Култура
„Некој ме гледа романтично“ – љубовен концерт на Македонската филхармонија

„Некој ме гледа романтично“ е насловен традиционален љубовен концерт кој ќе се одрќи в четврток, со почеток во 20 часот. На програмата е „Балет за Марта“ од балетот „Пролет на Апалачите“ од Арон Копланд, Три танцови епизоди од балетот „Од градот“ од Леонард Бернштајн и арии од љубовната опера „Порги и Бес“ за сопран, баритон, хор и оркестар од Џорџ Гершвин. Диригент е маестро Јерухам Шаровски од Израел, а како солисти ќе настапат сопранистката Бети Гарсес (Колумбија) и бас баритонот Кевин Шорт (САД). Ќе настапи и хорот „Про Арс“ кој го подготви маестро Сашо Татарчевски.
Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. Во 1990 година, Шаровски бил избран од страна на славниот маестро Зубин Мехта да ја прими наградата „Млад артист на годината“. Тогаш ја добил и привилегијата да диригира со Израелската филхармонија, како и со другите поголеми оркестри во Израел. По турнејата во поранешниот Советски Сојуз (СССР), која за него била значајна во кариерата, во 1991 година станал уметнички директор и шеф диригент на Симфонискиот оркестар „Раанана“ во Израел. Под палката на Шаровски, овој оркестар прераснал во еден од најпопуларните симфониски ансамбли изведувајќи стотици дела и надвор од земјата. Од 1998 до 2004, маестро Шаровски раководел и со Бразилскиот симфониски оркестар на Рио де Жанеиро, со кој остварувал турнеи во Бразил и во Европа и снимил четири цедеа. Во тој период, Шаровски го формирал Младинскиот симфониски оркестар на Бразил, кој станал еден од најпознатите ансамбли во земјата. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.
Извонредната Бети Гарсес Бедоја моментално се смета за една од најистакнатите колумбиски сопранистки. Родена e во Буенавентура, на бреговите на колумбискиот Пацифик, и таа е првата Афроколумбијка којашто изградила растечка кариера како лирски сопран. Дел е од колективното движење „Opera for Peace“. Во 2021 година беше почестена со високо уметничко признание за културен придонес од претседателот на Колумбија и Министерството за култура. Таа беше дел од листата „Forbes Creative 2020“ и неодамна ја доби специјалната стипендија за престој на нов уметник во подем, доделена од „RWLE Möller Stiftung“ во Германија. Бети Гарсес настапува во значајни оперски продукции, активно одржува концерти и рецитали ширум светот. Магистрирала на Универзитетот за музика во Келн, специјализирајќи се за опера, со фокус и на ораториум, симфониски репертоар и камерна музика. Нејзиниот оперски репертоар вклучува бројни улоги како Аријадна во „Аријадна од Наксос“, Амелија во „Симон Боканегра“ или Леонора во „Моќта на судбината“. Исто така, ги изведувала улогите на Мими во „Боеми“ и Лиу во „Турандот“. Во Колумбија успешно дебитира како главен лик во зарзуелата „Сесилија Валдес“ во Театро Колон во Богота. Во 2016 година, беше солистка на светската премиера на мултимедијалната опера „3 Мил Риос“ на композиторот Виктор Гама. Бети Гарсес е извонредна и страсна интерпретаторка и на соло песните и редовно одржува рецитали на најголемите сцени. Нејзиниот репертоар вклучува дела од композитори како Штраус, Корнголд, Берг, Шенберг, Малер, Шосон, Онегер, Буланже, Бритн, Гинастера, де Фаља, Рахмањинов.
Американскиот бас-баритон Кевин Шорт, кој во 2021 година се приклучува на наставниот кадар на престижната школа „Џулијард“, настапува низ целиот свет во репертоар што опфаќа дела од Моцарт, Монтеверди, Верди, Бизе, Вагнер… Неговите настапи во Северна Америка вклучуваат изведби со операта „Метрополитен“, Њујоршката оперска компанија, оперите во Чикаго, Хјустон, Лос Анџелес, Вашингтон, Сиетл, Филаделфија…, но и неговите европски и азиски достигнувања вклучуваат настапи со повеќе оперски куќи, оркестри и фестивали, во Париз, Велс, Келн, Дрезден, Берн, Катанија, Финска, Австрија, Шпанија… Шорт исто така има активен концертен и рецитален распоред, настапувајќи со бројни оркестри во светот. Своето образование го стекнал на Универзитетот Морган, институтот за музика Кертис и Американскиот оперски центар на „Џулијард“. Добитник е на бројни награди и признанија. Неговиот соло ЦД-албум „Mephistopheles and Other Bad Guy“ за „Пентатон“, беше прогласен за еден од извонредните класични записи во 2018 година од WQXR.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сергеј Андреевски и Никола Пијанманов изложуваат во Грција

Вечерва, со почеток во 20 часот, во главниот град Хора, на островот Андрос, свечено ќе биде отворена изложбата на првата интернационална уметничка работилница со наслов „Поистоветени со хоризонтот“ (“Aligned to the horizon”).
Во текот на јуни, девет меѓународни уметници: Сергеј Андреевски (Скопје), Ан Лизе Бројер (Париз), Стано Бубан (Братислава), Маријана Кацарас (Тунис), Маркос Хаџипатерас (Лондон – Атина), Никола Пијанманов (Струмица), Герлинде Пистнер (Нирнберг), Кристина Рахме (Бејрут) и Карла Салем (Лондон – Бејрут) се нурнаа во пејзажот, архитектурата и приказните врежани во камењата и древните патеки на Андрос – и ги трансформираа овие средби во уметнички дела за време на нивниот престој во резиденцијата „Амалија Гарденс“ во Витали, Андрос.
Сместена во историска зграда во Хора, изложбата ќе биде отворена до 31 август, поканувајќи ги и локалното население и посетителите да се вклучат во уметнички дела создадени во директен дијалог со островот. Поканетите уметници имаа средби со вистинските чувари на наследството на Андрос – локалните производители и жители – и истражуваа пејзажи што носат силни траги од човечко присуство низ вековите: антички камени тераси што ги обликувале полињата, вековни маслинови градини, камени фарми и традиционални пешачки патеки. Преку оваа интеракција со островот и неговите жители, уметниците беа поканети да размислуваат за тоа како овие елементи служат како живи сведоштва за долгогодишна, хармонична врска меѓу луѓето и нивната околина; Како минатите начини на живот можат да се прилагодат на денешната реалност и каква улога може да игра уметноста во усогласувањето на наследството на островот со современите ритми?
Целта на резиденцијата и изложбата е да се истакне безвременската релевантност на традициите на островот Андрос – не како реликвии од минатото, туку како вредни ресурси за сегашноста.
Иницијативата ја спроведува здружението „Амалија Гарденс AMKE“, основано од архитектите и дизајнерите Харис Савидис и Пени Валсамиду. Името на организацијата ѝ оддава почит на Амалија Атанасиу, последната жителка на напуштената населба Калокаирини, со цел да ја оживее како нов центар на уметничка креативност. Резиденцијата „Амалија Гарденс“ има за цел не само да ја промовира современата визуелна уметност, туку и да поттикне значаен дијалог меѓу уметниците и културното наследство на островот. Преку оваа размена, програмата се стреми да создаде жив дијалог што ќе остави траен отпечаток врз сегашноста и иднината на Андрос.
Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.