Култура
„Најсреќниот човек на светот“ е македонски кандидат за Оскар

Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“.
Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, прифатена и одобрена од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, во состав: Игор Иванов – режисер и претседател на Комисијата, Бранко Петровски – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Куштрим Бектеши – режисер, Милка Анчевска – кастинг-директор, Милан Тоциновски – монтажер, Сандра Чевреска – сценограф и Валдета Исмаили – актерка.
Во конкуренција за кандидатурата беа и филмовите: „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Кајмак“ во режија на Милчо Манчевски и „Мими“ во режија на Даријан Пејовски.
Членовите на Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм”, според Статутот на Друштвото на филмските работници на Македонија ги избира претседателот на друштвото, Игор Иванов, а изборот на членови го одобрува американската Академија за подвижни слики, уметност и наука (Academy of Motion Picture Arts and Sciences – AMPAS). Во Комисијата е дозволено да членуваат филмски професионалци кои се активно вклучени во производство на филмови како што се: режисери, актери, монтажери, филмски композитори, сценографи и други филмски работници. Според AMPAS, членови на Комисијата не можат да бидат професионалци кои немаат директно учество во производството на филм, како што се филмски критичари и други професионалци.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” од самото осамостојување на Република Македонија, кога од американската Академија за подвижни слики (AMPAS) беше препознаено како единствена релевантна институција за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата.
95-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи в недела, 12 март 2023 година, во Dolby Theatre, Лос Анџелес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.