Култура
Осум години „Театар комедија“
Националната установа „Театар комедија“ денес, на Светскиот ден на театарот, го заокружува својот осми роденден.
Во текот на изминативе осум години во „Театар комедија“, кој важи за најпосетуваниот театар во земјава, се поставени вкупно 34 премиери, остварени се голем број гостувања и соработки, а театарот може да се пофали и со бројни награди и признанија.
Оваа година во „Театар комедија“ ќе изостане вообичаената премиера на 27 март, но од институцијата велат дека, по нормализирањето на ситуацијава, актерите и целиот тим на театарот ќе бидат тука за да им ги наполнат ,,животните батерии“ на посетителите со нова енергија и надеж.
Во меѓувреме театарот ги обезбедува со смеа своите гледачи преку нивниот онлајн репертоар – на нивниот јутјуб-канал во одредени термини се емитуваат снимки од нивни претстави.
За Денот на театарот е резервирана ,,Ах, љубов моја“ (режија: Коле Ангеловски), која е првата одиграна претстава во „Театар комедија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ повторно на сцената на МОБ: спектакуларна оперета на 26 декември во Скопје
По три одлични изведби, „Лилјакот“ ќе се изведе повторно на големата сцена на МОБ за вечер исполнета со музика, хумор и емоции, културно доживување што ја освои пуб-ликата и критиката, соопшти организаторот.
„Македонската опера и балет со гордост ја најавува четвртата изведба на оперетата „Лилјакот“ (Die Fledermaus) од Јохан Штраус II, која ќе се одржи на 26 декември 2025 година. По две претходни изведби што предизвикаа бурни аплаузи, високи оценки од публиката и критичката фела, ова ремек-дело на класичната музика се враќа како еден од најочекуваните културни настани во декемврискиот репертоар.
„Лилјакот“ е светски позната оперета што ја слави радоста, музиката и ведрината на животот, со шармантни сцени, хумор и незаборавни арии. Оперетата ја освои публиката, која ја опиша како „возбудлива, духовита и емоционално живописна“ и која ја поздрави со овации и силни аплаузи“.
Оваа изведба, под диригентска палка на Бисера Чадловска и во режија на Љупка Јакимовска, нуди уште една можност за љубителите на уметноста да уживаат во празнична вечер исполнета со музика, раскош и многу смеа.
Доколку ја пропуштивте претходната изведба, ова е вашата можност да бидете дел од ова празнично културно искуство и да ја почувствувате магијата на „Лилјакот“ во живо, вели организаторот.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.

