Култура
На сцената на Националната опера и Балет ќе се изведат балетските едночинки „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“

На 17 и 24 јануари 2025 со почеток во 20.00 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведат балетските едночинки „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“.
Еден од бисерите во балетската литература „Шехерезада“ од Н. Р. Корсаков, работен по мотивите на приказните од „Илјада и една ноќ“ ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, кореографијата е на познатиот балет-мајстор од Москва, Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин. Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите на Маја Бурсаќ од Србија, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Балетската приказна ќе ни ја раскажат: Наташа Трендафилова Гицев, Ивана Коцевска, Илијана Данилов, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија), Валери Љубенко (Украина).
Во вториот дел ќе се изведе едночинката „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Михаил Лавровски, пренел и режирал, Јуриј Мјачин од Русија, сценографијата е на Илија Аризанов, а костимографијата на Изабела Поњавиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Настапуваат: Марија Кичевска Шокаровска, Христина Наќевска Митрашиновиќ, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија), Валери Љубенко (Украина). Настапуваат првенци, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет. „Валпургиска ноќ“ е всушност балетскиот дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно, и е првата премиера на Балетот на тогашниот Македонски народен театар (МНТ), која се извела на 27 јануари 1949 во кореографија на Ѓорѓи Македонски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Вечерва во Пробиштип гостува претставата „Земја на штркови“

Вечерва со почеток од 20:00 во ДК „Злетовски Рудар“- Пробиштип, гостува претставата ЗЕМЈА НА ШТРКОВИ, во режија на Роберт Ристов а во продукција на „Театар Провокација“-Скопје.
Претставата ги следи животните приказни на два пара, кои се разидуваат заради различните ставови во однос на одлуката – заминување во странство, заради подобра иднина.
Едниот пар разделбата ја преживеал во двеилјадитата година а вториот пар, со оваа проблематика се соочува токму сега.
Претставата има за цел да поттикне системски промени, кои се единственото решение за задржување на младите во Македонија.
Во претставта играат актерите: Мирјана Ристов, Изабела Јакимова, Радо Алексовски и Роберт Ристов.
Култура
45 години ФЛУ: Факултетот за ликовни уметности го слави својот јубилеј

Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најстарата и најреномирана вискокообразовна институција и центар за развој на ликовната и визуелна култура во нашата држава, оваа година одбележува 45 години од своето основање. Сите активности на ФЛУ до крајот на 2025 година ќе се случуваат во чест на јубилејот со официјален датум 31 март.
Оваа недела, од 18 – 20 февруари, на ФЛУ се одржува значајна работилница под наслов „Од дијагностика до конзервација: Напредни методи за анализа и чистење на уметнички дела“ наменета за студентите на ФЛУ. Тридневната работилница е организирана во соработка со Катедрата за конзервација на антиквитети и уметнички дела, на Универзитетот на Западна Атика (UNIWA), Атина, Р. Грција. Работилницата се одвива со поддршка на Еразмус + и УКИМ.
Централен настан и официјална прослава на 45-годишниот јубилеј е ретроспективната изложба на 3 април во Музејот на современа уметност – Скопје. Со изложбата, ФЛУ и МСУ заеднички, ќе го претстават богатото наследство и креативниот придонес на факултетот во развојот на македонската и регионалната уметничка сцена, симболично претставувајќи го континуитетот и еволуцијата на уметничките изрази што се развиваа во текот на четири и половина децении.
„Овој јубилеј претставува повод не само да се потсетиме на нашето културно наследство и да ја прославиме нашата уметничка историја, туку и да ги препознаеме сите генерации уметници кои со своето творештво оставиле трајна трага во културниот пејзаж на Македонија и пошироко. Факултетот за ликовни уметности отсекогаш бил место на слободна мисла, креативна експресија, критичко размислување и постојано истражување на нови уметнички хоризонти,“ истакна проф. д-р Славица Јаншлиева, декан на ФЛУ.
Култура
„Господа Глембаеви“ од ЦНП гостуваат во Македонскиот народен театар

По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорско народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20:00 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП.
Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.
Режисерот Данило Маруновиќ изразува големо задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа, токму на сцената на Црногорското народно позориште. Тој ќе каже: „Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, ’Господа Глембаеви‘, како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам „Господа Глембаеви“ и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е, всушност, (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него.“
Маруновиќ забележува дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.
Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.
„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.
Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.
Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн. Цената на билетите за партер е 1000 денари и може да се купат онлајн како и на билетарницата, додека цената за прва галерија е 800 денари, а за втора галерија е 600 денари и истите публиката може да ги купи само на билетарницата во МНТ.