Култура
Објавена програмата на четвртиот Скопски поетски фестивал
Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 29 мај до 1 јуни на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар – Скопје (киното „Фросина“), во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.
Ќе гостуваат поети од Норвешка, од Ирска, од Словенија, од Грција, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и дваесетина домашни поети! Официјалното отворање е закажано за 30 мај во 20 часот во МКЦ.
Мотото на годинешниот фестивал е „Борба. Не војна!“, а автор на постерот е Андреј Павлов.
Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, ликовна изложба, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе се одржи мастер-клас за снимање поетски филмови, а ќе се одржи и јога-час и поетско читање во природа.
Годинешното издание на фестивалот го овозможи Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар – Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писателите (HDP), „ПНВ публикации“ и хотел „Цара 1928“. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, „Кајгана“, „Умно“ и „Култура Бета“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
