Култура
Од 3 до 17 август 18. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“
По двегодишна пауза, од трети до седумнаесетти август ќе се одржи 18. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалската програма предвидува двананесет настани кои ќе бидат реализирни на неколку локации.
Официјалната селекција, под мотото „Нови ритуали“, обединува шест претстави: „Орестија“, копродукција меѓу домаќинот НТ J.H.K Џинот, Велес и Националната Опера и Балет, „Орестија 1/4″, дел од проектот Chorus, продукција на МКЦ Скопје, „Протеј, парче сеќавање кое недостасува“, исто така дел од меѓународниот проект “Chorus”, продукција на Театар Ам Ленд, Грац, Австрија, „Бахки, краток преглед на распадот“ – продукција на НТ Битола, „Исмена“, техничка копродукција на НТ Џинот, Велес; „Едип: коментари“ – премиера на НУЦК Ацо Шопов, Штип. Фестивалот ќе биде затворен со претставата „Отело“, копродукција меѓу „Перипетија“, МНТ и НП Зеница која ќе биде изведена во чест на лауреатите. Селектор на годинешното издание на фестивалот е директорот на театарот Ј.Х.К. Џинот, Сашо Димоски.
Покрај официјалната селекција, во рамки на годинешното издание на ИФАД Стоби ќе биде промовирана и фестивалската публикација „Нова античка драма“, издание на „Полица“, ќе биде поставена изложбата „Вита“ од Филип Петковски, а во соработка со Кинотека на Македонија ќе биде прикажан, под отворено небо, циклус филмови на Бранко Гапо.
Годинешната програма на ИФАД Стоби ќе се реализира на археолошкиот локалитет Стоби, во театарот Ј.Х.К Џинот и во Шато Сопот.
Билтетите за изведбите на фестивалот се веќе во продажба на билетарницата на театарот по цена од 200 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Која беше Ленче Делова – актерката од „Чук-чук, Стојанче“ и „Во светот на бајките“ со која растеа генерации
Ленче Делова – актерката со која пораснаа генерации гледачи и која остави длабока трага во македонскиот театар и телевизија, почина вчера на 15.02.
Родена на 15 јуни 1948 година во Скопје, Делова својата актерска кариера ја започнала на само 16 години во Драмскиот младинско-детски театар, денешен Драмски театар – Скопје. Од 1970 година станува редовна членка на ансамблот, останувајќи му верна на театарот сè до пензионирањето во 2013 година.
Во текот на својата богата кариера освои бројни признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ во 2006 година, како и престижната награда „13 Октомври“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ во 1978 година.
Нејзиниот сценски опус е обемен и разновиден. Публиката ќе ја памети по улогите во претставите „Дундо Марое“, „Ништо“, „Егор Буличов и другите“, „Хамлет“, „Рибарски караници“, „Солунски патрдии“, „Виктор или деца на власт“, „Ивона, кнегиња бургундска“, „Игранка во времето на Лунаса“ и „Ни ќар, ни зијан“.
Но за многумина, Ленче Делова беше најпрво – ликот од детските телевизиски серии со кои растеа цели генерации. „Ајде да се дружиме“, „Чук-чук, Стојанче“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни, како и ТВ-драмите „Илинка“, „Илинден“ и „Од денес за утре“, се само дел од остварувањата што ја направија блиска и сакана во домовите низ Македонија.
Со својот специфичен и автентичен сценски сензибилитет, Делова остави траен белег и во ТВ-драмите, радио драмите, сериите. Нејзиниот лик останува дел од колективната меморија – како топол глас, како мајчинска фигура, како присуство што нè учеше на емпатија и игра.
Илустрација: Горан Марковски (Фб страна: Ѓорѓи Колозов)
Култура
Љубов, серенади и поезија во срцето на Дебар Маало
Општина Центар и годинава е домаќин и покровител на традиционалната манифестација „Дебармаалски средби и серенади“, која се одржува по повод празникот на виното и љубовта, во организација на здружението „Гороцвет“ и Здружението на пензионерите од Општина Центар.
Манифестацијата почна кај познатата кафеана „Кај Жабарот“, каде што градоначалникот Горан Герасимовски, заедно со познатиот уметник Живко Поповски-Цветин и присутните граѓани, симболично закрои лозово гранче и испрати порака за љубов и мир.
„Центар ќе продолжи да ја поддржува оваа прекрасна традиција, која нè враќа во старите убави времиња на серенади, поезија и романтика. Дебар Маало и денес е место каде што се негуваат дружењата, уметноста и културата. Наша обврска е да ги чуваме овие вредности и да ги пренесуваме на идните генерации“, рече Герасимовски.
Програмата продолжи со поетски рецитал, староградска музика и прошетка низ дебармаалските улички и ресторани. Со поддршката на ваквите културни настани, Општина Центар ја потврдува својата посветеност на зачувување на традицијата, културното наследство и автентичниот боемски дух на Дебар Маало.
Култура
Mozzart го отвори „Театарот на хуманоста“: Племенита уметност која ја храни душата
Кога уметноста и хуманоста ќе се спојат, резултатот е вистинско ремек-дело.
Полна сала, насмевки и громогласен аплауз во Театар Комедија го одбележаа изведувањето на претставата „Олд Сејбрук“, првата за која компанијата Mozzart им делеше бесплатни билети на граѓаните.
Со оваа фантастична комедија започна проектот „Театарот на хуманоста“, кој има двојна цел – да им овозможи на љубителите на театарот да уживаат во претстави без да купуваат карти, а истовремено да поттикне хуманост преку донации за Банката за храна на Македонија.

Посетителите добиваа флаери со број за донации, а секоја испратена порака значеше бесплатен оброк за оние кои не можат да си го дозволат.
„Прекрасно е што секој има можност да дојде и да ја погледне претставата, а истовремено да направи добро дело,“ порача актерката Маја Љутков, која ја толкува една од главните улоги во претставата.
Од компанијата Mozzart велат дека ова е само почеток: „Успешно ја започнавме реализацијата на проектот ‘Театарот на хуманоста’. Целта е љубителите на театарот да уживаат во културни содржини, а истовремено да донираат за хуманитарни цели. Првата претстава помина одлично, а веќе се подготвуваме за следната,“ изјави Ивана Стефановска Крстевска од Mozzart.
Фактот дека картите беа поделени за само половина час зборува за огромната љубов на граѓаните кон театарската уметност. Токму затоа Mozzart најавува уште неколку бесплатни претстави, продолжувајќи да ја поддржува културата и хуманоста.
(ПР)

