Култура
Недела на полскиот филм во киното „Манаки“ – КИЦ „Битола“
ЈОУ Културен и информативен центар – Битола во соработка со Кинотеката и со поддршка на Амбасадата на Полска во Македонија го најавуваат следниот филмски настан во киното „Манаки“ – Недела на полскиот филм.
Полската филмска школа позната во Европа и светот по својот автентичен филмски потпис остави зад себе многубројни антологиски филмски остварувања.
Дел од тие филмски остварувања битолската публика ќе има можност да го проследи во периодот од 20 до 26 декември, со почеток во 20 ч, во киното „Манаки“. Влезот е слободен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Марко Виденовиќ, Марија Јакимовска, Игор Бакревски и Кристијан Кожумановски во КИЦ на РСМ во Софија
На 9 ноември (сабота) 2024, со почеток од 18:30 часот, во КИЦ на Република Северна Македонија во Софија ќе се одржи концертот на Марко Виденовиќ, Марија Јакимовска, Игор Бакревски и Кристијан Кожумановски.
КВАРТЕТО е состав единствен од ваков тип во Македонија, а неговата визија е камерното музицирање да стане неизоставен дел од концертите.
Камерниот состав изведува композиции од авторот на проектот Марко Виденовиќ кој преку своите композиции раскажува градски приказни, прифатливи за секаков вид на публика.
Атрактивната програма, специфичноста на составот и инструментите, како и професионалноста на уметниците, кои беспрекорно се претставуваат низ државата и пошироко
Квартетот е составен од членови во нашите Национални оркестри Филхармонија и Опера и балет: Марко Виденовиќ (автор, виола, пијано), Марија Јакимовска (флејта), Кристијан Кожумановски (контрабас), Игор Бакревски (кларинет).
Целта на овој проект е на високо културен и достоинствен начин да се претстави овој камерен состав, преку изведба на 10 композиции кои сочинуваат една приказна во времетраење од 60 минути.
Одлична шанса и подиум за уметниците, ќе ги истакнеме културните особености и вредности на камерното музицирање со музика од македонски автор, вели организаторот.
Култура
Новата книга од Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“ ќе биде промовирана во МКЦ
Новиот роман од популарниот автор Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“ ќе биде промовиран на 14 ноември (четврток) во 20 часот, во Младинскиот културен центар – Скопје. Книгата, која е во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе ја промовира Татјана Алексиќ, а модераторка на настанот ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова. Специјална гостинка, во улога на Сирма ќе биде младата актерка Јована Спасиќ. По промоцијата, забавата ќе продолжи со настап на „Сирма rock’n’roll бенд“.
„И јас сум Сирма“ не е роман, туку нешто меѓу сага и еп. Станува збор за збирка приказни што „авторката“ ги има собирано во изминативе шеснаесет века. Таа вели дека сè што напишала e вистина, но искрено мислам дека некои делови се пренесени со прекумерна доза на патриотизам. Особено кон соседите. Но… таков е нејзиниот табиет: горд, искрен, чесен, мил, полн со емпатија. Напати ме потсетува на некого: на мајка ти, баба ти, на мајка ми… но најмногу од сè ми личи на Македонија. Двете делат иста судбина, со секој здив, со секој збор, со секоја реченица. „Авторката“ не ја познавам лично, но имам чувство дека цело време е тука некаде, на дофат. Кога издавачот ми го прати текстот да напишам рецензија, не наидов на ништо што не ми е познато. Имав впечаток дека секоја страница од оваа историска читанка ја има некаде во нашите гени. За некои од ликовите можеби не сте чуле или, пак, имате погрешна слика, но сите тие се јунаци. Драг читателу, ти можеш да кажеш дека ништо од ова не е точно, но нема да можеш да не ја дочиташ книгава докрај, затоа што цел живот ќе ти ја јаде душата. Однатре. Тивко, полека.
Зоран Спасов Sоф е познат скопски лик, филантроп и автор на хит-книгите „Тито, мојот претпоследен херој“, „Торонто експрес“, „Џабе живиш у Скопје“ и „Цепај сине: пошто џабе живиш у Македонија“. Важи за еден од најпродаваните автори во книжарниците „Литератира.мк“.
Книгата „И јас сум Сирма“ ќе биде достапна за продажба за време на промоцијата во МКЦ, како и во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk од 14 ноември.
Култура
МСУ со изложба на ретко изложувани дела од колекцијата ставени во релација со дела од современи уметници
На 28 ноември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“
Куратори на поставката се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Софиа Григориаду, Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Нада Прља.
Генерална идеја за изложбата е преку контекстуален и критички пристап кон делата во колекцијата да се преиспитаат историски и критички теми, како што се колонијалната историја и неоколонијализмот, феминизмот, хегемониската експлоатација, хибридноста на културните формации и трансформации и соодветните отпори и борби, како и сложените реалности на земји (и групи) што се конципирани како „периферни“.
Изложбата „Прекршено време. И светот се пресоздава од тоа што го заборава“ претставува репрезентативен избор на дела од колекцијата на МСУ – Скопје, некои од нив ретко или воопшто изложувани, дела на уметници со потекло од она што се подразбирало како периферии на светот или светот разбиран како европоцентрична „геополитика на знаење“, како и дела на современи уметници, во обид за лоцирање на поинакви приказни и наративи, честопати исклучени од доминантите наративи, но се со голема еманципаторска моќ.
Прекршеното време, одговарајќи на задачата на наследството, отвора простор за уметнички дела, приказни и сеништа, кои не биле подеднакво изложени, замислувајќи ги можните идни читања на збирката на МСУ – Скопје, кои се неизбежно прогонувани од минатото.
Современи уметници, чии дела ќе бидат изложени се: Ала Јунис (Кувајт/Јордан), Инас Халаби (Палестина/ Холандија), Сиовија Кјамби (Кенија/ Германија), Карла Закагини (Бразил/ Шведска) и Ивана Сиџимовска (Северна Македонија/ Германија)
Изложбата ја градат дела од збирката на МСУ кои потекнуваат од Глобалниот југ – сфатена како хетерогена и детериторијализирана категорија– или оние кои не учествуваат во глобалниот пазар со хегемонистичка позиција и се архивирани под национален предзнак, односно дека потекнуваат од Аргентина, Бангладеш, Боливија, Бразил, Венецуела, Египет, Ирак, Иран, Јужна Африка, Казахстан, Куба, Кувајт, Мароко, Мексико, Узбекистан, Уругвај, Чиле, но и од други земји каде што живеле уметници од овие земји.
Овие дела, од една страна се ставени во релација со дела од земјите од поранешна Југославија (Северна Македонија, Косово, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора) како наследници на политиката и движењето на неврзаните и нејзиното наследство, посебно активна на културен план, и од друга страна со дела од современи уметници, кои на критички начин ги преиспитуваат локалните и глобални хегемонии. Некои од уметниците кои се дел од оваа изложба, а се дел од колекцијата на МСУ – Скопје се светски познатите Мариа Бономи, Роберто Мата, Аида Карбаљо, Феликс Белтран, но и Ремо Бианседи, Роберто Варкарсел, Самсон Флексор, Фајга Островер, Анезиа Пашеко е Шавес, Герти Сахуе, Питер Кларк, Макс Арукипа Чамби, Мариа Аусилијадора Силва и други.
Избраните дела на поканетите современи уметнички (Јунис, Халаби, Кјамби, Закагини и Сиџимовска) во оваа изложба не се доживуваат како изолирани дела, туку нудат можност за постојани дијалози меѓу нив и со изложените дела од колекцијата на МСУ-Скопје. Постколонијалноста, политичките дејствувања и уметнички форми на отпор, женски тела и женски гледишта и производство, уништувањето на животната средина и колонијалната екстракција, опседнатите колонијални и модерни наративи, модернистичката мисла и архитектура, форми на солидарност и деконструкции на националното, се некои од темите со кои уметниците се занимаваат, но не исклучиво, бидејќи повеќе од една од овие теми може да се следат во секое дело.
Преку доведувањето на делата од колекцијата во релационалност со дела од современи уметници се отвора потенцијален фрејминг за контекстуални и критички приказни за постколонијалната солидарност, трансформативна еманципација и соработка и обид за воспоставување на друг репрезентативен антихегемониски идентитет на музејот. Несомнено, вака поставената колекција на МСУ, може да се користи за преиспитување на постоечките изложувања, како и знаењето (епистемологијата) за збирката, кое воедно ќе биде и своевидно отповикување на моќта (политиката) која ја претставувала.
Графичкиот дизајн и уметничката интервенција се на Илиана Петрушевска, изложбениот дизајн е на архитектите Јован Ивановски и Ана Ивановска. Конзерватори вклучени во изложбата се Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска, а соработник на концепт е Тихомир Топузовски.
Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2025 година и е дел од одбележувањето на 60 години од основањето на Музејот на современата уметност – Скопје.