Култура
Одлични критики и стоечки овации за „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски во Венеција
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/09/Domakinstvo_Venice5.jpg)
„Нов триумф на Горан Столевски со приказната за маргинализирани луѓе” – вака реномираното британско филмско списание Screen Daily ја започнува својата критика за најновото остварување на режисерот Столевски, а додека Deadline вели дека е режисер со впечатлива оригиналност, вештина и стил и е име коа треба да се запомни.
Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски, а во продукција на Лист Продукција – Скопје вчера ја имаше светската премиера на филмскиот фестивал во Венеција, во рамките на натпреварувачката програма „Orizzonti“. Публиката на популарната „Мостра“ во Венеција уште еднаш ќе може да го погледне филмот денеска со почеток во 15.30 часот.
Во преполната сала „Дарсена“ во Венеција, „Домаќинство за почетници“ ја воодушеви публиката, која со голем аплауз и долги стоечки овации ги награди режисерот Горан Столевски и актерската екипа во филмот.
Уште една потврда за квалитетот на филмот и неговиот одличен прием во Венеција се бројните критики објавени веднаш по вчерашната светска премиера.
Screen Daily во својата рецензија наведува дека: „Најновото дело на Горан Столевски е извонредно филмско остварување – нескротлива, дива детална драма која е набиена со таква енергија, што практично добивате статичен шок на екранот. Карактеристичниот глас на режисерот Столевски полн со самодоверба е препознатлив уште од самиот почеток. Тој исклучително самоуверено ја држи атмосферата помеѓу напнато расположение и страв од загубата и неговата нарација е свежа, автентична и навистина возбудлива“, се дел од пофалбите во критиката на Screen Daily.
Deadline, кој го карактеризира Горан Столевски како режисер со впечатлива оригиналност, вештина и стил истакнува дека се работи за име кое треба да се запомни:
„Сè што прави Столевски е насочено кон тоа да пренесе какво е секојдневието на луѓето заглавени во сопствените конфликти, во простор кој секогаш изгледа премал. Тој намерно ги притиска страните на секој кадар и делува како да нема доволно простор за протагонистите на снимката. Внатрешните простори никогаш не се дефинирани – камерата речиси секогаш се префрла меѓу лицата на луѓето, доловувајќи ги нивните изрази додека се надвикуваат еден со друг. Се работи за анасмбл од луѓе кој е толку природен во своето заедништо, што се чини дека ја живеат вистинската приказна“, нагласува Deadline во својата рецензија.
Cineuropa во својата критика наведува дека Столевски го испорачува еден од најдобрите филмови во Венеција оваа година. „Столевски во филмот се занимава со многу мали и големи трагедии и вистинско чудо е како успева сето тоа да изгледа дури и смешно. Режисерот има смисол за хумор, но е нежен, емпатичен и искрен и многу добрo ги кореографира неуредните групни сцени, правејќи ги лесни за следење. Сите ликови се грижат еден за друг, и бидејќи не се работи за американски филм – не мораат да кажат ‘те сакам’, секогаш кога ќе ја напуштат просторијата“, стои во рецензијата на Cineuropa.
„Домаќинство за почетници“ e во продукција на Лист Продукција – Скопје, и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а ќе биде дистрибуриран на територијата на САД, преку компанијата Focus Features. Universal Pictures ќе биде интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.
Филмот на Горан Столевски оваа година ќе го отвори 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола, кое се одржува од 23 до 29 септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Објавена програмата на 36. поетска ноќ во Велестово
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_velestovo-poster-mkD-1.jpg)
36. Поетска ноќ во Велестово ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.
‒ Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид ‒ истакна програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.
Годинешното издание ќе биде отворено на 16 август од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потем и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.
На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Фестивалот го овозможија Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе и бар „Шила“ од Охрид, Пелистерка АД Скопје, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.
Култура
Поетски фестивал и изложба во рамките на одбележувањето 61 година од скопскиот земјотрес
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2018/02/MKC.jpg)
Во рамките на одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес се одржуваат повеќе активности и манифестации.
Со почеток во 19 часот, во ЈУ Младински културен центар ќе се одржи првиот интернационално традиционален поетски фестивал „Заедно за Скопје“, посветен на земјотресот од 1963 година, а учество зедоа 130 поети од 40 држави.
Во Музејот на Град Скопј,е во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Културните институции во Скопје по земјотресот во 1963 година“, која е подготвена по повод одбележувањето 61 година од катастрофалниот земјотрес, кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година. Изложбата зборува за земјотресот во Скопје од 26 јули 1963 година и состојбата на културните институции. Поголемиот дел од скопските музеи претрпеле големи и неповратни штети. Народната и универзитетска библиотека, Народниот театар и други културни институции биле толку многу оштетени што немале ни најелементарни услови за работа. Разурнатите згради на издавачките и новинско-издавачките претпријатија до крајни граници го отежнувале нормалното работење. Многу од спомениците на културата, како и тврдината Кале, биле целосно разурнати. Ударот уништил многу значајни историски документи и уникатни експонати. Под урнатините останале значајни артефакти – сведоци на многубројни цивилизации, кои опстојувале на скопската почва.
Изложбата по повод одбележувањето на овој значаен датум од поновата историја на градот Скопје е посветена на културата и културните институции, на последиците од земјотресот и на нивното функционирање во постземјотресни услови.
Култура
Докуметарецот „Лука“ прикажан на мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/thumbnail_850_2513.jpg)
На втората фестивалска вечер од мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“, која се одржа на платото пред Градскиот музеј, беше прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“, а потоа следуваше музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Режијата на документарецот „Лука“ е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров.
Филмот, кој веќе е прикажан на повеќе фестивали и има освоено специјална награда од жирито на Jeju Movie Concert Festival во Јужна Кореја, е бунт против конзумеризмот и против отпадот и ѓубрето во уметноста наспроти уметноста што се создава од отпад и ѓубре во обид млади музичари од Струмица да најдат место и израз за своите креативни идеи.
„Сигурно дека ова време што го живееме носи свои ѓубриња. Мислам дека во секој жанр на музика и во секоја уметност воопшто 99 проценти од она што се создава не чини, а оној еден процент е она што вреди, тоа е мое лично мислење“, изјави Ставрос Ангелков, музичар.
По проекцијата на филмот, следуваше музичка вечер на авторска музика со Ставро (гитара), еден од главните протагонисти во документарецот, и Џејд (вокал), која всушност е и сценаристка на ова филмско остварување.
Јулската фестивалската програма на „ГИГА фест“ продолжува на 31 јули со проекција на документарно-музичкиот филм The Hip – Brainstorm , во режија и продукција на Јане Алтипармаков, по оригинална идеја на Љубиша Петрушевски. Камерата е на Наташа Гелева и Ања Илиева, а монтажата на Михаил Димитров. Во август следуваат нови фестивалски вечери посветени на ликовната и музичката уметност.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА фест“ е посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, а е поддржан од Општина Крива Паланка. Годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.