Култура
Охридско лето и македонските уметници со постхумен концерт му оддадоа почит на композиторот Томе Манчев
Фестивалот Охридско лето синоќа организира концерт со кој му оддаде почит на истакнатиот македонски композитор Томе Манчев. Ова е првиот постхумен концерт што ќе остане запаметен и како прво јавно обраќање кон публиката по неговата ненадејна смрт во април годинава, која се случи за време на пандемијата и здравствените рестрикции, поради што неговите блиски, колеги, пријатели и почитувачи на делото не можеа достојно да го испратат и да му се заблагодарат за сѐ што направи за македонската музичка култура.
„За жал, нашиот професор и композитор на македонската класична сцена нѐ напушти годинава и не го дочека својот 70-ти јубилеен роденден“, рече селекторката на музичката програма на фестивалот Охридско лето, Даница Стојанова, која најавувајќи го концертот во предворјето на духовниот храм „Света Софија“, ја повика публиката со едноминутно молчење да му оддаде почит на Манчев.
Модератори на вечерта посветена на композиторот Манчев беа обоистката Маја Чанаќевиќ, негова внука, како и композиторката Валентина Велковска-Трајановска, и двете негови студентки.
Како што истакна Чанаќевиќ, оние што го познаваа нејзиниот вујко Томе Манчев знаат дека тој навистина ја живееше музиката како ретко кој друг. До крајот на својот живот, додаде таа, Манчев се држеше до постулатот дека потребата да се твори е основниот мотив на неговото живеење.
„Да се зборува за една личност која беше толку сестрана во животот, а особено во полето на музичката уметност, истакнувајќи се, но и оставајќи трага, не само како композитор, туку и како музички педагог, истражувач и публицист е навистина тешка задача. Во текот на својот музички плоден живот напишал огромен опус на композиции, кои, верувам, ќе останат да живеат во рацете на многуте генерации музичари. Голем е бројот на студенти и композитори што ја имаа привилегијата да го учат музичкиот и композиторскиот занает од него. Зад себе остави и голем број публикации и истражувачка работа, во кои секогаш со огромен жар пишуваше за музиката“, рече Чанаќевиќ.
Според неа, Томе Манчев бил строг, но праведен професор, а знаењата што им ги пренесувал на студентите се бесценети.
„Како личност беше бескомпромисен во секоја смисла на зборот и кон себе и кон својата работа, но и кон сите оние што се обидуваше да ги научи на вистинските вредности за музиката и професијата. Специфичен дух, интелигентен, бескрајно музикален, чесен, педантен до совршенство во работата, но и во животот. Беше перфекционист и за него сѐ мораше да биде доведено до совршенство, звукот, изведбата, творењето, работата, секојдневието… Имаше огромна почит кон неговите учители, кон татковината, родната Македонија“, рече Чанаќевиќ.
Осврнувајќи се на обемното творештво на Манчев, композиторката Валентина Велковска-Трајановска рече дека тој беше и ќе остане истакнат композитор со маркантно творештво, педагог што целосно и несебично им се посвети на студентите до последниот момент од животот, музички писател и истражувач што поставуваше параметри каков треба да биде ликот на стручно и квалитетно изработен труд и општестествен деец, кој поаѓаше од парадигмата дека секој треба да ја сака татковината повеќе од себеси и да биде добар и искрен човек.
„Композиторот Томе Манчев беше голем човек со исклучителна професионалност, со целосна посветеност и неисцрпна инспиративност, ментор што несебично ги споделуваше своите идеи, искуства и огромно знаење. Композитор и професор што приоѓаше кон секој проблем со перфекционизам, со стремеж, тоа што ќе се изработи и создаде, да биде совршено и беспрекорно, а во неговите дела совршенството го исполнуваше со длабока емотивност, со силни чувства и јасна национална определба, која произлегуваше од неговата бескрајна почит кон музичкото наследство на македонското поднебје и мислата водилка да се осмисли нешто ново што не е досега создадено. Кон сите прашања, дела и трудови композиторот Манчев приоѓаше на единствен, за него препознатлив и непопустлив начин, секој збор, секоја мисла, секоја нота да бидат избрани откако најмалку дваесет пати ќе осмислат, проверат, прегледаат, сѐ дури не го добијат своето идеално значење“, рече Велковска-Трајановска.
Во рамките на постхумниот концерт истакнатите македонски уметници – баритонот Горан Начевски, Марјан Милошевски на фагот, пијанистките Весна Ангеловска-Христов, Елена Атанасовска-Ивановска и Маја Шутевска-Кировска, виолинистот Љубиша Кировски и Антоние Весковски на ударни инструменти – изведоа композиции од разни периоди во творештвото на композиторот Томе Манчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

