влакно на јазикот, 2018, Тихивање, 2019, Ден-година, 2023; Граматика на љубовта, 2024, Пристоен предлог и други песни, 2024, Пеколот е мало место, 2025. Автор е на неколку романи (Лидија, или сѐ што знам за жените, 2018; Сѐ што знам за животот, 2020; Патина, 2022), на неколку дела од доменот културната историја на православното монаштво (Св. Пантелејмон, Нерези, историја, архитектура, живопис, 2000; Пештерските цркви во Македонија (сценарио за док. филм) , 2001 и Монаштвото во Македонија (1944-2007), 2010, како и две книги за деца: Приказни за деца и животни, 2022 и Малата Мечка и Големата Мечка, 2024. Превел дваесетина дела и приредил неколку антологии.
Од 2013 до 2016 објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „Рурбано“. Има издадено и книга колумни „Како ми скроија капа и други записи“ 2018. Во соработка со Бранислав Николов, Тихомир Јанчовски го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Во 2025 година неговиот ракопис „Камен во водата“ беше награден со признанието „Караманов 2025“. Тихомир Јанчовски е добитник за наградата „Златна бубамара“ за најпопуларен писател во 2025 година.
Јанчовски почина на 58-годишна возраст во Скопје на 30 јануари.
Култура
Голем концерт на „Архангел“ на 13 јуни
На 13 јуни на Стадионот на АРМ во Скопје ќе се одржи голем самостоен концерт на македонскиот бенд „Архангел“. Настанот ќе биде посветен на 44 години музичко творештво на Ристо Вртев, одбележувајќи четири децении препознатлив авторски израз и влијание врз македонската рок и алтернативна сцена.
На сцената на Стадионот на АРМ публиката ја очекува повеќечасовна музичка приказна, раскажана преку антологиските композиции „1.000.000 долари“, „Чудесен свет“, „Сениште“, „Uber Makedonische“, „Нова вера, нова библија“ и многу други, надополнета со дел од новиот материјал што бендот го создава.
Архангел интензивно работи на својот петти студиски албум, кој ќе означи ново креативно поглавје во нивната дискографија. Дел од композициите ќе бидат премиерно изведени токму на овој концерт, додека првиот официјален сингл се очекува наскоро.
Концертот, насловен „Срцевина“, претставува концептуално продолжение на поетиката на авторот и фронтмен Ристо Вртев – централен столб на бендот и клучен двигател на нивниот препознатлив авторски израз.
Големото враќање на сцената и издавањето на новиот албум се реализираат во организација на издавачката куќа Adriatica Records, со седиште во Љубљана, чиј фокус е промоција и поддршка на квалитетен авторски звук во регионот.
Билетите ќе бидат пуштени во продажба од понеделник, 2 март, онлајн на www.karti.com.mk/arhangel и преку нивната продажна мрежа низ цела Македонија.
Култура
Ремек-делото од Џакомо Пучини, операта „Тоска“, во Националната опера и балет
На 6 март со почеток во 19.30 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек-делото „Тоска“ од Џакомо Пучини, музичка драма во вистинска смисла на зборот, монументална, брилијантно оркестрирана, реалистична опера во три чина. Љубовта, страста, љубомората и политичките интриги се движечките драмски елементи на овој „оперски трилер“.
Гостинот од Италија, Џанлука Мартиненги ќе диригира со изведбата на оваа драматична трагедија на Пучини, во режија на Огњан Драганов од Бугарија, сценографијата е на Зоран Николовски, а костимографијата на Марија Пупучевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓоргеска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Во насловната улога (Флорија Тоска) ќе настапи Злата Тошевска Димовска, во улогата на Каварадоси – Миша Шешаберидзе (Грузија), во улогата на Скарпија – Леон Ким (Јужна Кореја), во останатите улоги настапуваат: Игор Дурловски, Драган Ампов, Марјан Николовски, Кристијан Антовски, Никола Чедомировски, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Tоска е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по италијанското либрето од Луиџи Илика и Џузепе Џакоза. Либретото се базира на драмата „Тоска“ од Викториен Сарду. Светската премиера на операта е одржана на 14 јануари 1900 г. во Рим, Италија. Повеќе од еден век подоцна, оваа опера останува еден од најизведуваните и највпечатливи наслови на светските сцени – дело во кое интимната човечка драма се издигнува до трагедија со универзална сила и актуелност.

