Култура
Отворен повик за 13. издание на Фестивалот за кратки филмови Balkans Beyond Border

Balkans Beyond Borders (BBB) ги повикува македонските млади режисери да ги пријават своите филмови на 13. издание на интернационалниот фестивал за кратки филмови Balkans Beyond Border.
Фестивалот за првпат ќе биде одржан во Македонија, во градот Битола, откако во последните 12 години фестивалот патуваше во 10 града (Белград, Тирана, Атина, Букурешт, Сараево, Солун, Брисел, Нови Сад, Измир, Приштина).
Фестивалските награди ќе ги додели жири составено од познати професионалци од филмската индустрија. Наградата за најдобар филм изнесува 1.000 евра, а ќе биде доделена и награда за најдобар дебитантски филм, специјални признанија и награда од публиката.
Конкурсот е отворен за младите уметници од Балканот и пошироко, а рокот за пријавување трае до 31 мај оваа година.
Повеќе информации за условите и начинот на пријавување на следниот линк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Три фестивали и неколку актуелни европски продукции во јули во Кинотека

По годинешното летно издане на фестивалот на музички документарци Скопје синема сити, јулската програма на Кинотеката продолжува со проекции на филмовите од програмата на фестивалот на нов европски филм – СИНЕДЕЈС.
На репертоарот на СИНЕДЕЈС ќе можете да видите неколку нови остварувања од европските кинематографии, како и четири наслови на еден од најзначајните автори на германската и европската кинематографија во овој век, Фатих Акин. НА РАБОТ ОД РАЈОТ (Auf Der Anderen Seite / The Edge Of Heaven), ОД НИКАДЕ (In The Fade / Aus Dem Nichts), РЕЗ (The Cut) и ДУШЕВНА КУЈНА (Soul Kitchen) се насловите на овој мајстор на човековата драма кои скопската публика ќе може да ги види под отворено небо во летното кино.
Средната на јули е резервирана за новото издание на Фестивалот на електронска музика, визуелни уметности и нови медиуми – ДЕСОНАНЗ. Јулската програма на Кинотеката го содржи и уникатниот француски документарен филм КАДИФЕНА КРАЛИЦА ( La panthère des neiges / Velvet Queen), снимен на Тибет, чии автори трагаат по реткото животно и смислата на денешниот живот, а на програмата е и кинеската акциона драма ПЛАНИНА НА СМРТТА (Feng bao / Cloudy Mountain).
Францускиот филм ТИТАН (Titane) во режија на Жулија Дукурно (Julia Ducournau) е од оние наслови што не треба да се пропуштат. Победата на минатогодишниот кански фестивал, но многу повеќе контроверзите што ги предизвикува, го прават ТИТАН филм што ги бранува духот и вкусовите на филмофилите.
СÈ ПОМИНА ДОБРО (Tout s’est bien passé / Everything Went Fine) на Франсоа Озон (François Ozon) е уште еден нов бисер на актуелната француска кинематографија: семејната драма со ѕвездената актерска екипа предводена од Софи Марсо (Sophie Marceau) го третира контровезното прашање за евтаназијата како спас.
Австриско-германската копродукција ГОЛЕМА СЛОБОДА (Große Freiheit / Great Freedom) на режисерот Себастијан Мајзе (Sebastian Meise) го осветлува криминализирањето на машката хомосексуалност во Германија долго век и половина, кое опстојувало во неколку дијаметрално различни општествено-идеолошки уредувања, од феудализмот преку нацизмот, до современата демократија.
Уште еден наградуван германски филм е на јулската програма. Станува збор за ФАБИЈАН (Fabian oder Der Gang vor die Hunde / Fabian: Going to the Dogs) во режија на Доминик Граф (Dominik Graf), чија сторија го осветлува Берлин во почетокот на 30-тите години од минатиот век. Францускиот филм ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА (Les Olympiades, Paris 13e / Paris, 13th District) на режисерот Жак Одијар (Jacques Audiard) е необично црно-бело остварување за сексуалноста како бегство од сè она што го гуши модерното општество.
На таа критичка линија се наоѓа и СО СРЕЌА ДУПЕЊЕ ИЛИ УЛАВО ПОРНО (Babardeală cu bucluc sau porno balamuc / Bad Luck Banging or Loony Porn) на Раду Јуде (Radu Jude), па го повторуваме овој романски филм на репертоарот на Кинотеката. На јулската програма е и МЕМОРИЈА (Memoria), филм во режија на уникатниот тајландски автор Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul), кој раскажува мистериозна сторија за Шкотланѓанка во Колумбија.
Култура
Омаж на филмовите на Јане Алтипармаков на „Скопје синема сити“

Со ретроспективата на музичките документарни филмови на македонскиот режисер Јане Алтипармаков на 4 јули и со филмовите „Сестри со транзистори“ и „Моби: Мобидок“ на 5 јули ќе се затвори осмото издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“.
Фестивалот, кој почна со изложба на фотографии од Ник Кејв на Немања Ѓорѓевиќ и филмот „Ник Кејв: 20.000 дена на земјата“, му оддаде почит на Кејв, кој е артист во фокус на фестивалот.
На 4 јули, во рамките на програмата на македонски автори и филмови, фестивалот ќе прикаже ретроспектива на филмовите на Алтипармаков – „Гето 103,“ „Фолтин се јави,“ „Бадмингтонс“ и The Hip Overdrive. Повеќето од овие филмови се исчезнати од архивата на МРТ и ова е последна можност да се видат од личната архива на Алтипармаков.
Фестивалот се затвора со двата филма за електронска музика на 5 јули. „Сестри со транзистори“ ја раскажува историјата на електронската музика, но преку жените композиторки, чии достигнувања биле од суштинска важност за овој жанр. Филмот е во нарација на Лори Андерсон. Фестивалот завршува со филм за Моби, каде што на луциден начин е даден портрет на овој уметник и неговите подеми и падови во една богата кариера.
Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“. Автор на дизајнот е на Дијана Димитриевска. Програмата на фестивалот „Скопје синема сити“ е поддржана од Агенцијата за филм, Министерството за култура, КинотекаТА на Северна Македонија, Културно-информативниот Центар, ПР-агенцијата „Навигаторс“ и „Спона“, центарот за култура на Србите во Македонија.
Култура
Групната изложба „Проект 4“ во Културно-информативниот центар

Утре со почеток во 20 часот во Културно-информативниот центар, Салон Империјал 1 и 2, се очекува отворањето на групната изложба насловена „Проект 4“ од ликовните уметници од Србија Татјана Армуш, Данијела Тасиќ-Цветковиќ, Мила Алексиќ и Татјана Димитријевиќ.
„Проектот 4 не постои. Просторот во кој е родена идеjата, поставката на Проектот 4, во еден момент поседуваше димензии во рамките на кои се наоѓаше сè, воедно и временската димензија во која, надвор од сето тоа, ништо не постои“, соопшти организаторот.
Со оваа поставка во новиот простор, со димензија на времето кое во себе ги содржи сите потенцијални енергии за реализација на скоковите, преку и покрај наметнатите пониски енергетски битисувања, Проектот 4 не постои како фиксна, непроменлива детерминанта, туку го започнува својот пат на излез од зададените ни форми.
Татјана Армуш
Родена 1986 година во Сомбор (Србија) каде завршува основно и средно училиште. Дипломирала 2009. година на Факултетот на уметности во Приштина (со седиште во Звечани) на насоката ликовна графика во класата на професорот Зоран Јовановиќ – Добротина. Реализирала три самостојни изложби и изложувала на повеќе колективни во Сомбор, Нови Сад, Белград, Косовска Митровица и Грачаница.
Данијела Тасиќ-Цветковиќ
Родена 1974 година во Оџаци. Завршила гимназија „Вељко Петровиќ“ во Сомбор. По завршувањето на ВШЛИПУ во Белград, запишува Факултет за ликовна уметност, насока сликарство. Дипломирала 2003 година, а магистрирала 2007 на истиот факултет во класата на професорот Јован Сивачки. Член е на УЛУС од 2003 Добитничка е на неколку награди за сликарство во текот на студиите и награда на Сомборскиот ликовен салон 2017 година. Често учествувала на групни изложби, а излага и самостојно.
Мила Алексиќ
Живее и работи во Сомбор, учествувала на повеќе заеднички изложби и реализирала една самостојна. Се занимава со самоистражување низ концептот на монохромни инсталации и записи.
Татјана Димитријевиќ
Родена 1965 година во Сомбор, Србија. Дипломирала 1988 на Академијата на ликовна уметност во Нови Сад, на насоката за сликарство, во класата на професорот Душан Тодоровиќ. Изложувала самостојно и на бројни колективни изложби во земјата и странство (Италија, Норвешка, Француска, Швајцарија), учествувала и на повеќе собири на ликовни колонии. Од 2009 до 2018 година ја реализирала Street art акцијата на плоштадот Св. Тројство во Сомбор.
Изложбата ќе биде отворена до 23.7. 2022 година.