Култура
Објавено второ издание на „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски – првата книга за есеистиката на Горан Стефановски

Издавачката куќа „Полица“ објави второ издание на првата книга за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, најдобриот млад научник во хуманистичките науки во 2021 година, кому вчера му беше доделено признанието „Успешни млади“.
Второто издание на „Идентитетот е приказна“ се случува по само месец и половина од објавувањето на првото издание по повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, кое веќе се исцрпува по големиот интерес на читетелите и одгласите на македонската книжевна наука, а веќе предизвика забележлив интерес и надвор од Македонија.
– Еве, конечно, едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. Имено, таа методолошка „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Иван Антоновски дека „есејот на Горан Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси. Антоновски беспрекорно ја покажува семио-осмозата меѓу драмите и есеите на Стефановски. Неговата студија е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски, истакна универзитетскиот професор, книжевен критичар и писател, Венко Андоновски, при објавувањето на првото издание на „Идентитетот е приказна“.
Според универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, оваа книга е исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура.
– Студиозна и високо книжевно-критичка анализа, која низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Горан Стефановски не можел да најде подобар соговорник од Иван Антоновски. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби и ќе отвори низа прашања кои може да станат појдовни точки за некои натамошни, нови истражувања, посочува Мојсова-Чепишевска.
Како што посочува универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова, „Идентитетот е приказна“ не е само книга во којашто се толкува есеистичкиот корпус на еден исклучителен и автентичен интелектуалец.
– Ова е и книжевно-научна студија во вистинската смисла на зборот која проникливо, аналитично, аргументирано, но и полемички ги нотира актуелните состојби во книжевната наука, вклучително и македонската, давајќи конкретни предлози за понатамошни истражувања и во однос на есејот, вклучително и македонскиот, и во однос на есеистичкиот опус на Горан Стефановски, оценува Ѓорѓиева-Димова.
И второто издание на „Идентитетот е приказна“ е објавено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, и во него, покрај научната студија на Иван Антоновски, објавен е и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“.
Досега, книгата доживеа две промоции во државава, а по интересот на читателите, на покана на локалните библиотеки и домовите на култура, веќе се закажани уште неколку за следниот период. Пред неколку дена, на покана на Универзитетот во Љубљана, Антоновски одржа и предавање за есеистиката на Горан Стефановски, на кое покрај словенечките студенти – македонисти и јужнослависти се вклучија и студенти од универзитетските центри во Загреб и Скопје, но и етаблирани македонисти и јужнослависти – истражувачи, книжевни преведувачи и писатели, вклучително и предавачи и книжевни преведувачи од Англија и Грција.
Инаку, Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, кој зад себе веќе има неколку публикации, а од крајот на 2021 година е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Првичната верзија на книгата „Идентитетот е приказна“ беше негов магистерски труд, со кој оствари обид за прочит и вреднување на есеистиката на Горан Стефановски. Дел од тезите за есеистиката на Стефановски, детално образложени во книгата „Идентитетот е приказна“ се претставени и во неколку од неговите одделни научни трудови за кои вчера од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски, му беше доделено високото признание „Успешни млади“.
Второто издание на „Идентитетот е приказна“ веќе е достапно за читателите во книжарницата на „Полица“ во Скопје, како и во другите поголеми книжарници во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Јон Вардар против Галаксијата“ овој викенд на Grossmann Fantastic Film & Wine Festival во Словенија

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ во сценарио и режија на Гоце Цветановски ќе биде прикажан на 21. издание на Фестивалот за Фантастични филмови и вино во Љутомер, Словенија. Проекцијата е закажана за сабота, 5 јули во Домот на културата.
Интересно е што фестивалот, покрај внимателно селектираната програма од жанровски филмови, има и посебен фокус на виното. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни вина за време на фестивалските настани, создавајќи уникатно искуство кое ги спојува филмот и винската култура.
„Овој фестивал за мене има посебно значење, затоа што во 2016 година гостував со краток анимиран филм и тогаш ја имав честа да се запознаам со Јан Харлан, продуцентот на Стенли Кјубрик – еден од моите омилени режисери, чие влијание може да се забележи во повеќе сцени од ‘Јон Вардар’“, изјави режисерот Гоце Цветановски.
Култура
Марко Виденовиќ и „Мевлем“ вечерва на „Бит-фест“

Битолското културно лето „Бит фест“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола со почеток во 21:00 часот, ќе биде домаќин на прекрасна вечер во која музиката низ Проектот „Мевлем“ ќе зборува за љубовта, болката и надежта…
Проектот „Мевлем“, претставува уникатен спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, кој наиде на извонреден прием и сериозен одек меѓу публиката и културната јавност, како во земјава така и надвор од неа.
Со секој од досега реализираните концерти, „Мевлем“ не само што ја потврдува својата уметничка автентичност, туку и се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет. Неговата досегашна реализација покажа дека публиката, без оглед на културниот контекст, препознава искреност, длабочина и убавина.
Музичкиот состав „Мевлем“ е составен од музичарите: Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело, и самиот автор Марко Виденовиќ – пијано и глас, кои досега концерти одржале во: Загреб, Белград, Скопје, Битола, Охрид, Гевгелија и Велес.
Во вечерашната програма се вбројуваат композиции кои се специјално создадени за проектот „Мевлем“ и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија.
„Мевлем“ е повеќе од концерт – тој е уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита туку се чувствува, каде што музиката не се слуша туку се доживува. Создаден од композиторот и поет Марко Виденовиќ, овој проект е интимен дијалог помеѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции.
Композициите, инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина, се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат таа внатрешна вистина. Влијанието што овој проект го има врз публиката е од оние ретки, длабоки уметнички впечатоци што долго остануваат со човекот.
„Мевлем“ во својата суштина има потреба – да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.
„Целта никогаш не беше само да се приреди концерт, туку да се отвори простор за уметнички дијалог, за разбирање и заедништво. Резултатите од тоа не се само мерливи преку број на публика, аплаузи или медиумски интерес – туку преку тишината меѓу две композиции, преку солзите по последниот акорд, преку луѓето што приоѓаат по концертот не за да честитаат, туку за да споделат своја приказна. А токму тоа, всушност, беше и крајната цел“, вели Марко Виденовиќ, автор на Проектот „Мевлем“, кој вечерва ќе биде претставен пред публиката во Битола.
Култура
Концертна промоција на албумот „Егрерор“ на „ФИН проект“ и Тања Царовска

Концертната промоција на албумот „Егрерор“ на Никола Стојковски (ФИН Проект) и Тања Царовска ќе се одржи денеска со почеток во 20:30 часот во Куршумли ан.
На концертот, како гости ќе настапат и Петар Христов (саксофон и кларинет) и Горан Трајкоски – Готра, на пијано Билјана Петровска, бас и контрабас Андреа Мирческа, како и Илија Јовчев – виолина, Ева Ристеска – виолина, Ангела Винтовска – виола, Александар Ицковски – виолончело.
Албумот „FIN Project Orchestra“ е издаден во декември 2022 година од М-Сол Рекорд и е поддржан од Министерството за култура на Р.С. Македонија. Следуваше „FIN Project – Contemplation“ кој е издаден во јануари 2024 година.
Музичкиот материјал на албумот е подготвен во соработка со кларинетистот Петар Христов. А, како последно издание во 2024 година, FIN Project во соработка со светски реномираниот композитор и продуцент на извонредната Лиза Жерар, Марсело Ди Франсиши, го објави „Indie Monastery – One Big World (remixes)“ каде како вокален интерпретатор се појавува иранската дива Бахар Шах.