Култура
Објавен јавен повик за финансиска поддршка на уметниците и културните работници
 
																								
												
												
											Министерството за култура, на својата веб-страницата објави јавен повик за доставување барање за финансиска поддршка на уметниците и на културните работници.
Предмет на финансиската поддршка на уметниците и на културните работници е еднократна исплата на финансиски средства за период од три месеци, во месечен нето-износ од:
– 14.500,00 денари (до колку уметникот, односно културниот работник во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 80.000,00 денари од вршење уметнички или стручни работи во културата според евиденцијата на Управата за јавни приходи),
– 18.000,00 денари (до колку уметникот, односно културниот работник во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 60.000,00 денари од вршење уметнички или стручни работи во културата според евиденцијата на Управата за јавни приходи),
– 21.500,00 денари, (до колку уметникот, односно културниот работник во периодот од јануари до август 2020 година остварил приход во нето-износ до 40.000,00 денари од вршење уметнички или стручни работи во културата според евиденцијата на Управата за јавни приходи).
Јавниот повик трае до 19.12.2020 година, а сите заинтересирани лица на адресата на е-пошта на Министерството за култура: [email protected] треба да достават барање за добивање финансиска поддршка на уметници и на културни работници и изјава за исполнетост на условите за добивање финансиска поддршка (Образецот на барањето и образецот на изјавата се Прилзи 1 и 2 на Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници и се објавени заедно со Јавниот повик).
Исплатата на средствата ќе ја врши Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија врз основа на решенија што ќе ги донесе министерот за култура, а во согласност со член 6 од Уредбата со законска сила за формирање на Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19 во рок утврден во член 3 од Одлуката за финансиска поддршка на уметници и на културни работници.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Култура
Виенски валцери и нем филм во КИЦ: мултимедијална вечер со Пламенка Трајковска посветена на Јохан Штраус
 
														Гудачкиот квартет Пламенка Трајковска на 5 ноември во Културно-информативниот центар – Скопје ќе направи уникатен спој на класична музика и нем филм во чест на „кралот на валцерот“
Уникатниот, мултимедијален концерт, насловен како „Јохан Штраус во филмот: Концерт и проекција на немиот филм ‘Веселата војна’“ претставува редок спој со кој гудачкиот квартет ќе ја изведува музиката на Јохан Штраус во живо, додека на платното ќе се проектира нем филм на режисерот Роберт Вине. Филмот, инспириран од виенската култура, нуди визуелно и музичко патување низ духот на европската култура од крајот на 19 век.
Публиката ќе има можност да доживее едно несекојдневно уметничко искуство во кое валцерот, некогашниот белег на европската култура, повторно ќе заживее преку звук, слика и емоција.

Концертот е замислен како омаж на двојното наследство на Штраус – како симбол на музичката елеганција и како инспирација на кинематографијата. Поводот е одбележувањето на 200-годишнината од раѓањето на славниот виенски композитор и 30 години камерно музичко творештво на виолинистката Пламенка Трајковска.
Концертот е во рамките на фестивалот фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет во состав: Пламенка Трајковска – виолина, Сандра Крстевска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело.
Култура
Концерт на ансамблот „Македониум“ во КИЦ Белград
 
														Вечерва во 19 часот, КИЦ Белрад ќе биде домаќин и организатор на концерт на музичкиот ансамбл „Македониум“ од Белград, со наслов „На срце ми лежи, мила мамо“. И самиот наслов асоцира дека на вечерашнава програма ќе се најдат грст изворни и новосоздадени македонски песни, со кои ансамблот веќе повеќе од 10 години стекнува симпатии како меѓу публиката од македонската заедница во Србија, така и меѓу српската публика, каде и да настапува.
Концертот кој се организира во партнерство со Здружението на Македонците во Белград „Македониум“, ќе го отвори директорот на КИЦ Белград Васко Шутаров, а овој концерт е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Ансамблот „Македониум“ е основан во 2015 година, со цел да бидат сочувани, негувани и популаризирани старите македонски изворни песни, да се сочуваат и почитуваат старите обичаи, како и да се афирмираат песните од современото македонско музичко творештво.
Ансамблот има настапувано скоро на сите поголеми манифестации во рамките на македонската заедница во Србија, како што се „Деновите на македонска култура“ во Нови Сад, централните македонски прослави поврзани со нашите големи празници, како што традиционалните празнувања на Илинден во Јабука и Качарево, а ансамблот бил и претставник на Македонскиот национален совет во рамките на Саемот на националните малцинства во Белград, како и претставник на меѓународниот фестивал „Експлорес“.
Култура
„Фрида од Македонија“ со концерт на „Есенските музички свечености“
 
														В недела со почеток во 20 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт на женскиот хор „Фрида од Македонија“ насловен „Фрида Музикотерапија“, во рамки на 25. издание на „Есенски музички свечености“.
Аматерски женски хор ФРИДА е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот функционира во 2 секции/групи составени од по 60тина хористки аматери, со големо хорско искуство.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.


 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
									 
																	 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											