Култура
Отворен е шестиот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2024 година

Шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс ламина“, во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, е отворен и трае до 1 јули 2024 година. Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2024 година.
За наградата „Пегаз“ може да конкурираат необјавени романи (ракописи) за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта [email protected] како „Ворд“ или ПДФ-документ.
Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија, составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чиј состав ќе биде објавен дополнително.
Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
„Пегаз“ е производ на идејата за откривање нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е утврдена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022) и „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023), што ќе биде објавен следниот месец.
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Конститутивна седница на координативното тело за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик

Денеска, во Порта „Македонија“ се одржа конститутивен состанок на координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
На првата конститутивна седница министерот Љутков се заблагодари за присуството и за посветеноста да бидат дел од оваа значајна и одговорна работа, со која се означи почетокот на подготовките за одбележување на еден многу важен и значаен јубилеј за нашата земја и за нашиот народ.
„Конституирањето на ова координативно тело е многу важен чекор за организирање на сите активности што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Со вашата експертиза, посветеност и соработка сигурен сум дека ќе создадеме програма што ќе ја истакне важноста на македонскиот литературен јазик, ќе го прослави неговото наследство и ќе ја промовира неговата современа употреба“, рече Љутков.
Наша задача е, како што рече, да организираме настани, изложби, конференции, издавање публикации и други културни активности што ќе го истакнат значењето на македонскиот јазик како носител на културната и националната меморија, но и како живо средство за комуникација, за образование и креативност во денешно време.
„Како министер за култура, сметам дека овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и важен момент за размена на идеи за иднината на македонскиот литературен јазик. Во текот на овие 80 години нашиот јазик се развива и осовременува, а ние, како носители на културната политика, имаме одговорност да го негуваме, да го штитиме и да го пренесуваме на идните генерации“, рече Љутков.
Тој порача овој јубилеј да биде поттик за нови размислувања за иднината на македонскиот литературен јазик, за неговото место во глобалниот контекст, но и за неговото место и развој во сите сфери на животот.
Култура
Cuban Fire – Националниот џез-оркестар свири афрокубанска музика

Уште едно неверојатно музичко доживување од Националниот џез оркестар, кое овој пат се фокусира на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии! Оваа автентична „латино свита“ ќе ја води диригентот Зиги Фајгл кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко.
„Cuban Fire“ е насловот на концертот кој е закажан за 20 февруари во Филхармонија, со почеток од 20 часот, именуван по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“
На концертот, оркестарот ќе настапи со појачана дувачка и ритам секција, сето тоа за поголема автентичност при доловувањето на афро-кубанските ритми и мелодии кои доминираат во избраниот репертор.
Стен Кентон е влијателен американски џез-бенд, пијанист, композитор и аранжер чијашто музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
Култура
Оскаровска Гала вечер – музичко филмска бајка во МНТ

Вистинска филмска магија ќе се случува на 22. февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар во Скопје кога ќе се одржи втората Оскаровска Гала вечер. На концертот ќе бидат изведени песни кои влегле во филмската историја и биле номинирани и наградени со Оскар.
Ќе ги исполнат врвни македонски пејачи, Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска (South Park), Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Марија Димитријевиќ, Јасна Димитровска заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect под дригентската палка на Владимир Димовски и Полифонија.
Миланка Рашиќ, коментатор на Оскаровското шоу и автор на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ, ќе ја води публиката низ Оскаровските приказни.
Филмската магија на сцената ќе ја создадат и настапите на балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и танчерите од танц клубот Dancers United.
„Музичкиот избор од оскаровските песни е извонреден. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во маестралните изведби на големите хитови и во нашиот музичко филмски времеплов“ – вели Миланка Рашиќ.
„Ова е еден од ретките настани во нашата земја на кој се изведува музика со врвен квалитет. Преку овој концерт се чувствуваме како дел од Оскаровската магија“– вели Горан Наумовски.
Пристигнувањето на посетителите на Црвениот тепих е од 19.30., а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.