Култура
Отворена изложбата „Жени во занаетчиство“ во кабинетот на претседателот

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на отворањето на изложбата „Жени во занаетчиство“ што се одржува во кабинетот на претседателот.
Во своето обраќање пред присутните на настанот, сопругата на претседателот истакна дека е чест и инспирација да се биде денес меѓу сите овие жени занаетчии и да се види нивната уметност, креативност и вештини.
„Жената несомнено е клучен двигател на општествените процеси во сите сегменти, така што и женското претприемништво се препознава како значаен фактор за економскиот развој на земјата. Учеството на жените во бизнис-активностите ги трансформира квалитетот и структурата на работната сила и општеството во целина“, истакна Ѓоргиевска додавајќи дека промоцијата на занаетчиството е фактор за економски развој, за зачувување на традицијата и културата на нашата земја.
Истакнувајќи дека она што им недостасува на жените е финансиска поддршка, дополнителна едукација, како и добар маркетинг за пласирање на нивните производи на домашниот и странскиот пазар, Ѓоргиевска рече дека токму затоа, денес ја потенцираме улогата на жената занаетчија како клучен економски двигател, но и како промотор на културата.
„Од овие причини, ќе продолжиме заедно да работиме на економско заживување на овој сектор, популаризација на можностите на ова занимање и стимулирање на младите и жените да почнат сопствени бизниси, со цел економско јакнење на жените и поголема родова еднаквост во државата“, нагласи Ѓоргиевска.
На отворањето на изложбата се обратија министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мери Брнз, извршниот директор на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска и директорката на Занаетчиската комора – Скопје, Анета Атанасовска.
Изложбата се организира во соработка со Центарот за управување со промени, по повод Деновите на занаетчиство и е во рамки на проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ поддржан од УСАИД и БТД.
На изложбата што ќе биде отворена од 16 до 18 мај, посетителите ќе имаат можност да ги разгледаат изработките на триесетина вредни и креативни жени занаетчии. Целта на овој настан е да се пренесе пораката за значењето и придонесот на жените занаетчии во одржување на традиционалните занаети, зачувување на културното богатство и поттикнување на економскиот развој на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Омаж на филмовите на Јане Алтипармаков на „Скопје синема сити“

Со ретроспективата на музичките документарни филмови на македонскиот режисер Јане Алтипармаков на 4 јули и со филмовите „Сестри со транзистори“ и „Моби: Мобидок“ на 5 јули ќе се затвори осмото издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“.
Фестивалот, кој почна со изложба на фотографии од Ник Кејв на Немања Ѓорѓевиќ и филмот „Ник Кејв: 20.000 дена на земјата“, му оддаде почит на Кејв, кој е артист во фокус на фестивалот.
На 4 јули, во рамките на програмата на македонски автори и филмови, фестивалот ќе прикаже ретроспектива на филмовите на Алтипармаков – „Гето 103,“ „Фолтин се јави,“ „Бадмингтонс“ и The Hip Overdrive. Повеќето од овие филмови се исчезнати од архивата на МРТ и ова е последна можност да се видат од личната архива на Алтипармаков.
Фестивалот се затвора со двата филма за електронска музика на 5 јули. „Сестри со транзистори“ ја раскажува историјата на електронската музика, но преку жените композиторки, чии достигнувања биле од суштинска важност за овој жанр. Филмот е во нарација на Лори Андерсон. Фестивалот завршува со филм за Моби, каде што на луциден начин е даден портрет на овој уметник и неговите подеми и падови во една богата кариера.
Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“. Автор на дизајнот е на Дијана Димитриевска. Програмата на фестивалот „Скопје синема сити“ е поддржана од Агенцијата за филм, Министерството за култура, КинотекаТА на Северна Македонија, Културно-информативниот Центар, ПР-агенцијата „Навигаторс“ и „Спона“, центарот за култура на Србите во Македонија.
Култура
Групната изложба „Проект 4“ во Културно-информативниот центар

Утре со почеток во 20 часот во Културно-информативниот центар, Салон Империјал 1 и 2, се очекува отворањето на групната изложба насловена „Проект 4“ од ликовните уметници од Србија Татјана Армуш, Данијела Тасиќ-Цветковиќ, Мила Алексиќ и Татјана Димитријевиќ.
„Проектот 4 не постои. Просторот во кој е родена идеjата, поставката на Проектот 4, во еден момент поседуваше димензии во рамките на кои се наоѓаше сè, воедно и временската димензија во која, надвор од сето тоа, ништо не постои“, соопшти организаторот.
Со оваа поставка во новиот простор, со димензија на времето кое во себе ги содржи сите потенцијални енергии за реализација на скоковите, преку и покрај наметнатите пониски енергетски битисувања, Проектот 4 не постои како фиксна, непроменлива детерминанта, туку го започнува својот пат на излез од зададените ни форми.
Татјана Армуш
Родена 1986 година во Сомбор (Србија) каде завршува основно и средно училиште. Дипломирала 2009. година на Факултетот на уметности во Приштина (со седиште во Звечани) на насоката ликовна графика во класата на професорот Зоран Јовановиќ – Добротина. Реализирала три самостојни изложби и изложувала на повеќе колективни во Сомбор, Нови Сад, Белград, Косовска Митровица и Грачаница.
Данијела Тасиќ-Цветковиќ
Родена 1974 година во Оџаци. Завршила гимназија „Вељко Петровиќ“ во Сомбор. По завршувањето на ВШЛИПУ во Белград, запишува Факултет за ликовна уметност, насока сликарство. Дипломирала 2003 година, а магистрирала 2007 на истиот факултет во класата на професорот Јован Сивачки. Член е на УЛУС од 2003 Добитничка е на неколку награди за сликарство во текот на студиите и награда на Сомборскиот ликовен салон 2017 година. Често учествувала на групни изложби, а излага и самостојно.
Мила Алексиќ
Живее и работи во Сомбор, учествувала на повеќе заеднички изложби и реализирала една самостојна. Се занимава со самоистражување низ концептот на монохромни инсталации и записи.
Татјана Димитријевиќ
Родена 1965 година во Сомбор, Србија. Дипломирала 1988 на Академијата на ликовна уметност во Нови Сад, на насоката за сликарство, во класата на професорот Душан Тодоровиќ. Изложувала самостојно и на бројни колективни изложби во земјата и странство (Италија, Норвешка, Француска, Швајцарија), учествувала и на повеќе собири на ликовни колонии. Од 2009 до 2018 година ја реализирала Street art акцијата на плоштадот Св. Тројство во Сомбор.
Изложбата ќе биде отворена до 23.7. 2022 година.
Култура
Со шестчасовен настан започна Европското првенство во танци 2022

Со шестчасовен настан, спој на области од уметноста и сите форми на креативност на едно место, во „Ист Гејт Мол“, започна Европското првенство во танци 2022. Преку 3000 танчери од 21 земја од Европа, почнувајќи од вчера (02.07.2022), ќе слават љубов, среќа, уметност, игра и пријателството, а сето тоа преку музика.
Поентата на уличната уметност, како најслободен вид уметничко изразување, е да произлезе од потребата да се создава, па токму затоа ова несекојдневно, четиридневно „стрит арт“ и хип хоп уживање е нешто што долго му недостасуваше на Скопје.
Започна со пантомими, жонглери и кловнови, а продолжува со концертот на Балканската, музичка дива Сара Јо, која важи за една од најактивните на хип хоп сцената. Концертот е вечерва од 21 часот, во Ист Гејт Мол.
Во склоп на третиот ден, утре (04.07.2022) во СЦ Јане Сандански од 18:30 часот, ќе има „Официјална Церемонија“ на која ќе се презентираат народите, пред преставници од амбасадите на државите кои учествуваат во првенството.
Хип хоп танчерите ќе ја претставуваат својата земја на сцената, за да се доживеат, натпреваруваат и да стигнат до највисоките рангирања, а на последниот ден од првенството, во вторник (05.07.2022) со хип-хоп бетл ќе биде затворено ова неверојатно четиридневно музичко искуство.
Ова првенство е сигурно нешто што ќе го одбележи летото, вели организаторот.