Култура
Отворено 16 издание на Битолското културно лето „Бит фест“

Градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, синоќа за првпат ги отвори вратите за спектакуларен концерт со кој беше означен официјалниот почеток на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Над 4000 посетители, уживаа и се забавуваа со „Симфонија на ѕвездите“, на која заедно со Камерниот оркестар на Битола, настапија повеќе познати музички имиња, меѓу кои „Паркети“, „Суперхикс“, Констракта, Каролина Гочева, Love Itoya, Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.
Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој најави дека овој настан е само почеток на прекрасната програма на БИТ ФЕСТ ова лето. Коњановски се заблагодари за поддршката од своите сограѓани и интересот за организација на еден ваков голем настан, кој покажува дека Битола навистина е град на културата со големи културни капацитети кои од година во година, спонтано наметнуваат се повисоки стандарди на квалитет.
На вечерната програма по повод отворањето на „БИТ ФЕСТ“, претходеше програма за најмладите или првата детска олимпијада насловена „Ај на Олимпијада во Битола”, на која учествуваа околу 200 деца на возраст од 5 до 10 години. Заштитно лице на олимпијадата е пелистерскиот рис Менде, а имињата на тимовите беа инспирани од најпознатите битолски населби.
Настанот се одвиваше на тениските игралишта до Градски стадион и беше вистинска симбиоза на насмевки, возбуда и многу интересни спортски игри.
Битола вчера покажа дека е град на спортот, град на културата и град кој заслужува повеќе настани од ваков карактер, што беше посебно потврдено од страна на среќната и задоволна публика.
Организатор на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ е Општина Битола, заедно со своите соработници и културни работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.